Младоста е среќна бидејки може да ја види убавината. Секој што може да ја зачува способноста да види убавина, никогаш не остарува.
Книгата „Писмата за Милена“ е своевиден љубовен роман, составен од низа драматични писма во кои јунакот „Кафка“ отелотворува необични и вонредни страсти, а истовремено е и сведоштво за болката и безнадежноста.
Невидливите конци на судбината го поврзале човекот со генијален ум, несреќен и копнежлив со силната жена која никогаш не се откажа од своите идеали, жената која со перо се бореше против Хитлер, која поради своите ставови починала во логорите на смртта, која музејот „Јад Вашем“ во Ерусалим ја прогласи за „праведница помеѓу народите“ затоа што им помагаше на Евреите за време на Хитлеровото нацистичко владеење.
Благодарение на нивните пријатели, нивната преписка е зачувана и објавена. Зачуваните писма се сведоци на една безвременска љубов, но и сведоци на талентот и стравот кој во себе го носеше Кафка, како и на силата и плашливоста што ги имаше Милена Јесенска.
Тоа, несомнено беше необична, но голема љубов. Тие двајца заедно беа само неколку денови, а потоа низ преписки со години ја градеа таа несекојдневна поврзаност и љубов.
„Одеднаш забележувам дека всушност не можам да се сетам на ниту една одредена поединечност на Вашето лице, туку само како се оддалечувавте, поминувајќи помеѓу кафанските маси. Вашата става, Вашиот фустан сѐ уште ги гледам…
Милена, ако те сакаат милиони, помеѓу нив сум.
Ако те сака само еден, тој сум.
Ако никој не те сака, знај дека умрев“.
„Велите дека е возможно Франц да се плаши од љубовта, а не се плаши од животот. Јас мислам дека тоа е поинаку. За него животот е нешто сосем различно отколку за другите луѓе. За него парите, берзата, машината за пишување се потполно мистични работи (тие навистина и се, но за нас не се такви). Тоа се за него најголемите, најчудни гатанки кон кои воопшто нема ист однос како и ние. Тој не е способен да лаже. За него нема најмало пребежиште, нема скривалиште. Затоа е изложен таму каде што сите ние сме заштитени. Тој е како гол човек помеѓу толпа облечени луѓе“ (Од писмото на Милена Јесенска до добриот пријател на Кафка, Макс Брод, Август 1920)
Првата реченица во романот Процес е парадоксална.
„Некој мора да го наклеветил Јозеф К, затоа што иако не направил никакво зло, едно утро беше уапсен.“
Се суди на наклеветените, а не на клеветниците, но во овој случај беше поинаку. Очекувајќи доручек, Јозеф К. има неочекувани гости. Не знаејќи кој го наклеветил, не знаејќи за што е наклеветен и виновен, Јозеф К. е уапсен. Барајќи го налогот за апсење од стражарите,тие му одговараат: „Се однесувате полошо од дете. Што сакате? Би сакале брзо да го завршиот вашиот проклето долг процес со тоа што со нас, стражарите, дискутирате за легитимација и налог за апсење?“
Каков е тој свет во кој што луѓето провалуваат без налог за апсење и носат невин човек? Наместо да си судат себеси и на своите дела, тие судат човек кој не е виновен. Јозеф К. живее во изопачен свет, во свет каде што невините се виновни, а виновните невини. Таму нормалното е ненормално, а ненормалното нормално. Уапсениот човек живее слободно.
Франц Кафка е роден во Прага во 1883 година, и припаѓал на еврејското малцинство што зборувало Германски, и поради тоа бил аутсајдер.
Поддршка не нашол ни во сопствената фамилија. Низ животот пател поради својот татко, кој повеќе сакал неговиот син да се занимава со некоја „Процес“ работа, наместо да биде писател.
Поради што не можел да живее само од пишењето, Кафка претпладне работел како чиновник во осигурителна компанија, а потоа се посветувал на работите во кои уживал: возел мотор, одел во кино и во јавни куќи.
Навечер пишувал дневник, приказни и романи. Неговиот најдобар пријател Макс Брод, кој го запознал додека студирал право, го препознал книжевниот талент на Кафка и го наговарал да почне да ги објавува своите текстови. Кафка пак, се сомневал во своите писателски способности. Умрел на 3 јуни 1924 година, од туберкулоза , неколку недели пред својот 41 роденден.
На неговиот пријател претходно му рекол, после неговата смрт сите негови записи да ги запали. За среќа на идните потомства, Макс Брод таа желба не му ја исполнил. Да ја исполнел – „Процес“ никогаш немаше да биде објавен. Денес, тој недовршен роман е едно од најпознатите дела на Кафка.
„Преобразба“ или „Метаморфоза“ е една од најпознатите и најинтензивните приказни на Франц Кафка. Скоро сите знаат, дури и оние кои никогаш не го читале, дека во својот опус има една приказна во која што нараторот се претвара во бубачка голема како човек. Доволно е само да се замисли таа сцена за читателот да има цела низа комични и стравични асоцијации. Само првата реченица е приказна во мало: „Кога Грегор Самса едно утро се разбудил од немирните соништа, се видел себеси во постелата претворен во огромна бубачка“
Оваа слика, веројатно ја достигна популарноста како онаа во која Дон Кихот се бори со ветерницата, но како и во случајот со таа борба, повеќето само насетуваат што се крие позади неа.
Оваа страшна и тажна приказна мора да натера секој еден од нас да направи едно големо преиспитување.
Во својата 40 година Франц Кафка (кој никогаш не се оженил и немал деца) еден ден, шетајќи низ паркот во Берлин, сретнал девојче кое плачело бидејќи ја изгубило својата омилена кукла.
Таа и Кафка безуспешно ја барале куклата цел ден, па Кафка предложил наредниот ден повторно да се сретнат во паркот и да ја бараат куклата. Утредента, откако повторно не успеале да ја пронајдат, Кафка се сетил на девојчето и дал писмо кое го „напишала“ куклата во коешто пишувало: „Немој да плачеш, тргнав на пат околу светот. Ќе ти пишувам за моите авантури.“
Кога повторно се вратил во Берлин, Кафка на девојчето и купил нова кукла.
„Не личи на мојата кукла“ – рекло девојчето
Кафка тогаш и дал писмо во кое што куклата рекла: „Моите патувања ме измениле.“ Девојчето тогаш ја гушнало куклата.
После една година, Кафка умрел. Многу години подоцна, кога девојчето било возрасна, пронашла писмо во куклата. Во писменцето потпишано од Кафка пишувало:
„Сѐ што сакаш најверојатно ќе биде изгубено, но на крајот ќе се врати во некој друг облик.“
Франц Кафка денес се смета за еден од најголемите писатели на сите времиња. Стилот на неговите кратки приказни се карактеризира со спој помеѓу реалноста и фантазијата, а главни мотиви или столб на неговото целокупно творештво претставуваат егзистенцијалната анксиозност, апсурдната бирократија, отуѓеноста и вината.