Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола, и во време на огромни подготовки за претстојното 44. издание на Светската детска ликовна изложба по конкурс „Битола” и јубилејното 45. издание на Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр”, брои нови награди.
Овој пат, тоа е огромно признание за ликовниот талент на нивните членови Ана Полизовска и Миа Мицевска од 54. издание на Светската детска изложба на ликовни уметности „ICEFA Lidice” 2026 година во Чешка, која е во коорганизација со Министерството за надворешни работи и Министерството за образование на Република Чешка.


„Конкурсот „ICEFA Lidice”, ако се земе предвид неговото опстојување повеќе од половина век, е посебен и по пристапот на коорганизаторите, со што наградените ученици – учесници, наградите ги примаат во своите земји од амбасадорот на Република Чешка, на посебна церемонија која има силен педагошки ефект врз перцепцијата за тоа колку е вреднуван талентот на младиот ликовен уметник, но и кое е нивото на почит со кое треба да му се обраќаме.
На конкурсот „ICEFA Lidice” испративме 25 цртежи од 20 ученици од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола, кои работеа на зададената тема со наслов „Игра”, и штотуку ги добивме резултатите.

На конкурсот за 54. издание пристигнале 15.000 цртежи од приватни и државни школи од 69 земји, од кои, по опсежната работа, со дипломи биле наградени 1.200 ликовни дела, додека 1.300 уметници добиле пофалници, а само 150 се здобиле со медал за прикажан посебен ликовен пристап во творечкиот сегмент, познат и како почесна награда „Розите на Лидице”.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола е посебно гордо што меѓу тие 150 наградени се и нашите членови Ана Полизовска и Миа Мицевска, што е огромна реткост на овој настан. Тоа нè прави особено горди.” – истакна Елена Хаџи-Антоновска, претседател на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола.

Наградите, согласно организаторите, Министерството за надворешни работи и Амбасадата на Република Чешка во Македонија, ќе бидат доделени по 31 мај 2026 година, а главната манифестација, насловена како „Rose of Lidice”, ќе се одржи на 30 мај 2026 година во Прага.


Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола на конкурсот „ICEFA Lidice” учествува повеќе од 25 години, од кои повеќе од 15 пати амбасадорите на Република Чешка биле гости во Битола, кога им ги доделувале наградите на членовите на организацијата.








