Легендарните Kraftwerk, пионерите на електронската музика и бендот кој засекогаш го промени звукот на современата сцена, за првпат ќе одржат голем open air концерт во Скопје.
Настанот е закажан за 25 јули (сабота), со почеток во 21 часот, а како локација е избран Стадионот на АРМ.
По минатогодишната најава за Massive Attack, истите епитети без двоумење може да се употребат и за Kraftwerk – бенд и бренд кој секогаш е пред времето. Со нивната нова „Multimedia 2026“ турнеја, Kraftwerk го вклучуваат Скопје на мапата на светски музички метрополи.
Добитници на Grammy Lifetime Achievement Award и членови на Rock & Roll Hall of Fame, Kraftwerk се повеќе од бенд – тие се институција. Од електро и синт-поп, преку техно, до хип-хоп и поп културата воопшто, нивното влијание е немерливо и присутно повеќе од пет децении.
Во време кога вештачката интелигенција и технологијата сѐ повеќе го обликуваат секојдневието, Скопје ќе го пречека бендот кој прв ја отвори дилемата за симбиотската врска меѓу човекот и машината. Kraftwerk не се само автори на концептуални албуми – тие самите се концепт, уметнички проект во кој звукот, визуелниот идентитет, технологијата и live перформансот функционираат како едно целосно дело.
Нивното влијание одамна ги надминува рамките на електронската музика. Артисти како Daft Punk, Kanye West, Depeche Mode и David Bowie отворено ги наведуваат Kraftwerk како инспирација, што дополнително ја потврдува нивната уникатна позиција во историјата на поп музиката.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од среда, 28 јануари, во 10:00 часот, онлајн на avalonbooking.mk и преку продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија, по следните цени:
- Партер: 1.990 денари
- Фан пит: 2.990 денари (ограничени на 1.000 влезници)
Подгответе се – иднината доаѓа на 25 јули, а нејзиното име е Kraftwerk.








