Пишува: Дејан Нашоку
Некогаш луѓето зборуваа со глас. Денес — со известување. Некогаш постоеше маало, сега има адреса. Некогаш соседот ти позајмуваше шеќер, денес ти позајмува Wi-Fi. И така, чекор по чекор, ја заменивме блискоста со сигнал, разговорот со нотификација, а човекот со контакт.
Не е тоа трагедија. Тоа е еволуција — или барем така сакаме да веруваме. Современиот човек ја издигна самотијата во култ. Ја вика самодоволност, ја слави како врв на зрелоста. Сака да верува дека не му треба никој, дека е независен, целосен, само свој. И навистина е така — сè додека телефонот не замолчи.
Секој ден го славиме индивидуализмот како победа над масата, над глупавоста, над општеството. Но некако заборавивме дека токму масата — тие несовршени, досадни луѓе околу нас — беше она што нè правеше луѓе. Ние не станавме посвесни — станавме поспокојни во изолацијата. Си изградивме удобни ѕидови, со звучна изолација, за да не се слушаме меѓусебно. Си ги затворивме прозорците и рековме дека тоа е „личен мир“. И потоа се чудиме зошто воздухот мириса на студ.
Семејните собири? Да, постојат уште — но не за зближување, туку од навика. Формалноста стана новата љубов. Сите седат на маса, сите се присутни — телесно. Се наздравува за здравје, се зборува за времето, за телевизија, за политика, за сè што не боли. Некој секогаш гледа во телефонот, некој во чинијата, а некој во спомените од времето кога ваквите собири значеа нешто. Порано семејството беше заедница. Денес е распоред во календар. Да се направи адетот.
Ние не се оддалечивме нагло. Не избравме да се разделиме — едноставно престанавме да се мешаме. Поврзани сме со кабли, но не и со чувства. Ги мериме односите со пораки, не со погледи. Си кажуваме „те сакам“ преку екрани. И колку повеќе зборуваме за емпатија, толку помалку ја практикуваме.
Општеството не пропадна во револуции. Се распадна тивко — со љубезни насмевки, учтиви молкови и внимателна дистанца. Секој си подигна свој ѕид и го нарече тоа слобода.
Нема повеќе гласни кавги пред згради, нема деца што трчаат по улица, нема старци што нè караат затоа што сме бучни. Денес никој не пречи никому — и сите тивко исчезнуваме еден по еден, без да вознемириме никого.
Велиме дека тоа е ново време — побрзо, посовремено, порационално. Во реалност, тоа е само поудобно умирање во тишина. Нема повеќе заеднички болки, само лични терапии. Нема повеќе колективна среќа, само индивидуални успеси што никој не ги гледа. А индивидуализмот е сосема погрешно сфатен и практикуван. Но за таа тема ќе зборуваме повеќе нареден пат.
Сме станале експерти во дистанца. Мајстори на емотивна економија: да даваш што е можно помалку, да примаш колку да не се чувствуваш празно. И на крај, сите ние сме независни, горди и — бескрајно заменливи.
Не живееме едни со други. Живееме едни покрај други — уредно, без судир, без допир. Како згради што делат ист темел, но различни животи. И кога некоја од тие згради ќе изгори, никој не излегува надвор — само се намалува осветленоста на хоризонтот.
Да, тоа е новиот свет — модерен, рационален, дигитално поврзан и духовно мртов. Иронично, никогаш не сме имале повеќе начини да се слушнеме. Само што повеќе никој нема што да каже.








