Stefan stujard nas

Стефан Јузмески од Охрид своето кариерно искуство како стујард во една од петте најпознати авиокомпании во светот ,,Emirates airlines” го опишува како вистинска авантура. На 26 години, Стефан успеа да го види светот од еден поинаков агол.

Јузмевски бил дел од многу проекти, како низ Македонија, така и низ светот. Студиите ги заврши во Констанца, Романија и воедно е прогласен за успешен студен во одделот на економијата и маркетингот. Во последните неколку години, Стефан, е желен да помага, да волонтира и да ја шири хуманоста. Ужива во животот надвор од комфорт зоната и не се плаши да го запознае светот.

Денес живее во Дубаи, а работата не му претставува ништо друго, освен забава и уживање низ длабоките разговори со колегите од различнни националности и култури.

Интервјуто е вистинска инспирација за сите оние во кои гори желбата за патување и доживување на различни искуства на своја кожа, како и запознавање со нови култури и нови јазици. Стефан е вистински пример за ослободување од културниот шок и целосно препуштање на просторите надвор од комфортната зона.

Stefan stujard01

Читај бе: Стефан, дали би можел да ни откриеш како го започна твоето авантуристичко патување на позиција ,,стујард” во различни авионски компании?

Никогаш не сум помислил дека ќе го рaботам ова во животот. Гледав многу видеа по социјалните мрежи од луѓе кои летаат и секој ден се на различен крај од светот. Најверојатно во некој момент почна да ми влиjае тоа и да замислувам како би се чувствувал кога би бил на нивно место за да можам да живеам во различни култури и тоа во краток период. Завршив факултет во период на корона и можам да кажам дека немав многу избор во тој момент во мојата област. Случајно, пријатели ми предложија да одам на интервју за една европска авиокопанија која е базирана во Скопје. Ме примија после првото интервју, а работев за нив една и пол година, па потоа решив да аплицирам за поголема компанија. Денес живеам во Дубаи.

Stefan stujard02
meblo trejd za gradina косацки

Читај бе: Колку е лесно или тешко да се работи оваа позиција, за која се верува дека е забавна и предизвикувачка?

Оваа работа е поврзана со сопствената состојба на умот или што би рекле “state of mind”. Многу е лесно кога ќе сфатиш дека постојат поразлични култури од сопствената и дека не секој поединец го дели истото мислење. Некогаш сме дури и 25 вработени на еден лет и сите сме од различни култури и националности. Благослов е кога секој од нив ќе ти каже нешто за сопствената држава, историја или начин на гледање на некои работи. Научив да кажам по некој збор на повеќе јазици. Иако некои летови се над 12 часа, со вакви разговори работно време воопшто не ми е напорно, а времето поминува брзо. Убавината во оваа работа е тоа што постојано растам и  созревам на емотивно поле. На некои проблеми гледам поинаку и научив многу лесни начини како да се соочам со нив само од тоа што водам најразлични разговори со колеги и патници и им дозволувам да си го кажат своето мислење и погледот кон светот.

Читај бе: За која авионска компанија работиш моментално и како би го опишал твоето искуство во една реченица?

Работам за Emirates airlines.  Само еден збор “авантура”.

Читај бе: Што е она што те прави најсреќен во оваа работа и зошто?

Со кој и да правиш интервју, а работи тука мислам ќе го каже истото. Дестинациите кои ги посетувам се она што ме прави среќен, а се работи за 130 дестинации, тоа се 85 држави на 6 континенти. Лично уживам кога гледам како други култури живает во своите држави. Каде и да одам седнувам да пијам кафе, гледам и анализирам како локалците функционираат меѓусебно и со околината, некако ме опушта и ми го одмора духот и телото.

Читај бе: Кои квалитети треба да ги поседува еден поединец, заинтересиран да работи на оваа позиција и на што сѐ треба да е подготвена една личност за успешна кариера во ова поле?

Три најзначајни квалитети. Да бидеш космополит, инспиративен и грижлив.

Читај бе: Што сè ти е дозволено да правиш во слободното време, помеѓу еден и друг лет?

Меѓу летови сум во Дубаи. Имам многу слободно време. Најчесто сум со пријателите низ градот. Во Дубаи е секогаш интересно и откриваш многу нови места каде што можеш да се забавуваш на најразличен начин. Обожавам да гледам филмови, да играм на плејстејшн или да читам некоја добра книга. Кога имам пауза на некоја дестинација, во друга држава сум надвор и гледам да го искористам до максимум моето време таму.

Читај бе: Кои земји си го посетил и што сѐ би ни раскажал за неповторливите искуства?

Овај параграф ќе биде премногу долг, затоа ќе се обидам да ги опишам искуствата низ кратки реченици.

Сум се капел со слон во река во Шри Ланка. Сум посетил храмови во Индија, вкусив шкорпија во Тајланд. Си ја посетив фамилијата во Мелбурн. Се возев во сафари во Јужноафриканската Република меѓу зебри, жирафи и диви мачки. Бев на -20 степени во Москва. Ја видов Мона Лиза во Париз. Сингапур е најчистото место на планетава. Ранев и си играв со кенгури и коали во Бризбејн. Добив желба да се преселам во Сиднеј, бидејќи е перфекција од град.

Stefan stujard06

Читај бе: Што ти оставило најголем впечаток од досегашните настани и збуднувања?

Незнам што да издвојам поточно. Но, сакам да ги пофалам луѓето во Азија дека се на некое повисоко духовно ниво од нас. Многу се добри и кротки, секогаш расположени, секогаш тука да помогнат и се благодарни за тоа што ќе ги поздравиш по улица. Изненаден сум од нивниот начин на гледање на некои работи. Исто така во Јужна Африка заприметив дека природата многу им е зачувана, внимаваат да го зачуваат природното богатство. Видов зграда изградена на чуден начин само заради едно дрво кое беше пораснато на криво и не сакале да го допрат или да го исечат.

Читај бе: Колку е значајно да си отворен, комуникативен и да поседуваш гледишта надвор од комфорт зоната за да просперираш на оваа позиција?

Најзначајната карактеристика. Како што знаеме сите комуникацијата е темелник на здрава и просперитетна врска, било тоа да е романтична, пријателска или професионална. Да си отворен и комуникативен е двонасочен процес на размена на информации, идеи и чувства, и игра клучна улога во градење самодоверба.

Зоната на комфорт е многу опасна средина. Ако некогаш сте биле во ваква ситуација, знаете колку е тешко да се справите со неа. Но, за се има начин, затоа започнете со малку, поставете лични цели и проширете го кругот на пријатели.

Читај бе: Каква е твојата реакција и кои постапки ги преземате во случај на неочекувани турбуленции во текот на еден лет?

Многу ретко имаме неочекувани турбуленции. Технологијата е многу напредната во тоа поле така што уште пред лет знаеме во кое време да ги очекуваме или кое време од летот ќе се случат. Ги известуваме патниците дека треба да се врзат, а исто така ги одбегнуваме топлите пијалоци и ги заклучуваме тоалетите. Пилотите помагаат многу со тоа што ја вршат својата работа на еден извондреден, висок стандард и се обидуваат да  ги избегнат турбулентните зони. Природата е непредвидлива и поради тоа патниците се информирани секогаш кога се на своите места да бидат врзани, а кога се движат низ кабината да бидат претпазливи.

После толку многу летање не чуствувам страв од турбуленции, веќе ми станаа на некој начин и секојдневие, а некогаш и не ги чувствувам. Ние како кабински екипаж треба да сме смирени во секој случај, бидејќи сите патниции не гледаат нас како реагираме во такви ситуации и ако ние сме смирени, смирени се и тие.

Читај бе: Како се грижите за патниците за време на еден лет? Кои сѐ привилегии ги имаат патниците и како се одвива комуникацијата со нив?

Зависно во кој период од денот е летот, служиме таков оброк кој е направен спрема дестинацијата каде што одиме со цел да даде некое чувство или како што ние викаме да ја почувствуваш локалната храната пред да слеташ. Доручек, ручек или вечера. А некогаш и сите три ако летот е за Австралија или Америка. Најразлични пијалоци, топли и ладни. Системот кој е инсталиран пред секое седиште нуди широк избор на забава. Огромен број на филмови и серии, дури и најновите филмови кои моментално се проектираат во кино салите. Преведени и синхронизирани, поделени на жанрови и држави на потекло. Музички албуми, концерти, аудио книги и тв. канали во живо. Исто така wi-fi низ целот лет. Игри за најмладите и за повозрасните. И моето омилено е светлосниот систем низ кабината кое можеме да го подесиме зависи од периодот на денот, можеме, на некој начин, да го измитираме или проектираме изгрејсонцето или зајдисонцето внатре во кабината. А навечер да ги пуштиме ѕвездите кои се инсталирани на таванот за да дадат сензација на спокој и чувство како да си во вселената.

Компанијата за која летам е рангирана во топ 5 авиокомпании во светот. Очекувањата се големи, но ние имавме тренинг кој траеше три месеци и ни помогна да се сносиме со тоа. Треба да сфатиме дека не секој патник лета на некоја дестинација и оди на одмор. Некои одат за рекреација и прошетка, други на меден месец. Некои патуваат поради здравствени причини или изгубиле некој најмил член од фамилијата. Давање на вкусна и врвна храна на лет некогаш не е доволно за нивниот комфорт. Треба да бидеме емпатични, позитивни, детални, темелни, внимателни и како што кажав погоре грижливи.

Читај бе: Што би им препорачал, посакал или како би ги советувал нашите читатели на крајот на ова прекрасно интервју?

Следете ги вашите соништа бидејќи ќе ви се исполнат. Слушајте си го срцето и душата и уживјте во животот.

jk travel pobaraj ponuda
Раскажи ми приказна: Професорката Змија Наочарски
Автор: Јордан Николов На професорката Змија Наочарски цело време ѝ студело. Без …
Зошто ги земаме здраво за готово оние кои се секогаш тука за нас?
Во секој од нас има една лоша работа. Секогаш гледаме на она …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…