slagana

Слаѓана Вујошевиќ е македонска ТВ и театарска актерка. Вработена е во НУ Турски театар, а најмладите ја знаат како Биби од „Светот на Биби“. Слаѓана, покрај своите ангажмани, одвои време и одговори на нашите прашања. Раскажа за неа како личност, за наградата на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за улогите во нејзината матична куќа, ангажманите надвор од Македонија и сподели уште многу искуства.

Messenger creation 2B3C5494 0CB4 446B AA4A D4BBB844FE40

Читај бе: Која е Слаѓана во една реченица?

Слаѓана: Искуството ми кажува дека која и да сум сега, нема да бидам уште долго… се надевам само ќе останам љубопитна и желна за континуирани промени и растење…

Читај бе: Кој е твојот најголем страв во оваа професија?

Слаѓана: Дали ќе бидам доволно истрајна во одржување на релевантноста на уметноста, во време кога популарноста станува поважна од сè…

Читај бе: Добитничка си на награда на МТФ„Војдан Чернодрински“ , и тоа за улога на турски јазик, јазик кој не ти е мајчин. Какво е чувството?

Слаѓана: Претставата „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани, а во изведба на ансамблот на Турски театар Скопје, доби четири награди на годинешното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – ова е само една од нив. Ова е претстава која храбро зборува против стереотипите и предрасудите кон малцинските групи и упатува порака за трпение кон другиот и прифаќање на различните. Во претставата сите актери играме по неколку ликови на неколку јазици – турски, македонски, албански, англиски, германски… Ова е претстава во која ние, колегите од Турски театар, се запознавме поинтимно и заедно нурнавме во личните стравови, болки и фрустрации… Ќендрим Ријани е еден од ретките режисери во нашево поднебје кој умее вистински да ја процени состојбата на институцијата во која твори и да го охрабри ансамблот преку уметничко дело, храбро да го испушти својот крик! Сите награди носат радост, но ништо не може да се спореди со процесот во кој се гради една ваква претстава и моментот кога актерот дише или останува без здив заедно со публиката! Десетминутниот аплауз, жарот во очите и стисокот на прегратките на публиката во Прилеп таа ноќ се награди кои не ги собираш на рафтовите, а ја прават уметноста порелевантна од било кога!

Читај бе: Има ли колега со кој отсекогаш си сакала да соработуваш, а сè уште не си имала можност? Доколку има, зошто баш тој/таа?

Слаѓана: Сите колеги од мојата класа на ФДУ, со кои, за жал, сè уште професионално не сум соработувала… Затоа што со нив го засакав театарот, и затоа што на секој еден од нив им се восхитувам и искрено се радувам кога ги гледам што сè постигнуваат и како ја шират љубовта кон уметноста што проф. Владо и проф. Мими ни ја вбризгаа во вените…

Messenger creation 0BC0A54B 1C0E 4DCB 90FA 75E8C34C6F94

Читај бе: Ти си гласот на Биби – детството на една убава генерација. Раскажи ни ја твојата Биби-приказна. Што претставува Биби за тебе?

Слаѓана: „Светот на Биби“ е еден од ретките проекти кои во себе го содржат сето она што сум сакала да го имаат сите проекти на кои работам. Пред сè, тим со срца полни љубов и јасна мисија. Тим кој дава сè од себе – континуирано, за да создаде нешто ново, оригинално и корисно. Ова е проект кој помага во развојот на децата, во воспитниот процес на родителите, но е и продолжена рака на наставниците. Да создаваш дело кое те менува како личност, притоа менувајќи ги и другите, е магично!

Messenger creation 98E219D8 2A77 4064 AD8E 9870D32C1566

Читај бе: А кои беа твоите Биби и Боби додека ти растеше? Кои ликови те оформија како дете?

Слаѓана: За жал, во мое време немаше продукција на македонски цртани филмови, па ги гледавме Том и Џери, Мечето Ушко, Снешкото Були, Штрумфови… Но сепак, многу посвежо ги паметам пораките испратени од ликовите од Бушава азбука, Во светот на бајките, Дајте музика, Чудовиштата од нашиот град, Народните приказни од времето на Колозови…

Messenger creation 4FBC7ABA 28BE 47A1 A6F4 2EA165744022

Читај бе: Кога се запиша на ФДУ, дали знаеше дека патот ќе биде баш ваков? Дали некогаш си сонувала дека ќе стигнеш до Турски театар, ќе глумиш во серии, ќе бидеш Биби…?

Слаѓана: Секако дека не, но неиспланираните работи се секогаш многу поинтересни…

Читај бе: Што значи за тебе играњето во турски серии? Зошто баш турскиот пазар? Дали го гледаш како лесно достапен или како предизвик?

Слаѓана: За разлика од тука, во Турција секој актер има свој агент, а да се најде квалитетен, ажурен и посветен агент ми се чини е потешко од четири години студии на ФДУ. Свежо се сеќавам на првиот мој обид да стапам во контакт со една агентка. Со моето ЦД, на кое беа тазе изрежани мојот шоурил, неколку профил фотографии и CV со скромен број на студентски проекти, се упатив во Џихангир – населба позната како гнездо на агенции. Агентката го погледна материјалот и ме праша зошто немам ништо на турски јазик, а јас со моето тогаш навистина основно познавање, се обидов да ѝ објаснам дека сум го научила пред неполни 10 месеци. „Ааа, епа тешко тогаш…“ – ми рече таа. Си заминав многу разочарана и тажна, и како во некој клише филм, ги криев солзите со дождот кој ми се лиеше по лицето… Трошев роаминг за да им кажам на моите дека изгледа тоа е тоа, нема да успеам јас тука… на што тие ми рекоа: „Ама чекај, има време, ќе го совладаш јазикот и сè ќе биде поинаку.“ Тие ми беа ветер во грбот да не се откажам. Се фрлив на учење на јазикот, на совладување на изговорот и дикцијата… и тогаш се појави Сема Али, сценаристка која е дипломирана на ФДУ, но веќе долги години живее и работи во Турција. По улогата во нејзината театарска претстава, влегов и во нејзината ТВ серија, и потоа само следеа други улоги во други проекти. Успеав да дочекам агент мене да ми се јави за соработка. Истанбул е голем и хаотичен град, многу мои колеги сè уште се борат за своето место под сонцето, а многу други колеги го јадат шлагот на светската слава. Но она што е важно е дека секој кој сака да креира, да учи и да расте – Истанбул е градот кој нуди за секого по нешто.

Messenger creation BAFA1708 5296 4647 B21E 7DA50D5DBDA3

Читај бе: Во време на ковид направи онлајн интервјуа со актери, кои го размрдаа театарскиот простор. Што мислиш дека ѝ недостасува на македонската сцена да се размрда повторно?

Слаѓана: Ни треба платформа на која континуирано, јавно ќе говориме за работите кои недостигаат на театарската сцена. Ни фали добра театарска критика, ни фали почесто да си даваме конструктивни забелешки, почесто да си ги гледаме проектите и да остануваме по нив да зборуваме за изведбите… ни фалат повеќе дружби, а помалку кланови…

Читај бе: Каква е атмосферата во Турскиот театар? Те прифатија ли лесно? Имаш ли омилен колега, омилена претстава? И дали има голема публика за претставите таму, бидејќи сè е на турски?

Слаѓана: Турскиот театар е национална установа со 75-годишна традиција. Истовремено е првиот театар кој, иако е надвор од Република Турција, сепак креира претстави на турски јазик. А јас, како малцинство во ова малцинство 😊, или поточно – како Македонка во турски театар во Македонија, се чувствувам топло прифатена. Ја чувствувам поддршката да создавам на овој јазик и охрабрувањето да го усовршувам континуирано… Се разбира, како и секоја друга институција, така и нашата има предности и маани, има љубов и караници… но многу ми е драго кога од колеги од други театри ќе чујам дека делуваме многу сплотено и дека ни се гледа жарот во очите на сцената… и многу се радувам дека токму тоа го разбуди интересот за посета на нашите претстави… Последнава година извадивме навистина одлични претстави: Körler (Слепци), Nevbahar (Пролет), Amadeus (Амадеус)… сите со превод на македонски јазик… ве очекуваме!

Messenger creation 37A29AE5 456B 48EC A133 A3615CBF9308

Читај бе: Што е за тебе љубов?

Слаѓана: Главната состојка на секој од нас… кога сме деца таа е единствена состојка, чиста и недопрена, а како што растеме ја затрупуваме со небитни етикети и идентитети… Љубовта, како и златото, не се наоѓаат со копање, туку со чистење од нив сè што не е љубов или злато!

Читај бе: Имало ли моменти на сомнеж, кога си си рекла „Дали вреди сево ова“? Доколку имало, што те вади од тие моменти? Што те турка напред?

Слаѓана: Не вреди само да се споредуваме со другите, да живееме за туѓи желби и потреби или да реализираме туѓи соништа… или да го парафразирам Џим Кери, кога вели: „Дали е поголемо разочарувањето кога нема да успееш во нешто што не си го сакал или во нешто што си го сакал…?“ Со текот на времето, обидот да го реализирам нештото што ме исполнува, стана процес кој сам по себе ме исполнува!

Messenger creation 6DCDD83E A746 4A07 B59D DCCCD1E5EFF6

Читај бе: Ако ја нема сцената во твојот живот, што останува? Која би била Слаѓана тогаш? Што би правела, каде би се нашла себеси…?

Слаѓана: Кој бара кога се бараме себеси… кој кого наоѓа кога ќе се најдеме себеси? Далеку сум од одговорите на овие прашања… но сум во процес на учење – да не се барам себеси во нештата што ги поседувам или правам… некогаш ми беше важно да стигнам далеку… ама сè почесто ме влечат длабочините…

Ако светот го водеше жена немаше да има солзи
Пишува: Сара Танаскоска Низ историјата женското тело поминало низ многу фази на …
Осаменост меѓу луѓе – тишината што најмногу боли
„Осаменоста не потекнува од немањето на луѓе околу вас. Осаменоста се случува …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

ChatGPT: како да го користите виралниот чат-бот со вештачка интелигенција за кој сите зборуваат – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола Неминовно, иднината што доаѓа е…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Самото читање на „Пролет” од Блаже Конески ја створи мелодијата за песната – интервју со Сара Петровска

Сара Петровска е дипломирана оперска пејачка. Родена 1997 година, во Битола, каде…