Желбата да се биде на театарската сцена надвладеа над онаа да биде лекар. И како што вели во интервјуто за Читај бе: еве ме денес: надрилекар со актерска диплома. Актерката од Народниот театар Битола, Сандра Грибовска-Илиевска вели дека отсекогаш сакала гаела љубов кон театарот, а како што вели, уште од најмала возраст на домашните им правела мали претстави. Сака да ја одигра улогата на Велика од „Пиреј“ и дека нема да се двоуми да прифати улога на филм. Интервјуто го почнуваме со нејзиниот голем успех годинава, наградата за најдобра млада награда на 69-то Стеријино Позорје во Нови Сад, Србија.
Читај бе: Сандра, да започнеме со Вашиот голем успех годинава. После 33 години, Стеријината награда е повторно во битолскиот театар, односно оваа година вие ја добивте наградата за најдобра млада актерка на 69-то по ред Стеријино Позорје во Нови Сад, Србија. Можете ли да ни го опишете вашето чувство во моментот на добивање на наградата?
Сандра: Постои само еден збор кој ми доаѓа на ум, а тој е – неописливо. Ретки се миговите во животот кога човек се чувствува неописливо, кога не постојат зборови со кои би се срочила состојбата на битието. Многу сериозно, а и одговорно си ја прифатив и подигнав Стеријината Награда која ми е поттик да продолжам напред и никогаш да не се откажувам.
Читај бе: Да се навратиме малку наназад. Од каде љубовта кон театарот? Дали желбата да бидете актерка ве следеше од најмала возраст или таа желба дојде подоцна?
Сандра: Од најмала возраст сакав да се преоблекувам, да играм некои други луѓе со некои екстремно интересни животи, да настапувам, да рецитирам, да пеам, да глумам. Публика ми беа домашните, и уживав да ги забавувам со мали приредби во кои ја играв главната улога. Но, љубовта кон театарот и актерството дојде подоцна, некаде во тинејџерските години. Тогаш почнав да ги следам претставите на репертоарот, а и самата зазедов учество во аматерски претстави. Кога почнав од поблиску да го запознавам театарот и да се пронаоѓам на штиците што живот значат, во мене почна да се раѓа и желбата да станам актерка. Но, сакав да бидам и докторка, медицината ме привлекуваше од кога знам за себе. Искрено, се двоумев на што да се посветам и на крај решив да се пробам на ФДУ, па ако не ме примат, да се запишам на медицина. И, еве ме денес: надрилекар со актерска диплома.
Читај бе: Која беше првата реакција на Вашето семејство кога им кажавте дека ќе запловите во водите на актерството?
Сандра: Не знам дали ме сфатија сериозно, веројатно мислеа дека до матура ќе се премислам. А и се премислував неколку пати, што е вистина, вистина е. Сепак, морам да кажам дека моето семејство отсекогаш ми ја давало комплетната слобода да бидам она што сум, да ги следам своите соништа и ме поддржувало во сите важни и неважни моменти од животот. Тие беа покрај мене и кога запловував, а тука се и додека пловам во водите на актерството.
Читај бе: Која беше Вашата прва професионална претстава и каков импакт имаше врз понатамошниот развој на кариерата?
Сандра: Првата професионална претстава ми се случи уште на факултет, кога Благој Стефановски – Баге ме побара да бидам дел од копродукција на Мал Драмски Театар – Битола. Станува збор за претставата ,,Корекција” во режија на Нико Горшиќ, режисер и актер од Словенија, човек со огромно искуство со кој уживав да се дружам и работам. Една година подоцна дипломирав и веќе станав дел од ансамблот на Народен театар – Битола, каде имам остварено соработки со режисерски имиња од земјата и регионот.
Читај бе: Како е да се биде дел од битолскиот театар, ансамбл кој високо котира неколку децении на театарската сцена?
Сандра: Го сакам битолскиот театар, каде и да одам, тоа секогаш ќе биде мојот театар и секогаш одново и одново ќе се заљубувам во него и ќе му се враќам.
Има некоја магија на старите штици, во ходниците-лавиринти, во црвениот плиш на седиштата, во ќошињата полни прашина и тајни, во чигите од кои висат спомени, во реквизитите оживеани со илјадници шепоти…
Да се биде дел од театар со разнобојна и богата историја како нашиот е одговорност, па е многу работа, потоа е огромен предизвик, некогаш е хроничен умор и неверување, а секогаш е задоволство и уживање…
Читај бе: Која улога би сакале да ја одиграте на сцената на битолскиот театар?
Сандра: Велика од ,,Пиреј” на Петре М Андреевски.
Читај бе: Дали актерството и самата професија влијаат врз Вашиот приватен живот?
Сандра: Театарот е живот, и животот е театар – границата меѓу реалноста и имагинацијата е танка и јас сум суштество склоно кон создавање на различни светови, како на сцената, така и во животот. Без многу поезија, секако дека влијае. Актерската професија е една од ретките професии која станува идентитет од кој некогаш ми е многу тешко да се одлепам. Театарот е универзум кој се живее секаде и секогаш, се нешто има да се додаде, одземе, почувстува, прочита, научи, доправи, замисли, изгради, дополни, … дури и на сон! Пак забегав во поезија 🙂
Читај бе: Кој е Вашиот актерски идол од македонската театарска сцена со кого некогаш би сакале да делите сцена?
Сандра: Немам идоли. Сакам да ја делам сцената со сите колеги кои се расположени за креација, кои си ја сакаат работата, кои не се плашат да поместуваат граници, кои се иновативни и полни со елан и кои не ги заборавиле вистинските вредности.
Читај бе: Дали доколку имате понуда за улога во филм би ја прифатиле? Како гледате на глумата на филмското платно?
Сандра: Секако дека би ја прифатила. За жал, во нашата земја не се продуцираат многу филмови, а и кастинзите најчесто се одвиваат зад затворени врати. Се надевам дека таа политика во иднина ќе се промени, и ќе имам шанса да стекнам поголемо искуство пред камера. Така што, мислам дека би се пронашла во филмската глума, но, засега, театарот останува моја прва и единствена љубов.