Креира под мотото „Роден за да бидам различен”. За себе вели дека по природа е магаломан, хедонист, се пронаоѓа во барокот, сака драма, сака шоу. Штом се спојат сите овие работи, се раѓаат раскошните и луксузни креации на модниот дизајнер од Битола, Муамед Маликовски.
За него, за неговите раскошни креации и инспирацијата прочитајте повеќе во интервјуто кое го направи Елеонора Блажевска.
Читај бе: Раскажете ми за љубовта кон модниот дизајн. Од кога потекнува таа љубов?
Муамед: Можам да кажам дека откако знам за себеси, уште од мали нозе, во себе ја имам љубовта кон уметноста – дали тоа било кон театарот, пишаниот збор или цртањето, уметноста во било кој облик. Бидејќи модниот дизајн е уметност, тоа значи од секогаш таа страст виреела во мене, иако подоцна во тинејџерските години сфатив дека тоа е тоа – како одговор на прашањето зошто секогаш сакам да се истакнам со некое необично парче облека.
Читај бе: Правите многу специфични костими кои не се за секојдневна употреба. Колкава е заработката од таквите костими во Македонија?
Муамед: За жал Македонија е место каде многу малку, скоро и воопшто да нема настани или случувања каде што можат да се износат тие специфични костими, кои се наменети за сцена, за шоу, за црвен тепих, па поради тоа нивниот пласман е повеќе кон странство.
Читај бе: Истите костими кои и вие ги облекувате вашат за многу уникатни коатими. Од каде инспирацијата за креирање толку специфични парчиња?
Муамед: Кога ќе размислам сега вака, инспирацијата си сум баш токму јас. Иако можеби ова би звучело многу нарцисоидно, но самите ние најдобро си се познаваме и е многу нормално самите на себеси да бидеме инспирација. Па така секоја моја креација, мој костим е како моја автобиографија, за сите мои доблести и недостатоци, за сите мои подеми и падови, страсти и неискажани зборови..
Читај бе: Креирате и костими за познати личности, една од нив е и Надица Адемов. Српска пејачка која пееше во Скопје во вашата креација. Како стапивте во контакт со Надица Адемов и што кажа таа за вашите краеции?
Муамед: Сè се случи толку на брзина и толку неочекувано, стапивме во контакт преку менаџерот на Надица и потоа ме исконтактира нејзиниот стилист. Среќа што имав веќе спремни илустрации и скици, па им ги испратив да изберат модел. Надица беше толку многу воодушевена, што без многу размислување ја договоривме соработката и на крај испадна нешто што навистина остави трага во мојот кариерен пат.
Читај бе: Исто така неодамна Ваша креација се најде во Њујорк. Дали би ни откриле повеќе детали и какво е чувството токму Ваш труд да стигне до таква голема светска метропола?
Муамед: Можам да кажам дека чувството е неописливо! Гордоста и еуфоријата прават чуда во таквите моменти! Инаку, од неодамна веќе соработувам со британски шоп во Лондон и ги испраќам своите креации во нивниот showroom. Па преку showroom- от, моите креации летат низ светот. Освен Њујорк, моја креација се износила и во Мелбурн, Австралија, за што можам да кажам дека сум особено среќен и горд.
Читај бе: Кажавте дека инспирацијата за Вашите костими сте самиот себеси, меѓутоа од каде инспирацијата за толку раскошни и луксузни креации?
Муамед: По природа јас сум мегаломан, хедонист, љубител на храна, уживање и луксуз. Се пронаоѓам себеси во барокот – како естетски и уметнички правец на творење. Сакам драма, сакам шоу, не сакам просечни работи. Па така штом ги споите сите овие работи, се раѓаат моите раскошни и луксузни креации.
Читај бе: Колкава конкуренција чувствувате од страна на другите дизајнери и дали стравувате од копирање на Вашите креации и модели?
Муамед: Ако ме прашувате конкретно за Битола, тука немам и не гледам никој како за конкуренција. Ниту во Битола, а ниту околниот регион. Во поглед на второто прашање – воопшто не се плашам. Јас велам ако имаат способност повелете направете ја истата изработка. Можат да ми одземат се, но мојата креативност никогаш! А и некој мора да биде копиран. Така се движиме напред и создаваме нови трендови, нели?
Читај бе: Да не сте дизајнер што би работеле?
Муамед: Кога не би бил ова, би сакал да сум професор по македонски јазик и литература или можеби професор по германски јазик. Тоа ми остана како една неостварена желба.
Читај бе: За кој е потешко да се креира – за мажите или жените?
Муамед: Жените се потешки во поглед на изборот на креацијата, моделот и сите останати ситни детали околу истата. Додека пак машките креации се потешки за изработка во технички гледан аспект, како на пример конструкција, шиење, фитинг и сл.
Читај бе: На која позната личност би сакале да и креирате следно?
Муамед: Дефинитивно мојот одговор е Теа Таировиќ, а потоа Јелена Карлеуша. Овие две личности се наредна моја цел. Контроверзни, успешни и доста популарни дами, кои ми претставуваат огромен предизвик. Од светската сцена би ја издвоил Лорин – двократната евровизиска победничка и уште многу, многу други.
Читај бе: Кој ви претставува најголема инспирација како бренд, а коj поддршка?
Муамед: Како бренд најголема инспирација ми е брендот Guo Pei, кој буквално прави спој на архитектурата и модниот дизајн и секогаш ме остава без збор. Како омилен моден бренд би го издвоил Balenciaga, а како моја најголема поддршка во работата е пред сè мојата мајка, потоа моето семејство и мојата колешка и ментор Мира Влкановска, долгогодишен техничар текстилен инженер.
Читај бе: Исклучителна беше креацијата која што во офицерскиот дом ја изнесе драматургот Билјана Крајчевска, инаку ваша добра пријателка. Нешто повеќе околу таа креација?
Муамед: Да баш така. Пред сè, ви благодарам за комплиментите. Креацијата беше креирана за дефилето на „Креативен ден “ на 1-ви јуни под тема “цвет”. На неа се работеше цели пет месеци – од осмислување на дизајнот и скицирање па сè до „архитектурата” на фустанот и огромниот цвет на грбот, кој инаку го симболизира шафранот, па шиење, проби и сл. За него потрошивме повеќе од 50 метри тул и преку 20 метри сатен, што е сериозно огромна метража. Претежок е и многу тешко се функционира во него, меѓутоа Билјана беше толку многу добра, толку многу мајсторски го износи, што дури и професионални модели би и завиделе. Таа е прекрасна личност и сум особено среќен што овој проект, овој огромен предизвик за мене го сработив токму со неа.
Читај бе: Дали имате некое мото во животот и кое е тоа?
Муамед: Секој човек мора да има по некое мото во животот. Моето мото е: „Роден за да бидам различен” и „Роден сум да создавам, а не да следам”. Нема нешто подобро што би ме опишало од овие две реченици.
Читај бе: И за крај што би сакале да им препорачате на нашите читатели, Вашите клиенти, младите луѓе кои можеби сакаат да се занимаваат како Вас?
Муамед: Ова го спомнувам веќе во секое мое интервју, а тоа е – Никогаш Ама никогаш, за било која цена не се откажувајте од Вашите соништа! Патот до успехот е трнлив и мачен. Ако за другите е невозможно, не е и за вас! Штом можете да го замислете, можете и да го остварите! А на моите клиенти би им препорачал и посакал уште многу мои креации, многу убави настани, многу многу луксуз со мојот бренд!