marjana g

Маријана Ѓоргиевска од Прилеп е жена со нескротлив дух и страст кон планините. Како една од малкуте жени Македонки што го искачи врвот Исланд Пик (6189 мнв) на Хималаите, таа е вистински инспиративен пример за посветеност, издржливост и љубов кон височините. Со долгогодишно искуство во планинарењето, зад себе има импресивна листа на освоени врвови на четири континенти, но не застанува тука. Преку здружението Пелагона Прва, таа активно работи на афирмација на жените во планинарењето и спортот, охрабрувајќи ги да ги следат своите соништа.

Во ова интервју, Маријана споделува како започнала нејзината љубов кон планината, кои предизвици ги носи освојувањето на врвови над 6000 метри, како изгледаат подготовките за вакви подвизи и кои се нејзините идни планови.

marijana 2

Читај бе: Кога и како започна вашата љубов кон планинарењето?

Маријана: Планинарам од кога знам за себе. За среќа потекнувам од семејство кое знае да го цени престојот во природа, па така уште од најрана возраст многу често одевме на излети во природа, а исто така често ја посетував и Селечка планина. Веројатно низ тие престои се зачнала љубовта кон планината.

marijana 10

Читај бе: Дали се сеќавате на вашето прво искачување? Какво беше искуството?

Маријана: Не можам да се сетам на моето прво искачување. На почетокот тоа беше истражување на сите потоци низ Селечка планина, со обид да не „се шлапнам“ во нив. Секоја прошетка беше збогатена со прекрасни приказни, од страна на мојот покоен дедо, кои доведуваа сè повеќе да се заљубувам во природата и престојот во неа. Секое тогашно планинарење завршуваше со прекрасен планински букет за мојата мајка, кој понекогаш беше декориран со скриени трнчиња, изненадување за неа што и до ден денес ми го прекоруваат 😀

Деновите поминати по сртот на Селечка со татко ми и брат ми, собирањето на полжави, печурки, чај или едноставно уживањето на некоја карпа, со ужинката спремена од дома и сега ми доведуваат насмевка на лицето и топлина во душата.

Така што, сеќавања имам многу, но за жал или за среќа, не се сеќавам на првото искачување.

marijana 5

Читај бе: Кој беше моментот кога сфативте дека планинарењето ќе биде голем дел од вашиот живот?

Маријана: Планинарењето сосема несвесно се наметна во мојот живот како дел од него. Нескромно ќе кажам дека за тоа ме освести околината преку поддршката и честитките кои ги добивав секојдневно. Чувствувајќи се должна кон моите прилепчани, а потоа и кон сите останати за несебичната поддршка која ми ја даваа, од една страна, и желбата да ја поврзам мојата професија со љубовта кон планината, од друга страна, ми дадоа до знаење дека планинарењето веќе завзема голем дел од мојот живот и од она која сум јас. Околината веќе ме препознаваше по планината бидејќи сè што правев, правев од чиста љубов кон планинарењето, сосема задоволна од престојот на планина – неочекувајќи ништо за возврат. Гледајќи од сегашна перспектива наназад, можам да кажам дека клучниот момент е пред 5 години, кога решив да го оформам Здружението за планински активности и афирмација на жентата во спортот ПЕЛАГОНА ПРВА бидејќи тогаш бев повеќе од свесна дека сè што ќе правам во иднина, без оглед дали ќе биде на професионално ниво или хоби, ќе биде поврзано со планинарење.

marijana 7

Читај бе: Каква е поддршката од семејството и пријателите пред да заминете кон освојување на следниот врв?

Маријана: Најпрво би сакала да напоменам дека јас не ги освојувам врвовите – туку тие мене. Јас само ги искачувам кога тоа ќе ми го дозволи планината.

Мислам дека околината, особено семејството се свесни дека планината е дел од мојот живот. На почетокот, многу често од дома ми го поставуваа плашањето зошто одам секој викенд на планина – дали не сум уморна? Сега, повторно ми поставуваат прашања, особено кога некој викенд ќе останам дома и нема да појдам на планина – ме прашуваат што не е во ред, зошто не сум на планина? 😀

Што се однесува до пријателите, тие ги знаат моите приоритети и никогаш не ми вршат притисок особено кога сум во тренажен период пред експедиција и не ми замеруваат што понекогаш немам доволно време за дружби и излегувања.

Но сепак, планинарењето кај мене не се случи преку ноќ. Како што погоре напоменав, јас сум на планина од најмала возраст. Со текот на времето се зголемуваше интензитетот и љубовта кон планината, но тоа пропорционално се движеше по некоја нагорна линија. Така што, сосема постепено и природно реагираа и луѓето околу мене.

marijana 11

За моето семејство, особено за мајка ми, претпоставувам дека најголем шок доживеаа после искачувањето на Мон Блан. Бидејќи, ни јас, ни тие, не му придадовме некое големо значење на тоа искачување, не знаевме во што се впуштам и каква љубов ќе се роди потоа во мене за височините.

Е после Мон Блан веќе започна експанзија во искачување на врвови над 3000 мнв и иако верувам дека на семејството не му било сеедно, секоја моја експедиција им била стресна и биле загрижени за мојата безбедност, сепак среќна сум и благодарна што никогаш не застанаа на мојот пат, не се спротивставија на моите одлуки и безрезервно ме поддржуваа и веруваа во мене. А тоа, таму горе, верувајте многу значи.

Што се однесува до околината, таа секогаш со восхит ги поздравуваше сите мои успеси, љубопитни за што е следно.

marijana 9

Читај бе: Кои врвови досега сте ги искачиле и кој од нив ви остави најголем впечаток?

Маријана: Навистина имам искачено многу врвови, но имам тројно повеќе за качување. Листата на искачени врвови е долга, но на неискачени е уште подолга.

До сега имам планинарено на 4 континенти, во 17 држави во Европа, на 15 од нив им ги имам искачено највисоките точки. Секој од нив ми има оставено посебен впечаток бидејќи секој врв е различен и секое искачување е уникатно искуство.

Имам искачено 3 од 7-те највисоки точки на секој континент на планетата Земја и засега сум втора Македонка што тоа го има направено.

Во 2019 година станав четврта Македонка која го искачи највисокиот врв во светот со исклучок на азискиот континент – врвот Аконкагва, Аргентина, Јужна Америка – 6962 мнв. Од тогаш до денес, за жал, ниедна Македонка се нема ни обидено да се искачи на тој врв.

Но еве, во оваа прилика би го издвоила неодамнешното искачување на врвот Маганик во Црна Гора. Искачувањето на Цугшпице во Германија ми има оставено силен впечаток, врвот Полукс во Италија, Бонете во Аргентина, искачувањата во планинските предели на Проклетије и Комови итн итн.

marijana 3

Читај бе: Како се роди идејата да го искачите Исланд Пик и какви подготовки беа потребни за ваков подвиг?

Маријана: Идејата за искачување на Исланд Пик и на многу други врвови сосема несвесно си се нафрлаат и си се редат во мојата „То do“ листа. Желбите секојдневно се раѓаат и во тоа е убавината. Јас, исто како и секој планинар сакам да посетам колку што можам повеќе планини, а особено кога станува збор за Хималаите – тоа е сон за секој од нас.

Подготовките за секоја посериозна експедиција се подолготрајни, како од финансиски, така и од психо – физички аспект.  Она што е најбитно кај секој високогорец е да одржува константна форма, односно да ја одржува својата кондиција.

Конкретно, моите подготовки за Исланд Пик траеја речиси една година. Со наближување на датумот на тргнување така и интензитетот на тренинзи се зголемуваше. На почеток потребно е детално да се разработи целата експедиција и пристапот до самиот врв. На тој начин ќе се одредат слабите страни на кои треба да се работи, а со тоа ќе се создаде соодветен план за тренинг.

Мојот тренинг освен редовно планинарење вклучуваше и возење на велосипед.  4-5 пати неделно имав интензивни кондициони тренинзи за издржливост кои вклучуваа зајакнување на рацете и грбот поради големите технички делови при искачување на врвот и потребата од носење на потежок ранец. Потоа, посветив големо внимание на искачување на карпа и употреба на алпинистичка опрема за качување, тоа го правев во Демир Капија. Имав тренинзи за совладување на елевација со побрзо темпо, поминување на поголема километража, носење на тежина, подолг престој на пониски температури итн итн

marijana

Читај бе: Со какви предизвици се соочивте на патот до врвот? Кој беше најтешкиот момент за време на искачувањето?

Маријана: Благодарна сум што до сега планината, ни при искачувањето на Исланд Пик, ни при било кое искачување не ме доведила до некакво посериозно искушување и не ми приредила сериозни предизвици. Можеби тоа е така бидејќи јас верувам дека планината е жива материја која може да ги почувствува нашите емоции и мисли, а јас секогаш и пристапувам со голема почит.

Експедицијата на Хималаите траеше 21 ден, од кои 18 дена бевме на планина. 17 дена нè грееше сонце – а тоа многу ретко се случува на планина. Имавме совршени услови за аклиматизација и завршно искачување. Најтешкиот момент беше кога требаше да си заминам од Непал и да се збогуваме со екипата со која заедно искачувавме. Сум била на повеќе големи меѓународни експедиции со различни учесници – но ваква компактна екипа до сега не сум имала.

marijana 14

Читај бе: Какво беше чувството кога конечно стапнавте на врвот? Опишете го чувството да се биде на 6000 метри…

Маријана: Многу често поставувано прашање, на кое за жал немам соодветен одговор. Тоа е нешто што мора да се доживее за да се разбере уникатната убавина на моментот.

marijana 15

Читај бе: Преку „Пелагона Прва“ работите на афирмација на жените во планинарењето. Каква е состојбата со учеството на жените во планинарството во Македонија?

Маријана: Македонија располага со голем број на жени кои се успешни и посветени во планинските спортови и имаат големи успеси. Јас потекнувам од Прилеп и гордо можам да кажам дека во Прилеп има многу припаднички на ,,понежниот пол“ кои имаат признанија во различни спортски дисциплини, не само во планинските спортови. Менталните капацитети кои ги поседуваме ние како жени доведуваат да сме поиздржливи и поупорни во зацртаната цел, а тоа секогаш на крај резултира со успешно остварување на целта. Потребна ни е само поголема институционална поддршка.

marijana 16

Читај бе: Што би им порачале на жените кои сакаат да се занимаваат со алпинизам?

Маријана: Секоја жена која сака да се занимава со било која спортска дисциплина, а пред сè со планинрење би ѝ рекла најпрво да верува во себе и во она што си го посакува за себе.

Да уживаат во она што го прават. Нештата кои ги прават-  да ги прават пред сè за себе, а потоа за признанија, успеси и сл. Да не се повлекуваат при неуспех, да учат од грешките, да не се срамат да признаат доколку погрешиле, да им се радуваат на туѓите успеси и нескромно да ги фалат…бидејќи ние не сме родени да се откажуваме, туку да се бориме и да излезиме како победнички.

marijana 13

Читај бе: Дали имате нови предизвици и врвови кои сакате да ги освоите?

Маријана: За среќа листата на желби нема крај. Моментално сум посветена на предизвикот да бидам член од семејството 1%, односно се спремам да истрчам маратон. И тоа ми е искрено да кажам еден од најтешките предизвици бидејќи никако не се пронаоѓам во трчањето.

Во однос на искачувањето на интернационални врвови – оваа година ќе биде поскромен врв, најверојатно во Африка. Со исклучок на планините низ Балканот кои се задолжителна дестинација.

marijana 4

Читај бе: Кој е вашиот најголем сон како планинарка?

Маријана: Би сакала да искачам барем 4 од седумте највисоки точки на секој континент во светот, по можност тоа да е највисокиот врв на Северна Америка, врвот Денали. До сега имам искачено 3 – највисоките врвови на Европа – Елбрус, Африка – Ухуру Пик и Јужна Америка – Аконкагва.

Исто така, би сакала да ги искачам највисоките точки на сите европски земји, вкупно се 50, а јас досега имам искачено 15.

Научете да ги читате луѓето – затоа што не секогаш ја говорат вистината
Секој од нас, барем еднаш се соочил со ситуација кога некој му …
Не го трошете животот на луѓе кои не го заслужуваат тоа
Не го трошете животот на некои луѓе чии заеднички денови беа повеќе …
jk viber

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…