Во време кога потребата од добро обучени пожарникари и спасувачи е сè поголема, Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ од Битола веќе 14 години подготвува професионални кадри според современи европски стандарди. Основан по примерот на францускиот модел на противпожарна заштита, центарот досега има обучено 230 професионални пожарникари од целата држава.
Во разговор за Читај бе, основачот Костадин Поповски зборува за почетоците, значењето на практичната обука, современата опрема и визијата за понатамошен развој на центарот.

Читај бе: Како се роди идејата за формирање на Центарот за обука на пожарникари „Пегаз Еду“ и која е неговата главна мисија?
Поповски: Идејата за формирање на Центар за обука на пожарникари се роди во 2012 година при мојата службена посета на збратимениот француски град Епинал, Република Франција, каде што со тогашниот командант на Противпожарната бригада на Епинал, Fabrice Crussiere, падна одлука да го пренесеме францускиот модел на функционирање на противпожарната заштита во нашиот град Битола.
За да отпочне овој пристап, потребно беше да се формира Центар за обука на пожарникари, пред сè на доброволни пожарникари, почнувајќи од најмладите, во основните училишта, кои со текот на развојот би станале доброволни пожарникари – волонтери, што би бил столбот за формирање на нови кадри, пред сè професионални пожарникари за работа во ТППЕ.
Почетната идеја од страна на тогашното општинско раководство, на чело со градоначалникот Владимир Талевски, беше прифатена и одобрена како модел за стекнување на основни, а потоа и професионални искуства во противпожарната заштита.
Така, на 12.06.2012 година се формира Центарот за заштита и спасување од пожари „Пегаз-Еду“ – Битола.

Заради функционирање на истиот, пред сè финансиски, за да опстоиме, во 2013 година од страна на Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование на Република Македонија станавме првата верифицирана установа за обука на професионални пожарникари, во согласност со член 11, став 14 од Законот за пожарникарство на Република Македонија.
Од 2013 до 2026 година Центарот, од страна на Министерството за образование на Република Македонија и ЈУ Центарот за образование на возрасни, има спроведено три наставни циклуси од по три години.
Во периодот од 2021 до 2024 година, заради одлука на тогашната централна власт, само од нивни причини, немавме никакви наставни активности, односно не спроведувавме обуки.
Од своето постоење, од јуни 2012 до јуни 2026 година, Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ има обучено 230 професионални пожарникари, кои се стекнаа со сертификат „Пожарникар“, во согласност со законските акти и нормативи кои ја регулираат оваа област и во согласност со член 11, став (14) од Законот за пожарникарството.

Од 2012 до 2026 година во Центарот се обучени 230 професионални пожарникари од територијата на Република Македонија и сите се вработени во ТППЕ. Тоа е една третина од вкупниот број пожарникари кои моментално се вработени во Македонија. Обуката се реализира по најсовремена европска модуларна програма која се состои од 400 наставни часа, од кои 100 часа теорија и 300 наставни часа практична обука.
Читај бе: Колку е важна практичната обука во подготовката на еден пожарникар и по што се разликува од теоретската настава?
Поповски: Образовниот профил на установата – Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ е здружение на граѓани, каде што експерти по заштита од пожари, заштита и спасување се здружени заради остварување широк заеднички интерес со посебни цели и задачи, превенција и обука на граѓаните на Македонија за заштита од пожари.

Во спроведувањето на обуките е вклучен наставен кадар и експерти од различни области на пожарникарството, експерти од државата и меѓународни експерти со кои соработува Центарот за обука „Пегаз-Еду“ – Битола, и тоа:
- доктори на науки од областа на заштитата;
- магистри за заштита од пожари;
- дипломирани инженери по заштита од пожари;
- меѓународни инструктори од посебни области на пожарникарството;
- демонстратори со искуство во пожарникарството;
- лекари специјалисти за прва помош и друг високообразовен кадар.



Читај бе: Со каква опрема, полигони и симулации располага центарот и какви реални ситуации можат да искусат кандидатите за време на обуката?
Поповски: Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ – Битола располага со училници, кабинети, полигони и други пропратни елементи за обука, и тоа:
- 260 м² кабинетски простории;
- 530 м² полигон;
- 40 м² помошни санитарни и магацински простории;
- специјализиран опремен кабинет по противпожарна заштита од 110 м²;
- кабинет за БАЈ (изолациони апарати) од 40 м²;
- административна канцеларија од 15 м²;
- специјализиран полигон „Лавиринт“ за обука со изолациони апарати, пребарување, извлекување и совладување на клаустрофобија од 110 м²;
- полигон за тренинг со пропратни елементи за практична обука: цистерна, возило и други елементи на површина од околу 500 м²;
- две помошни санитарни простории од по 20 м²;
- магацински простор од 20 м²;
- базен од 30 м² за обука за црпење со противпожарни пумпи.

Во моментот, во соработка со Општина Кочани и ТППЕ Кочани, се уредува тренинг-полигон за обука со жив оган, односно се монтира контејнер за специјалистичка обука на пожарникарите.
Во наставата, односно обуката, се користи стандардна и софистицирана противпожарна опрема и возила, и тоа: противпожарни црева од различни димензии, дводелници, троделници, противпожарни скали, противпожарни млазници, изолациони апарати, вентилатори, хидрауличен алат и опрема за РТЦ и друга противпожарна опрема и средства.


Читај бе: Кои вештини и знаења ги стекнуваат учесниците по завршувањето на обуките и колку тие се усогласени со современите стандарди во пожарникарството и спасувањето?
Поповски: Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ – Битола, во соработка со француската невладина организација за заштита од пожари „Working Together“ од Република Франција, која е стратешки партнер на Центарот „Пегаз-Еду“, располага со софистицирана опрема за обука за шумски пожари. Располагаме со преносни резервоари, преносни пумпи и имаме десетгодишно искуство во обуката за шумски пожари по француски модел. Единствени сме не само во Македонија, туку и во поширокиот регион по обученоста за овој модел на обука за шумски пожари.

Меѓународната соработка ја остваруваме со:
- Француската организација „Working Together“ од Република Франција;
- Англиската организација „Operation Florian“;
- Противпожарната бригада од Упсала, Шведска.
Визијата на Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ – Битола е да создава широк заеднички интерес во унапредувањето на заштитата од пожари, чија цел е едукација за заштита од пожари во образованието, јавните претпријатија, организираните здруженија, како и сите правни и физички лица кои ќе покажат интерес за едукација, преку непосредни предавања, семинари, курсеви, како и квалификација и преквалификација на граѓани за пожарникари, во согласност со постојните закони и правилници на Република Македонија кои ја регулираат оваа област.

Мисијата на Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-Еду“ – Битола е да развива и спроведува активности за заштита и унапредување на животната средина и природата, пред сè во заштитата од пожари, со непосредно, директно или индиректно обучување на заинтересираните граѓани, како и нивно учество и активности во спасувањето при настанување на пожари.








