Елена Трајковска е дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Нејзината љубов кон Битола е голема, затоа што нејзиното детство е поврзано токму со Битола. Таа е попрепознатлива по улогите во Македонските Народни Приказни. Нејзиниот престој во Битола го искористивме за разговор со неа во кој со нас сподели моменти од нејзината кариера, но и животот.
Читај бе: Какво беше твоето детство и по што ќе го паметиш?
Елена: Јас растев во време кога немаше социјални мрежи, интернет и телефони и целата магија на виртуелниот свет. Посебно сум горда поради тоа, имав привилегија да растам со моите братучеди, поминувавме детство налик на она од приказните. Моето детство е поврзано со Битола, секогаш кога се враќам тука ја чувствувам истата голема љубов. Она што ме поврзува со Битола е моето семејство, тоа е градот на детството и секогаш ќе му се враќам.
Читај бе: Ако би морала да се опишеш себеси во четири збора би рекла дека си..
Елена: Голем човекољубец, голем професионалец бидејќи кога ќе почнам нешто сакам да го завршам до крај, лојална и искрена. Секогаш се трудам да им го кажам на луѓето она што го мислам.
Читај бе: Без што не можеш во животот?
Елена: Не можам без поддршката и љубовта на оние кои што ги сакам, без семејството и нивната поддршка, но пред сè она што е второ многу битно е дека не можам без мојата професија. Работата е она што ме спречува од лоши мисли и дела и што таа во мене го буди кретивниот набој и без која би била една празна лејка и при најмал ветар би го променила правецот.
Читај бе: Што е за тебе успех?
Елена: За мене е успех да можеш да станеш наутро и гордо да прошеташ, еве на пример низ најубавиот град низ светот за мене, Битола, со широко подигната глава. Да имаш поддршка од пријателите, со нив да можеш да испиеш кафе. Да излезеш со луѓе на кои што ништо не си им погрешил и тие да ти се поддршка. Да не правиш никому зло и гордо да чекориш со крената глава.
Читај бе: Кога би фатила златна риба која исполнува желби што би посакала?
Елена: Тешко и интересно прашање, како и секој човек имам многу желби во животот. Би сакала да имам нешто оставено зад себе за еден ден кога нема да сум тука и да ми помогне да исполнувам нови проекти. Пак е сè поврзано за работата, никогаш да не престане мојата љубов кон она што го сакам.
Читај бе: Имаше тешка борба со килограмите, се сметаш ли за победник?
Елена: Борбата секогаш траела и ќе трае, таа никогаш не престанува. Секој ден е нов предизвик да ја одржам таа бројка. Сите внатрешни борби кои што сум ги претрпела, пак денеска да ме прашаш дали сум ја постигнала посакуваната бројка ќе ти кажам дека секогаш можам и морам повеќе.
Читај бе: Кој беше до тебе во таа одлука?
Елена: Секогаш до мене беше мојата мајка, горда сум што универзумот решил баш таа да е моја мајка. Мојата мајка Виолета Котевска беше член на аматерски театар во Битола каде доби прва награда за улогата во претставата „Четворка“ од Славомир Мрожек, во режија на Владимир Гравчевски. После сето тоа таа многу набрзо нè доби нас двете со сестра ми и мораше да си ја жртвува кариерата да не порасне. Многу ѝ сум благодарна затоа што кога ја заврши таа кариера ја почна за мене најбитната кариера, на мајка.
Читај бе: Во Македонија си позната како актерката од македонските приказни на Канал 5, како го доби првиот повик?
Елена: Јас пред камера бев уште од малечка, бев на многу фестивали и емисии. ДО-РЕ-МИ беше една од нив, мислам дека клучна беше улогата на филмот на Јордан Плевнеш „Тајната Книга“ во режија на Владо Цветановски. Таа ме лансираше до публиката да ме запознаат поубаво, а потоа и „Година на мајмунот“. Тие ми помогнаа, исто како и ангажманот во „Театар за деца и младенци“ од 2004 до 2011 направија одредени луѓе да ме запознаат и викнат во приказните. Како градираше мојата кариера, така луѓето сè повеќе ме препознаваа. Дури и на факултет важев за најкомичниот лик.
Читај бе: Каква си позади завесите?
Елена: Многу едноставен човек кој што ги обожува животните, дури и тука во Битола самите животни за мене имаат поинаков изглед, секаде ги сакам, но овде дури и кучињата ми се најубави. Имам голема љубов кон луѓето, сакам да поминувам време со пријателите и да запознавам нови луѓе.
Читај бе: Што е потешко, да се игра во театар или игра пред камера?
Елена: За еден актер ова прашање е како да го прашате која рака повеќе ја сакате. Едноставно тоа е невозможно, се разликува играта пред камера и во театар. Нели таму треба да биде понагласена отколку во филм. Секоја има своја магија.
Читај бе: Која е приказната која ќе ја паметиш?
Елена: Нешто што ќе ми остане запаметено е дефинитивно случката кога ми јавија дека татко ми умира во 3 часот наутро, а јас во 6 часот морав да тргнам на снимање. Дури и денес кога и да ја гледам таа приказна имам чувство како да не сум била јас и се чувам на мојата сила во тој момент.
Читај бе: Анегдота од снимање…
Елена: Имам една интересна анегдота, тоа беше за време на моја прва приказна кога јас ја одбив шминкерката да ме шминка и реков дека сакам и знам самата. Мојата шминка тогаш беше пренагласена и пред камера изгледав како лошата кралица од Снежана. Директорот на телевизијата беше во шок и мислеше дека шминкерката го направила тоа. Тогаш мислев дека е крајот и дека никогаш нема пак да ме викнат, но за среќа тоа помина одлично кај публиката и директорот го виде тоа и јас за моја среќа продолжив со снимање.
Читај бе: Што треба да промениме во врска со филмовите кај нас?
Елена: Потребно е да се инвестира во младиот човек, таму лежи клучот и иднината на нашиот успех во светски план, посебно во уметноста. Кога ќе ги погледнам денешните млади им се восхитувам во секоја смисла. Тие се многу различни од времето во кое јас растев, дури и јас се обидувам да ги достигнам нив, а не обратно. Тие се интелентни и толку мотивирани за работа.
Читај бе: Што е за тебе среќа?
Елена: За мене среќа е кога ќе си ја работам работата што ја сакам, да сум опкружена со луѓе што ме сакаат. Имам среќа да имам партнер што ме сака и ми ја познава работата, среќа се сите дечиња кои што доаѓаат и се сликаат со мене, бараат автограми и ми ја ценат работата. Тоа е голема среќа и голема љубов.