Пијан да бев, ќе се отрезнев,
болен да бев, јас ќе оздравев,
ама пусти мерак Ратке по тебе,
никако да помине.

Нема човек чие срце не затреперува кога ќе ја слушне една од најубавите песни. Поминаа 22 години откако Горан Тодоровски ја исполни на фестивалот „Серенада на Широк Сокак“, а песната живее меѓу народот и се пее. Особено во Битола, затоа што е напишана по вистинска приказна, за битолчанката Ратка Колевска. Инспириран од приказната за неговата тетка, Боби Поповски, тогаш 29-годишен, ја напиша антологиската песна која исто како меракот за Ратка, секогаш ќе остане и никогаш нема да помине.

Боби живее во Австралија, но летово се врати во Битола. Посетата на родниот крај ја започна со настапот на „Незаборав“ каде настапи со песните „Пусти мерак Ратке“ и „Што ти згрешив Битола моја“ и ги разнежни срцата на публиката.

На наше задоволство, поразговаравме со Боби за впечатоците од настапот на „Незаборав“, ни ја раскажа приказната како настана песната „Пусти мерак Ратке“, за љубовта кон музиката, животот во Австралија…

bobi 4

Читај бе: Боби, да започнеме со она што е „најтазе“ откако си дојде во родната Битола. Беше дел од годинешното издание на „Незаборав“ на кое се пееја песни за Битола, а секако тука беше неизбежно да се исполни и антологиската „Пусти мерак Ратке“, но и „Што ти згрешив Битола моја“. На сцената застана заедно со твојот татко Никола…Опиши ни го чувството да се пејат овие песни пред битолската публика…

Боби: Пред се ви благодарам на одвоеното време и поканата за интервју, а исто сакам да ги поздравам вашите верни читатели на вашиот портал. Секако, чувството да се пее во својот роден град и пред своите сограѓани, моите Битолчани е прекрасно и неописово… Моите добри пријатели господинот Валентин Соклевски, инаку врвен текстописец и господинот Панде Димитровски организаторот на „Незаборав” се главни „виновници” за моето учество на годинешното издание на истиот настан… Ми предложија да се појавам на „Незаборав” со моите две песни, песната „Пусти мерак Ратке” и „Што ти згрешив Битола моја” и да ги почестам моите Битолчани . Уште при изведувањето на првата песна „Што ти згрешив Битола моја” настана еуфорија во концертната сала… Емоции, солзи, спомени…И многу голем аплауз. Следеше „Ратка”, сега веќе антологиска и уште поголема еуфорија, со прекрасен крај, кога публиката во салата од неколку стотини грла ја пееше Ратка…Не можам да ви ја опишам радоста во тие моменти… А на сето тоа, татко ме придружуваше на бината, како придружен вокал, а мајка ми и моите најблиски седеа во вториот ред во публиката…

Читај бе: Да се навратиме многу години наназад. Од каде љубовта кон музиката и како почна твојата музичка приказна?

Боби: Со музика се занимавам од кога паметам за себе, значи од најраните детски денови. На некои 5,6 години, додека немав вистински инструменти рекетот за бадминтон беше моја гитара… Отсекогаш песната беше присутна во нашиот дом. Се сеќавам уште како мал, живеевме на ул.Маркс и Енгелс, 50м од кафичот Пајтон и кога имаше некој фестивал дали Сплит или Опатија или Београдско Пролеќе сите другари и пријатели на моите родители идеа кај нас да гледаат фестивал, затоа што бевме толку блиску до Корзото… Татко ми ги купуваше најновите прво плочи, потоа и касети и секогаш беше живо и распеано дома. На свои 15-16 години моите ми купија гитара Наклада Загреб, која ја имам и ден денес и оттогаш почнуваат моите посериозни почетоци со музика. Отсекогаш имав афинитет да компонирам своја музика. Уште во средношколските денови пишував свои текстови , а подоцна и музика за истите. Мојата прва група беше група Медиум, формирана после моето враќање од војска во далечната 1989 година. Потоа како повозрасен свирев со познатиот ресторант Корзо, со нашиот маестро на виолина Борис Талевски Боцкинот… Во ’94 заминав за Австралија, но музиката до денешен ден е мој составен дел од животот…

299871950 917221979195561 5420556166608513396 n

Читај бе: Нема кој не ја знае песната „Пусти мерак Ратке“. Како автор на песната, може ли да ни кажеш како ја создаде?

Боби: Песната е вистинска приказна, за што е пишувано во повеќе наврати… Напишана е за мојата тетка Ратка Колевска, инаку и самата една од првите пејачки во радио Битола во 50-те години… Како млада била вљубена и во љубовна врска со момче, градско и убаво, но заради мала расправија и малку повеќе инает, се скарала со момчето и во неколку недели се омажила со мојот тетин… Останала верна на сопругот до крајот на својот живот но приказната за изгубената љубов си тлеела во срцето сите овие поминати години… Од другата страна „момчето“ кој исто веќе не е меѓу живите, си имал своја фамилија, но потајно тагувал по истата љубов до крајот на животот.

bobi

Читај бе: Колку години имаше кога ја напиша песната за твојата тетка Ратка?

Боби: Песната ја напишав на свои 29 години, пред точно 22 години, во далечната 1999, за истата да биде изведена во 2000 на тогашниот фестивал „Серенада на Широк сокак” во Битола…

Читај бе: Какво е чувството во тебе кога ќе ја слушнеш оваа песна?

Боби: Чувството е прекрасно кога ќе слушнеш твоја творевина, некое парче излеано од душата, а заживеало и се пее меѓу народот… Не само за песната за Ратка, туку за сите мои песни…

Читај бе: Како е да се напише песна која ќе остане вечна, дел од историјата на Битола?

Боби: Кога пишувате или создавате дело, никој па ни самиот автор не знае дали тоа дело, песна, ќе биде хит и ќе стане антологија… Тоа го одбира, конзумира и чува или отфрла самата публика. Во случајот со „Ратка” која е веќе антологиска, мене ми се посреќи и несомнено таа е моја лична карта…

299155995 633114501700113 1405494375395393757 n

Читај бе: Кога замина за Австралија? Како се реши на овој чекор, беше ли тешко да се пресече…

Боби: Во Австралија заминав 1994, а замислата беше на година, две…Но се оддолжи… Тоа е судбината на печалбата… Австралија е прекрасна земја, но никогаш не може да биде мојата Македонија…

Читај бе: Иако далеку од родниот крај, ти продолжи со музиката, со творењето прекрасни балади…Тука мора да ја спомнеме „Што ти згрешив Битола моја“, песна која ја распарчува душата на секој битолчанец. Како ја напиша песната?

Боби: Песната „Што ти згрешив Битола моја” ја напишав напишана во 2008 година а морам да спомнам дека идејата за истата, настана во 2005 година, (јас бев во Битола на одмор) онака спонтано додека муабетевме со мојот добар пријател и боем Велчо Петровски-Папалот и татко ми Коле, пиејќи кафе во ГТ близу Камен Мост. Имено Папалот, растен на улица Солунска и покрај реката Курделес низ муабет ми рече: Боби напиши една песна за Битола, ама да има нешто зборој „меѓу две реки“…Тоа беше тоа… За три години подоцна, (кога надојде некоја моја инспирација) да го напишам текстот во февруари, а месец дена подоцна и музиката за песната „Што ти згрешив Битола моја. Секако дека секој Битолчанец надвор од својот град ќе се најде во истата…

Читај бе: Кажи ни нешто за животот во Австралија, за твоето семејство…ти недостига ли Битола иако долги години си таму?

Боби: Животот во Австралија функционира на сосема друг принцип, но јас еве веќе скоро 30 години терам по Битолски тертип. Одам на кафе секој ден во истото кафуле цели 25 години и таму сум како дома… Легнувам в зори, а се будам среде бел ден и живеам по наше Македонско време. Како и повеќето уметнички души, сум „ноќно пиле”, а на работа одам само втора смена и тоа ми одговара на мојот начин на живот… Битола ја дишам, Битола ја мирисам секој момент…

286892078 1207604109995538 8481732991795940197 n
Боби со семејството во Австралија

Читај бе: Сега си во Битола. До кога си тука, како ќе го поминеш времето тука? Како почувствува кога прошета низ Широк Сокак?

Боби: Јас кога сум во Битола, дома одам само за спиење, а штом нов ден се роди, јас сум на Широката улица…Не ми треба да одам ни Грција, ни Турција, ни на било кое море…За мориња и плажи ги имам најубавите каде што живеам… Јас сум ма половина час од Голд Коаст, најпознатата туристичка летна дестинација… Мене ми фали мојот Широк сокак и Битолската ава!

Читај бе: Дали од Боби Поповски да очекуваме уште песни?

Боби: Песни имам многу, готови околу 105 песни, чекаат да заживеат…Деновиве ќе излезат две мои песни, една во интерпретација на Борче Наумовски и втората од група Милениим од Битола. Со соработката и побарувачката на моите песни, од страна на моите колеги, сум солидно задоволен, земајќи ја предвид големата пауза од минатите години, како последица на пандемијата…Да сме здрави и живи и само убави моменти да имаме, а со тоа секако идат и убави рефрени…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…