Анастасија Палашоски, 12-годишно девојче од Битола, е вистинска инспирација за својата генерација. Таа годинава, изучувајќи го кинескиот јазик успеа да го освои првото место на државниот натпревар по кинески јазик за основно образование, што ѝ овозможи да се натпреварува и на меѓународно ниво во Кина. На меѓународниот натпревар по кинески јазик „Кинески мост“ во Пекинг, Анастасија се претстави со видео кое ги истакна убавините на Битола и Македонија, оставајќи силен впечаток освојувајќи го високото четврто место.
Нејзината љубов кон јазиците и нејзината длабока почит кон азиската култура ја мотивираат да го совлада кинескиот јазик и да го продолжи своето образование во Кина.
Читај бе: Анастасија, најнапред кажи ни нешто за себе. Колку години имаш, каде учиш и кое одделение си.
Анастасија: Здраво, јас сум Анастасија Палашоски. Имам 12 години, учам во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Битола и сум 7-мо одделение.
Читај бе: Што те мотивираше да почнеш да учиш кинески јазик? Што најмногу ти се допаѓа во кинеската култура?
Анастасија: Јас многу сакам да учам јазици, посебно азиските јазици ми се предизвик. Многу ми се допаѓа храната, традицијата и имаат многу интересни празници.
Читај бе: Како се чувствуваше кога дозна дека си победник на националниот натпревар во кинески јазик во Македонија?
Анастасија: Се чувствував многу среќна и возбудена бидејки од секогаш сум сакала да одам во Кина.
Читај бе: Како се подготвуваше за меѓународниот натпревар во Кина? Кој те поддржа најмногу во процесот?
Анастасија: Јас требаше да учам повеќе, да измислам ново претставување, и повеќе да ја вежбам мојата песна. Мојата учителка по Кинески јазик ми помогна за сè. Мојата најголема поддршка ја добив од моите родители и наставници.
Читај бе: На натпреварот во Кина се претстави со видео за Битола. Што сметаш дека е најспецијалното за Битола што сакаш да го покажеш на светот?
Анастасија: Сакам да ги покажам историските градби. Античкиот град Хераклеја, убавините на Битола и Македонија.
Читај бе: Што значи за тебе да го освоиш четвртото место на еден ваков меѓународен натпревар? Како изгледаше тој момент?
Анастасија: Јас бев воодушевена од мојот успех и бев горда на себе. Сите мои роднини и другарчиња од Македонија и тие што ги запознав во Кина ми честитаа. Во тој момент се чувствував многу среќна, но можев и подобро. Ова ми даде инспирација за да работам повеќе.
Читај бе: Кои се твоите идни планови со кинескиот јазик?
Анастасија: Јас сакам да го научам целиот јазик, да студирам во Кина и таму да живеам.
Читај бе: Што беше најинтересното искуство за тебе додека беше во Кина?
Анастасија: Запознав многу другарчиња од целиот свет и од Кина и прошетав многу историски и фасцинантни места.
Читај бе: Дали беше тешко да се натпреваруваш со деца од различни земји? Како се чувствуваше во тој интернационален амбиент?
Анастасија: Иако беше многу стресно и имав трема, моите другарчиња ме смируваа и забавуваа. Во тој интернационален амбиент се чувствував слободно и убаво бидејки беше многу голем настан.
Читај бе: Што би им препорачала на твоите врсници кои размислуваат да учат кинески јазик?
Анастасија: Јас би им кажала да не се откажуваат и да одат понатаму бидејки можат да достигнат многу само со учење на јазик.
Читај бе: Кои се твоите најголеми желби и соништа поврзани со јазиците и твоето образование?
Анастасија: Мојата најголема желба е да можам да зборувам многу јазици, да живеам во друга држава и да го прошетам светот.