На 13 септември 2025 година, во храмот „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Битола со почеток во 19 часот ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на византиско црковно пеење. Фестивалот е основан во чест на Пресвета Богородица и традиционално се реализира токму во нејзиниот храм.

Во изминатите години, на фестивалот настапија бројни хорови од Македонија, меѓу кои: „Калистрат Зографски“ од Струга, „Херувими“ од Скопје, „Св. Ахил Преспански“ од Ресен, „Пелагонитица“ од Прилеп, како и битолските хорови „Св. Нектариј Битолски“, „Св. Макрина“ и детскиот хор „Св. Стилијан“.

Посебно значење има негувањето на византиското црковно пеење во самиот храм, кое претставува вековна духовна традиција не само за Битола, туку и за поширокиот Балкан. Досега на фестивалот беа изведени композиции од бројни автори, меѓу кои и македонските композитори Св. Јован Кукузел, Манасиј Поп Тодоров и Калистрат Зографски.


За првпат оваа година, во Битола ќе гостува византискиот хор „Мојсеј Петровиќ“ од Србија, кој исто така ја негува оваа духовна музика.
Со своето одржување, фестивалот придонесува за афирмација и збогатување на византиското пеење, поттикнува интерес кај нови љубители на овој вид музика и уште еднаш ја потврдува улогата на Битола како вековен духовен и културен центар.








