Народниот театар Битола е подготвен за премиерната изведба на својата најнова продукција „Кориолан“, која на 15 јули ќе биде изведена во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. По премиерата во Охрид, претставата ќе го продолжи својот меѓународен пат со учество на Verona Shakespeare Fringe Festival во Италија.
Во современа адаптација и режија на Џон Блондел, „Кориолан“ – безвременската трагедија на Вилијам Шекспир – отвора актуелни прашања за власта, честа, политичката одговорност и судирот помеѓу поединецот и општеството, користејќи моќен и современ сценски израз.
Во претставата настапуваат Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.
Авторскиот тим го сочинуваат: Џон Блондел (адаптација и режија), Дамјан Димовски (асистент на режија), Благој Мицевски (сценографија и костими), Џонатан Хикс (дизајн на светло), Горан Петровски (светло-мајстор), Александар Димовски (музика), Владимир Переловски (видеодизајн), Оливер Петровски (инспициент) и Мирјана Христовска (суфлер).
„Кориолан“ е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола и негова четврта режија на дело од Шекспир. Претходно, тој ги режираше „Хенри VI, дел 3“, поставена за фестивалот Globe to Globe во Shakespeare’s Globe во Лондон во 2012 година, „Антониј и Клеопатра“ во 2015 година и „Сон на летната ноќ“ во 2018 година. Сите овие претстави беа дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.
Од 2009 година Битола претставува негов втор уметнички дом. Во тој период ансамблот на Народниот театар Битола и неговите уметници освоија повеќе престижни признанија и остварија успешни гостувања во Лондон, Санта Барбара, Пекинг и други светски центри.
Премиерата на „Кориолан“ ќе се одржи на 15 јули 2026 година (среда), со почеток во 21:30 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, еден од најрепрезентативните сценски простори во земјава.
Веднаш по охридската премиера, Народниот театар Битола ќе отпатува за Верона, Италија, каде што претставата ќе биде изведена во рамките на Verona Shakespeare Fringe Festival, со што оваа продукција ќе ја започне својата меѓународна фестивалска промоција.








