25-годишната битолчанка, Андреа Влитоска, неодамна започна да создава креативни Reels на Инстаграм кои помагаат во изучувањето на англискиот јазик преку инстаграм прифилот DeaEducation, а кои изминатиов период се покажаа дека имаат позитивно влијание врз инстаграм корисниците и се од едукативен карактер. Таа неколку години работи како професорка по англиски јазик во Романија, а од 13 септември, курсевите по англиски јазик чија цел ќе биде изучување на професионално користење на истиот и ослободување од блокадите, кои често знаат да претставуваат пречка во говорот и разбирањето, ќе бидат достапни и во Македонија.
За повеќе информации и детали во врска со реализацијата, целите на курсот, очекуваните резултати и самиот процес на пријавување, поразговаравме со Андреа.
Читај бе: Здраво Андреа. Мило ми е што постојано се забележува напредок во патот кој неодамна започна да го одиш, а тоа е помагање на популацијата во изучувањето на англискиот јазик. Би сакала да ни откриеш малку повеќе детали за курсот, што содржи истиот и кој сé може да го изучува?
Андреа: Здраво Сара. Ти благодарам за интервјуто и за убавите зборови. Курсот е наменет за сите оние на кои што им е потребен англискиот јазик за работа и кариера. Често среќаваме нови работни позиции кои што бараат англиски јазик, а тоа често знае да биде голема пречка за развивањето на нашата кариера. Курсот е наменет специјално за изучување на професионален англиски, како да се изразуваме професионално, како да прашуваме индиректни прашања, како да пишуваме мејлови на англиски јазик, што е cover letter, како да го напишеме и.т.н. Секој кој што има познавање од А2 ниво може слободно да започне со курсот. Исто така, курсот е одличен и за сите оние кои што немаат самодоверба додека зборуваат. За таа цел креирав група од сите учесници на курсот каде што сите заедно и тимски се мотивираме, си помагаме и делиме искуства.
Читај бе: Што е главната цел? Прашањето се однесува на сето она што си наумила да им го пренесеш на останатите желни за соработка со тебе.
Андреа: Главната цел е да помогнам на сите оние на кои што англискиот им е товар и да им покажам дека всушност англискиот јазик може да ни биде хоби, да уживаме додека зборуваме и предност да најдеме подобра работа. Целта е да помогнам на оние кои што имаат потешкотии со изразувањето, граматиката, а воедно и да им ја кренам самодовербата за потечно зборување и отстранување на паузите, односно блокадите кои се јавуваат при самото зборување на странски јазик. Важно да напоменам е дека курсот е направен со најнова технологија и можеш да ги следиш часовите кога сакаш и од каде сакаш, додека пак истите се веќе снимени на платформата. Еднаш месечно имаме час за конверзација на платформата ZOOM и еднаш неделно држам предавања за граматиката на англискиот јазик.
Читај бе: Доколку некој од твоите ученици моментално има пониско ниво во зборувањето и познавањето на англискиот јазик, а воедно сака да започне со изучување на новосоздадениот курс кој е предвиден за изучување на Business English, што препорачуваш и колку време е потребно за напредок во оваа ситуација?
Андреа: Би им препорачала минимум една година изучување на обичен, секојдневен англиски, а потоа да земат учество на овој курс. Целиот курс е снимен на англиски јазик и за оние кои што не разбираат може да биде многу тешко. Затоа пожелно е сите ученици кои што сакаат да го купат курсот да имаат минимум А2 ниво.
Читај бе: Колку време работеше на твојата идеја и што сé ти беше потребно за реализација на истата?
Андреа: Курсот го спремав од април. Беше доста комплицирано бидејќи морав да се едуцирам за сите технологии и платформи кои што ми помогнаа за да го креирам. Потребна ми беше добра камера, добар микрофон, лаптоп, таблет, светло и нормално тим кој што ќе работи на маркетинг, односно проширување на целата идеја. Истовремено изучував и курсеви кои што ми помогнаа да креирам нова метода за учење. Бидејќи курсот е нова метода на учење потребно беше доста време да посветам на светските трендови и иновации во учењето, да се едуцирам и за тоа.
Читај бе: Според тебе и твоето досегашно искуство во секојдневната интеракција на Инстаграм со Македонци, на скала од 1 од 10, каде би ги сместила истите?
Андреа: Македонците добро го познаваат англискиот и можам да кажам дека на скала од 1 до 10 се некаде помеѓу 7-8. Целиот Инстаграм ми е на англиски јазик и 90% од луѓето што ме следат разбираат сé што објавувам. Тоа значи дека истите добро знаат граматика, знаат да пишуваат, но сепак сите имаат еден заеднички проблем, а тоа е зборувањето, бидејќи немаат каде да го вежбаат англискиот јазик, односно применуваат.
Читај бе: За крај, што е она што те издвојува и ќе продолжи во иднина да те издвојува од веќе постоечките професорки и приватни школи по англиски јазик? Зошто да те изберат тебе за изучување на англискиот јазик?
Андреа: Пред сé морам да кажам дека емпатијата и желбата за помагање се тоа што ме издвојува од другите. Оваа професија ја работам со љубов, креирам нови методи за да им го олеснам животот на луѓе, на кои што им треба англиски, а немаат можност за класична метода. Сакам да помагам, сакам да креирам заедница во која што сите ќе се осеќаат добродојдено, ќе имаат поддршка од мене и ќе им помагам за се што можам. Англискиот јазик го учам од 5 год, па се до факултетот во Романија каде што и дипломирав. Предавам веќе 5 години каде што имав секаков вид на ученици и така се надоградував и навлегував подлабоко во оваа професија. За себе мислам дека имам дарба да ги поедноставувам работите при објаснувањето и да пренесувам знаење со љубов и почит спрема учениците. Тоа е тоа што ме одвојува, бидејќи јас го ценам секој ученик подеднакво и далеку сум од типичен професор. Својата професија ја одбрав од љубов, а не за профит.