Пишува: Сара Танаскоска
Кај нас на Балканот никогаш животот не бил само живот, туку борба. Потоа снаоѓање, пазење, криење, крпење крај со крај и пак друга борба. Ова тло тука како да крие некој вроден аларм кај сите нас кој ни кажува дека секогаш мора да тргне нешто наопаку, дека секогаш нешто фали, дека не смееме да се опуштиме затоа што „може да биде уште полошо“.
И така растеме помеѓу таа колективна стега и таа невидлива тежина во градите, растеме со идејата дека животот не е да се живее – туку да се преживува. Такви огорчени од се’, изморени од талкање во туѓите животи, „солење“ на памет на некој кој не прашал за совет, зборување позади грб. Ние сме такви, колку и да не сакаме да прифатиме ние балканците сме познати по лошото, бидејќи доброто е само една епизода, а драмата е нашата национална серија што трае со генерации.
Растеме во страв, недоверба, со мисла дека нема ништо трајно освен проблемите. Навикнати сме дека мора прво да помислиме на најлошото, потоа на доброто и дури после тоа да се радуваме на се’. Во целава приказна, најстрашно е што ние не ја чувствуваме оваа навика како товар. Како да ни е врежано во гените дека секоја среќа ќе се наплати, секоја радост ќе биде пресечена со „не навикнувај се“.Балканскиот синдром не е дијагноза туку стил на живеење. Или поточно стил на преживување. Ден само што почнал, а ти веќе размислуваш како да се одбраниш од нешто што можеби ни нема да се случи. Секој чекор мора да биде претпазлив, секоја одлука со три резервни планови, секоја доверба половична.Но сепак, и покрај сето тоа, парадоксално е колку што сме изморени – толку сме и силни.
Колку што се плашиме, толку умееме да издржиме. И можеби токму таму се крие најголемата лекција: дека животот не мора да биде постојана борба ако почнеме да го живееме без тој вроден страв дека некој ни стои зад аголот со нова несреќа.На крајот, Балканот ќе се промени само кога ќе престанеме да го гледаме животот како битка и ќе почнеме да го гледаме како прошетка, барем понекогаш. Кога ќе научиме дека не мора секогаш да преживуваме. Дека имаме право и да живееме.








