17-годишната Јана Стефановска од Битола постигна феноменален успех на годинешното издание на Охрид Трчат – се искачи највисоко на пиедесталот и го освои златото на петкилометарската трка со резултат 21:18.
Оваа млада атлетичарка, членка на АК Олимп од Битола е битолската надеж дека атлетиката во Битола ќе го добие она што го заслужува бидејќи има огромен потенцијал. Јана за Читај бе вели дека е горда на својот успех, а трчајќи два километра по исклучиво тешката патека, не знаела дека е прва. Јана заедно со другите членови од клубот тренираат во паркот, но се надева дека успесите кои ги редат како битолски атлетичари ќе ги поттикне надлежните да направат напори во Битола да се направи тартан патека.
Читај бе: Јана, како се чувствуваш после одличната трка и освојувањето на злато на Охрид Трчат?
Јана: Се чувствувам прекрасно и горда сум на мојот личен успех . Победата во Охрид ми донесе ново постигнување и резултат за кој најмногу му сум благодарна на мојот тренер Демир Даутовски кој секојдневно, уште од почетокот кога започнав да се занимавам со атлетика, е покрај мене, претседателот на клубот Никола Димитровски и останатите членови кои ми ја даваат целосната поддршка и се голема мотивација за мојата упорност. Изненадена сум од моето постигнување, трчав два километра незнаејќи дека сум прва. Поминувањето на финишот како прва учесничка за мене беше навистина причина за голема радост .
Читај бе: Каква беше патеката, добро ли ја помина трката? Имаше ли некој тежок момент кој не дозволи да ти попречи во истрчувањето до целта?
Јана: Па можам да признаам дека патеката беше прилично тешка. Интересна патека низ која се поминува голема нагорнина за која мислам дека дадов сé од себе да ја искачам, но сепак сеќавајќи се на секој напорен тренинг кој сум го имала досега, не дозволив да застанам и да се откажам на половина трка.
Читај бе: Колку време се занимаваш со атлетика и колку време си член на Олимп?
Јана: Трчањето како мое хоби во слободно време го правев сама, рекреативно. Но, мојата желба еден ден да трчам на тартан патека и мојот успех да биде моја награда, тоа ме направи да станам член на Атлетскиот клуб Олимп, во кој сум скоро две години. Слободното време секогаш го поминувам во тренинг.
Читај бе: Каде тренирате? Има ли во Битола услови за да се развива атлетиката, бидејќи ти си доказ дека имаме таленти и огромен потенцијал? Која е твојата порака до надлежните?
Јана: Тренираме во градскиот парк. Условите кои ги имаме и не се баш најдобри. Тренираме секојдневно и упорни сме кога се работи за постигнување на нашите цели. Нашата желба кон овој спорт нé спречува да се откажеме од она што навистина го сакаме.
Би сакала да испратам порака до надлежните во која ќе напоменам дека постигнувањата на нашиот клуб се само доказ за нашата упорна работа. Првото место кое го освоив на трката во Охрид е само одраз на тренинзите кои ги правам во паркот и мојата волја за успех, како и уште неколку деца кои тренираат со мене. Останатите успеси со членовите на клубот кои трчаат на пократки патеки и постигнуваат врвни резултати гледајќи ги условите кои ги има нашиот клуб, мислам дека треба да биде поттик да се направи тартан патека и во нашиот град која нема да биде само услов за подобри резултати, туку и задржување на вниманието на луѓето од секоја возраст, со што клубот ќе добие нови членови. Исто така, патеката која би било добро да се направи во еден од поубавите градови во Македонија, ќе биде место на кое ќе се одржуваат и натпревари во атлетика. Навистина мислам дека нашите резултати донесоа убав глас за атлетиката во Битола и тоа треба да биде заслуга за да се направи вистинското место и основен услов за тренинг.
Читај бе: На колку трки имаш досега учествувано и кои се твоите резултати?
Јана: Имам учествувано на повеќе трки во кратки и средни дисциплини. На дисциплината 400 метри имам освоено второ место, на 800 метри исто така два пати второ место. Скоро се натпреварував на 1500 метри и навистина бев задоволна од таа трка. Оваа година учествував и на планинското трчање на Пелистер кое е долго 6 километри и за мое изненадување освоив второ место во мојата конкуренција. Учествувам на градските трки што се одржуваат во Македонија, на последната трка во Охрид бев прво место на петкилометарската трка со резултат 21.18, а досега мојот најдобар резултат го имав постигнато на трката Трчај Бе која се одржува секоја година во нашиот град. Секоја година учествувам на есенскиот крос и ноќната трка и го освојувам првото место.
Читај бе: Кој е твојот нареден предизвик?
Јана: Нареден предизвик за мене е да ги подобрувам моите досегашни резултати, постигнување на нови успеси и лични рекорди кои се надевам ќе ги направам оваа сезона на натпреварите кои ќе се одржуваат во Скопје. Сепак мислам дека најголемиот предизвик за мене е да останам упорна и покрај лошите моменти и моменти на загуба кои секој спортист ги има, да не се откажувам и да продолжам со мојата упорност и желба за овај спорт.
Читај бе: И кажи ни нешто за себе, колку години имаш, каде учиш и каде се гледаш во иднина?
Јана: Имам 17 години и учам во Средното Медицинско Училиште „Д-р Јован Калаузи” во Битола, за што морам да напоменам дека целосна поддршка добивам од сите професори, а најмногу од професорите по спорт и спортски активности со што би ги поздравила и би им упатила голема благодарност.
Во иднина би сакала да бидам докторка по спортска медицина и моја желба е да бидам една од повеќето атлетичари заслужни за нови постигнувања на атлетиката во Битола и поттик за нови членови во Атлетскиот клуб Олимп .
Error: Contact form not found.