Sara naslovna

Пишува: Сара Танаскоска

Кога и да патувам некаде, дома се враќам со многу спомени, неколку магнети, многу фотографии и една голема желба за ново патување. Мислев дека како што поминуваат годините, како што стареам, таа желба ќе се намалува. Дека ќе се изморам од чекање на аеродром, дека можеби ќе ми стане доволно да ги разгледувам фотографиите од некои патувања на кои сум била, да се потсетам на улиците на кои сум чекорела, на морето што сум го гледала или на кафете што сум го пиела на некој мал плоштад или во некое малско кафуле. Меѓуто, се случи токму спротивното. Желбата за патувања само порасна.

Sara 6

Понекогаш си мислам дека можеби професијата ме научи да живеам спакувана во куфер, како да бегам од досадата или можеби од тие монотони состаноци кои на почетокот ми беа толку интересни.. А можеби едноставно открив дека ми е потребно понекогаш да сменам улици, јазици, лица и погледи за повторно да си го пронајдам сопствениот ритам. Уште од дете, љубопитноста беше поголема од секој мој чекор, па така станав „омилен турист“ на моите блиски луѓе.

Sara1

Чудно е тоа што, колку повеќе патувам, толку помалку ми е важно само да посетувам нови места. Сѐ повеќе ме привлекува помислата да се вратам на некое место на кое веќе сум била. Повторно да прошетам по истите улици, да седнам во истото кафуле, да го побарам истиот поглед. И не затоа што сум заборавила како изгледа, туку затоа што ме интересира како ќе се чувствувам кога повторно ќе бидам таму.

На пример, кога повторно дојдов во Берлин, ме дочека убаво време и она мислење дека нема да се вратам тука одеднаш се смени. Магијата на градот беше во тоа што овојпат не морав да го запознавам од почеток. Веќе знаев што ме очекува, а сепак имаше нешто поинакво во начинот на кој го доживував. Можеби беше сонцето што ги правеше улиците попривлечни, можеби луѓето што ги исполнуваа кафулињата или можеби едноставно фактот дека овојпат не брзав да видам сѐ. Си дозволив да уживам во градот без постојано да размислувам што следно треба да посетам.

Sara 14

Берлин е еден од оние градови што не се обидуваат да им се допаднат на сите. Има своја енергија, свои противречности, своја приказна. Можеби токму затоа при првата средба не успеав целосно да го разберам. Но, при повторното доаѓање, како да почнав да ги забележувам и неговите помали, потивки страни. И тогаш сфатив дека понекогаш не ни е потребно ново место за да почувствуваме возбуда. Доволно е на познатото место да му дадеме уште една шанса.

Мислам дека колку повеќе патувам, толку повеќе сфаќам дека патувањата не се натпревар во тоа кој ќе посети повеќе држави, кој ќе направи повеќе фотографии или кој ќе има подолга листа на места што ги видел. Барем за мене, никогаш не било само тоа. Убавината на патувањето е во сите оние мали моменти што не сме ги планирале, а подоцна најмногу ги паметиме. Во разговорот со непознат човек, во кафето што сме го испиле многу подолго од планираното, во улицата по која сме тргнале без да знаеме каде ќе нѐ однесе или во чувството дека, барем за миг, сме дел од некој друг град, нечиј туѓ секојдневен живот.

Можеби затоа секое патување го доживувам како мала пауза од сопственото секојдневие. Не затоа што сакам да побегнам од животот што го имам, туку затоа што понекогаш ми е потребно да го погледнам од поинаква перспектива. Кога сме далеку од дома, дури и најобичните работи добиваат поинакво значење. Пешачењето станува истражување, чекањето на воз може да се претвори во мала авантура, а губењето по непознати улици понекогаш е најдобриот начин да откриеме нешто што воопшто не сме го барале.

Sara 4 edited

И колку и да звучи како клише, секое патување навистина нѐ менува барем малку. Не мора да се вратиме со големи животни лекции, со нови одлуки или со потреба да промениме сѐ во сопствениот живот. Понекогаш е доволно да се вратиме со една нова идеја, со поинаков поглед на нештата или со желба повторно да го почувствуваме она чувство на слобода што ни се јавува кога пред нас има непозната улица и цел ден што допрва треба да се случи.

А можеби најубавото е што, без разлика колку места ќе посетиме, секогаш постои некое следно патување за кое сѐ уште не знаеме дека ни е потребно. Некој град што ќе нѐ освои уште на првата прошетка, некое место на кое ќе посакаме да му се вратиме или некоја дестинација што со години ќе стои на нашата листа на желби.

Затоа, сѐ уште купувам магнети, сѐ уште правам фотографии и сѐ уште, уште пред да го завршам едното патување, размислувам за следното. Можеби никогаш нема да ми стане доволно само да ги гледам фотографиите. Можеби секогаш ќе сакам повторно да ги почувствувам мирисите, звуците, улиците и атмосферата на местата што еднаш ме освоиле.

Sara 2 edited

Ако нешто научив досега, тоа е дека не мора секогаш да одиме некаде далеку за да пронајдеме нешто ново. Понекогаш е доволно да се вратиме на место на кое веќе сме биле, но овојпат да го погледнеме со други очи.

И, секако, да оставиме малку простор во куферот за уште еден магнет.

banner JKTravel
Карактеристики на реализирирана жена – според рускиот психолог Лабковски
Михаил Лабковски е руски психолог, писател, ТВ и радио презентер. Успеал да …
Знаци кои ги откриваат злите луѓе според Достоевски
Злите луѓе ретко напаѓаат директно. Тие не викаат, не удираат по маси …
You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува: Биљана Котевска Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…