Македонската филхармонија на 14 октомври 2026 година ќе одржи концерт во Големата сала на Центарот за култура во Битола, насловен „Музички код“. Концертот ќе започне во 19:30 часот, под диригентство на Борјан Цанев.
Цанев е еден од најистакнатите македонски диригенти, со богата меѓународна кариера и настапи со реномирани оркестри во Европа, САД и Азија. Меѓу неговите значајни гостувања се соработките со Лондонскиот симфониски оркестар, Краковската филхармонија, Северночешката филхармонија и Софиската филхармонија.
Концертната програма е посветена на увертирата и нејзиниот развој низ седум различни музички поетики, претставени преку дела на Волфганг Амадеус Моцарт, Џоакино Росини, Лудвиг ван Бетовен, Јоханес Брамс, Рихард Вагнер, Џузепе Верди и Дмитриј Шостакович.
Од оперските корени кај Моцарт и Росини, преку драматуршката и симфониската моќ на Бетовен и Брамс, до музичките светови на Вагнер и Верди и самостојната концертна форма кај Шостакович, публиката ќе има можност да проследи различни композиторски пристапи и развојот на оркестарскиот израз.
Концертот ќе се одржи на 14 октомври, со почеток во 19:30 часот, во Големата сала на Центарот за култура во Битола.
Влезниците се во продажба преку Kartick.mk и на билетарницата во Центарот за култура Битола.








