Денеска, со прес-конференција во Центарот за култура – Битола, беше најавена програмата за 56. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Со фестивалска програма со рекордно времетраење од 18 дена, фестивалот ќе ги раздвижи Битола и околните места со бројни богати настани. Годинава фестивалот започнува на 14 јули и ќе трае до 31 јули.

Визуелниот идентитет на овогодишното издание е глуварчето, кое е избрано затоа што симболизира истрајност и ја претставува македонската традиција.Мотото на овогодишното издание е „Точка на поврзување“, бидејќи, како што истакна директорот на фестивалот Сашо Илковски, овој фестивал отсекогаш претставувал место каде што се среќавале различни култури, традиции и идеи. Во целокупната програма се вклучени повеќе од 77 настани и околу 1.300 учесници од Македонија и светот.

На фестивалот ќе настапат 35 ансамбли и фолклорни групи, меѓу кои осум од странство. Една од нив е групата на македонски иселеници од Шведска, а покрај нив ќе настапат и 23 ансамбли од Македонија, истакна директорот.
На свеченото отворање на фестивалот ќе настапи Големиот симфониски оркестар на Народна Република Кина, со врвни уметници и музичари.

М-р Валентин Соклевски истакна дека е особено горд на целокупната програма, во која се вклучени Семинарот за традиционална музика и игра, музичко-поетска вечер, детска ликовна работилница, промоции на книги, мастер-класови и уште многу песни и ора. Притоа, тој ги покани љубителите на фолклорот и традицијата да го посетат фестивалот и да уживаат во богатата програма.Особено беше истакнат Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава го одбележува своето јубилејно петто издание. Фестивалот ќе трае девет дена и ќе понуди 41 филм, со проекции во 10 и во 20 часот во Малата сала на Центарот за култура и кино „Манаки“.

Едукативниот дел од фестивалот го одбележува Семинарот за традиционална музика и игра, најстар од ваков вид во Македонија, основан во 2009 година и организиран секоја година во рамките на „Илинденски денови“.
Темата на годинашниот семинар е „Скопска Котлина“, а, како и секоја година, ќе биде издаден зборник со 10 труда од стручни лица, изработени врз основа на теренски истражувања и стручни анализи, истакна м-р Љупка Стефановска.

Покрај семинарот, таа ги претстави и концертите на Музичката младина на Македонија, Ансамблот „Македонија“ и целовечерниот концерт на КУД „Илинден“ – Битола, посветен на македонските Торбеши.Тимот на Центарот за култура и фестивалот „Илинденски денови“ ги повикува сите љубители на фолклорот и традицијата да бидат дел од богатата фестивалска програма и оваа година.
Елеонора Блажевска







