Од потребата за дружба, споделување и создавање простор за поинакви форми на изразување се роди идејата за фестивалот „Кукурек“, нов културен настан што на 12 јуни во Лабораториум во Скопје ќе ги обедини љубителите на колажот, поезијата, импровизираниот џез и другите необични креативни практики.
„Идејата никна од потребата за дружба и споделување. Сакавме да направиме настан што ќе обединува разни типови уметници и што ќе биде посветен на „чудните” интереси како колажот, поезијата, импровизираниот џез и сѐ што извира од креативна чиста намера. Со овој настан, сакавме и да го испочитуваме колаж-букварот што го спремивме, кој спојува над 40 книжевни и колажни автори.“ велат од тимот на фестивалот.
Зад иницијативата првично стојат Филипа Сара Попова и Марко Трпески, основачи на Скопје Колаж Колектив. Нивната замисла била да создадат настан посветен на „чудните“ интереси и на уметноста што произлегува од искрена креативна намера. Дополнителен поттик бил и колаж-букварот што го подготвиле, публикација која обединува повеќе од 40 книжевни и колажни автори.

Но, како што велат организаторите, идејата брзо почнала да расте и да добива нови облици. Во подготовките се вклучиле и Викторија Тодоровска, Ива Јованова, Теодор Јуруковски и Сара Николовска, кои активно придонеле во развивањето на концептот. Значајна поддршка добиваат и од сите учесници на фестивалот, како и од Лабораториум, каде што ќе се одржи настанот.
„Иако идејата никна од двајца луѓе, таа постепено прерасна во нешто многу поголемо и почна да се развива по свој тек, како што се приклучуваа сѐ повеќе луѓе“, велат од тимот на фестивалот.
Организаторите нагласуваат дека нивната цел не е да наметнат конкретна порака или агенда, туку да понудат простор за нови искуства и инспирација. Преку различни активности сакаат да ги поттикнат посетителите да размислуваат пошироко за начинот на кој го поминуваат слободното време, но и да ја почувствуваат вредноста на колективното творење, искрената соработка и слободарскиот дух.
„Со овој настан сакаме да ги поттикнеме поединците да ги прошират видиците за активностите во слободното време, односно, да се забавуваат на разни необични начини. Исто така, би сакале да отвориме врата кон размисли за колективната уметност, за искрената соработка и за слободарскиот дух. Немаме некоја агенда којашто сакаме да ја форсираме врз посетителите, туку сакаме секој да си го извлече најубавото, тоа што му треба и што му годи најмногу.“, порачуваат тие.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат поезија и џез „за чудаци“, да учествуваат на работилници за изработка на накит од смола и сито-печат, да создаваат колажи и да присуствуваат на необично предавање-визија подготвено од двајца психолози.
Фестивалот „Кукурек“ ќе се одржи на 12 јуни во Лабораториум, со почеток во 17 часот. Тимот зад настанот, кој го сочинуваат членовите на Скопје Колаж Колектив, вели дека ова е нивниот прв фестивал, но и прв чекор кон создавање на заедница во која различностите, љубопитноста и креативноста се слават како вредности сами по себе.









