Здраво Дедо Мраз,
Јас имам пет години. Некои букви ги пишувам наопаку. Мама рече дека не е важно, ти ќе ме разбереш.
Рече дека можам да ти напишам што сакам за Нова година. Јас не сакам многу работи. Имам колички. Имам играчки. Имам и едно мече, малку е скинато, ама јас си го сакам. Значи, не ми треба ново. Сакам нешто друго. Сакам мама да не биде уморна кога ќе дојде дома. Секогаш вели „само малку“ и пак гледа во телефонот. Јас ја чекам. Некогаш таа заспива, а некогаш јас.
Сакам тато да не зборува цело време за работа. Кога зборува, очите не ме гледаат мене. Гледа некаде далеку. Како да не е дома. И сакам тато почесто да ја гушка мама. Тогаш и двата се многу среќни. Можеш ли да направиш времето да оди побавно кога сме заедно? Сакам гушкање што трае малку подолго од „ајде, морам да одам“.
Сакам мама и тато да не бидат секогаш уморни. Кога се уморни, немаат место за мене. Јас тогаш станувам тивок за да не пречам.
Дедо Мраз, дали можеш да направиш родителите да имаат повеќе време? Не за подароци. За гушкање. Јас сакам луѓето да се гушкаат повеќе. Кога се гушкаат, не викаат. Кога се гушкаат, не се лути. Во градинка некои деца не сакаат да си играат со едно дете затоа што е „различно“. Јас не знам што значи тоа. Се смее исто како сите нас. Не знам во што е различно.
Едно друго дете често е само. Јас секогаш седнувам до него. Некои деца не сакаат. Не знам зошто. Ништо лошо не направи.
Дедо Мраз, слушнав збор што не ми се допаѓа. Се вика омраза. Можеш ли да ја тргнеш? Ако не можеш целосно, барем малку.
Сакам кога ќе направам грешка да не ме гледаат лошо. Јас уште учам. И сакам луѓето да не брзаат секогаш. Кога брзаат, ме забораваат.
А Дедо Мраз, зошто луѓето земаат повеќе отколку што им треба? Јас кога ќе земам две колачиња, ме караат да оставам едно за другите. Зошто големите не мораат?
Дедо Мраз, сакам луѓето да не се караат на маса. Да не честитаат роденден преку порака ако можат да дојдат. Сакам кога ќе ми кажат „те сакам“, да не брзаат.
Сакам да нема сиромаштија. Не знам точно што е тоа, ама знам дека некој плаче. Сакам да нема луѓе што се смеат кога некој плаче.
Во градинка учиме дека не е убаво да лажеш. Но гледам како големите лажат и никој не им вели ништо. Можеш ли да ми кажеш зошто тие правила важат само за малите деца? Сакам кога ќе прашам „зошто“ да не ми речат „ќе разбереш кога ќе пораснеш“. Сакам сега да знам.
Дедо Мраз, ако ти е тешко сето ова, јас разбирам. Само сакам да знам дека не сум сам во тоа што сакам да се сите насмеани. Дека не е смешно да сакаш љубов.
Ако не можеш да ги исполниш желбите, барем кажи им на големите да нè слушаат нас децата. Ние знаеме работи што тие ги заборавиле.
Поздрав,
едно дете што уште верува.









