Разговараше: Сара Танаскоска
Во година кога одбележува импресивни 40 години новинарска работа и три децении авторско творештво, Татјана Гогоска продолжува да создава со истата љубопитност, енергија и посветеност како и првиот ден. Позната по својата долга телевизиска кариера, препознатлива по топлиот пристап во работата со младите и ценета по богатото публицистичко и книжевно наследство, Гогоска и денес останува активна, креативна и целосно посветена на мисијата да инспирира.
Нејзината најнова детска книга „Магичниот круг на детството“ е уште една потврда за тоа дека за вистинската креативност нема пензија, туку само нови почетоци. Во ова интервју разговараме за нејзиниот професионален пат, за животот зад камерите, за магијата на детството и за приказните што допрва ќе ги раскажува.

ЧИТАЈ БЕ: Кога се навраќате на годините поминати во новинарството, што најмногу Ви значи од таа професионална фаза?
Татјана: Оваа година е година кога одбележувам 40 години новинарска дејност и 30 години публицистичка и авторска дејност. За овој поминат период , можам да кажам дека ми беше многу разнолик, работев во сите фази и форми на новинарството и авторството, пред се телевизиско, и во делот на комуникациите и развој на комуникациски вештини. Затоа кога ќе ме прашаат, што сум, имам измешан опус на работа, дипломиран новинар, и работев во новинарството, и тоа телевизиското, првите шест години од работата а неколку години пред тоа работев и во радио и печатени медиуми и сега откако отидов де јуре во пензија работам на мојот Портал www.kulart.mk. Најголем период од мојата професионална работа го посветив на телевизиското авторство, тоа беа долги 20 години и мои најплодни и најуспешни, кои сеуште ми се рефлектираат. Откако 2009 ,магистрирав на комуникации , почнав да работам и во тој сегмент, работилници и обуки со млади за развој на комуникациски вештини. Тука е и моето литературно авторство, кое во моментов содржи осум објавени книги. Фокусот на мојата работа во секоја форма пред се се децата и младите. И кога ќе ме прашаат што ми е најдраго од сето ова, не знам да одговорам. Сите области подеднакво ги сакам.

ЧИТАЈ БЕ: Која е Тања позади камерите? Што Ве прави среќна?
Татјана: Мене ме прават среќна многу едноставни работи. Миговите со најблиските, сега примат имаат внуците, тие се најглавни, ама едно ми е криво што многу брзо растат. Дружбата со другарките и пријателите, јас сум човек што одржува децениски контакти и тие ми се многу важни. Ме прават среќна патувањата, пресреќна. Сега од оваа дистанца сфаќам дека секое патување, создава многу убави спомени, а спомените се тие што никој не може да ни ги земе.

Е сега, јас би додала ,што ме прави несреќна? Дефинитивно една работа: дволичноста, неискреноста и себичноста на луѓето. Тоа ми е емотивен проблем, со кој не можам да се изборам.

ЧИТАЈ БЕ: Што Ве поттикна токму во овој период од животот, сега во пензија, да се посветите на создавање детска книга?
Татјана: Па јас , не се чуствувам како да сум во пензија. Кај нас фмилијарно, и мајка ми и татко ми отидоа многу млади во пензија на 58 години и двајцата после тоа работеа до последниот ден од овојземен свет. Татко ми многу помлад си замина и работеше до последниот ден во својата област. Мајка ми минатата година си замина и откако се разболе, првиот месец сеуште работеше, таа беше пензиониран професор но е автор на 34 книги, педагошка и публицистичка литература.
Книгата што сега ја издадов, беше готова пред четири години, и чекаше, чекаше и ете се случи. После 10 годишна пауза од претходната книга излезе од печат. Така што за креативноста нема пензија, впрочем писателите, режисерите, музичарите… а и сите вредни луѓе , пензијата е само форма не суштина.

ЧИТАЈ БЕ: Какви реакции добивате од децата, родителите и наставниците кои веќе ја користат книгата?
Татјана: Оние што ја имаат веќе книгата “Магичниот круг на детството “ која е интересна, интерактивна и креативна публикација за деца од 6 до 12 години, се задоволни и важно е дека им го задржува вниманието.
Книгата има два раскази, две приказни, многу различни, но исти. Има во себе, магична боенка, магична музичка тетратка и децата можат само д аја дополнуваат и креираат.
Она што ми пречи и ме вознемирува е реакцијата од родителите наставниците и библиотекарите. Книгата треба тие да ја донесат до децата. Но, за жал во овие 10 години не се сменило ништо на подобро. Јас одлучив дека нема да ја нудам, да одам по училишта, библиотеки, ќе чекам интерес од нив, но барем засега освен на збор ,нема ништо конкретно. Тоа е голем пропуст во образовниот и семејниот процес и однос кон книгата воопшто.

ЧИТАЈ БЕ: Според Вас, што најмногу му недостасува на денешното детство и како може да придонесеме да биде „помагично“?
Татјана: Денешното детство, е целото со замки од интернет игрите и зависноста од нив. И многу опасно. Затоа што побрзо и кај нас, како во други земји се преземат конкретни чекори на глобално ниво, тоа побрзо ќе се најдат соодветни решенија.
Сега останува најмногу на семејството да биде со будни очи и да ги анимира децата. Да ги ангажира креативно, спортски, да ги одвлекува од ова зло, кое е многу голем предизвик во денешно време.
Какви се децата , зависи од тоа како возрасните се ангажирани околу нив. Децата никогаш не се виновни . И затоа возрасните треба да направат да имаат што помагично детство.

ЧИТАЈ БЕ: Дали веќе размислувате за нов проект или нова приказна по успехот на оваа книга?
Татјана: Јас веќе имам напишано две книги. Едната долго ја пишував и тоа е роман за возрасни( втор по ред, првиот ми излезе 2011 година) со наслов “Најдолгата дестинација “ и книга за деца , збирка раскази, која е многу интересна книга за едно девојче и нејзиниот “Распеан лифт “, тоа е насловот на книгата, еве прв пат го објавувам.
Инаку овој период сега ќе го посветам на доработување со плус поглавје во Прирачникот за развој на комуникациски вештини кај млади со наслов “Кажи ми да ти кажам“ , кој е напишан пред пет години, но не најдов можност да го отпечатам. Почнав да го допишувам со делот на ВИ -вештачката инителигенција и младите, па се надевам дека другата година ќе можам да го отпечатам.









