Анастасија Стојановска од Битола е млада и талентирана make up артистка која посветено работи на откривање на нови методи и техники за шминкање. Таа е амбициозна личност која учи да шминка и ужива во истото. Анастасија исто така е и ученик во СОУ „Таки Даскало“ во Битола на смерот Техничар за козметичка нега и убавина. За трансформациите и желбите за успех, идните планови и интереси таа ни откри токму во ова интервју.
Читај бе: Анастасија, ако мора да се опишеш за да те запознаеме подобро – како би се опишала себеси како личност? Што сметаш дека е најважно за тебе?
Анастасија: Јас сум девојче кое отсекогаш ја интересирале професиите поврзани со женската убавина – шминка, нокти… Моите родители уште од мала ме запишуваа на часови по игроорна, тренирав фудбал и одбојка, но секогаш повторно се враќав на мојата прва љубов – шминката.

Читај бе: Пред извесно време имаше и професионална соработка со Елена Трајковска, ја шминкаше за утринска емисија на Сител ТВ. Какво беше тоа искуство?
Анастасија: Имав многу интересно искуство со глумицата од „Македонските народни приказни“ – Елена Трајковска. Еднаш и пишав на социјалните мрежи, бидејќи е една од моите омилени глумици. И кажав што учам и дека би сакала да соработуваме. Таа веднаш се согласи и дојде – бидејќи и самата потекнува од Пелагонија. Тоа беше во зима 2024 година кога првпат и направив целосен makeover, и таа беше толку задоволна што ме побара повторно за нејзиното појавување во утринската програма на Сител. Верувам дека нашата соработка ќе продолжи.


Читај бе: Имаш ли планови за во иднина во однос на кариерата? Кон што целиш?
Анастасија: Најпрво треба да го завршам моето образование и да се стекнам со диплома. Во иднина планирам да отворам професионално студио каде ќе можам да го прикажам целото мое знаење и труд.

Читај бе: Имавме можност да те видиме и во соработка со Интимен театар. Какво беше тоа искуство?
Анастасија: Тоа беше сосема поинакво искуство од сè досега. На секој актер му беше доделена специфична улога и карактер, а јас преку шминката требаше да го доловам тоа што поверодостојно. Верувам дека завршивме добра работа.
Читај бе: Кон што се твоите интереси во слободното време?
Анастасија: Како и сите млади во Битола, сакам да излезам со другарки на кафе на Широк Сокак, да слушам музика и да следам модни трендови. Горда сум што оваа година моето семејство ја доби првата награда за најдобар производител на тутун во Општина Новаци, за што јас и мојот брат имаме голем удел. Благодарна сум на моите родители што од мали ни вградија работни навики – за мене работата никогаш нема да биде проблем, туку задоволство.


Читај бе: Каде ја наоѓаш инспирацијата за шминкањето? Дали имаш омилен шминкер?
Анастасија: Најголема инспирација ми се луѓето и секој што ќе седне на моето столче. Секогаш давам сè од себе клиентот да стане позадоволен и посигурен. Особено магично за мене е шминкањето за театар – ја чувствувам енергијата зад завесата. Минатата година имав ангажман во Народниот театар – Битола, каде шминкав професионални актери за претстава. Искрено сум благодарна на актерите и целиот тим за довербата и верувам дека ќе продолжиме да соработуваме.



Читај бе: Што мислиш за професијата шминкер во Македонија? Каков е пазарот?
Анастасија: Моментално има голема конкуренција, но верувам дека вистинскиот талент и посветената работа секогаш се препознаваат. Луѓето знаат да го изберат најдоброто.
Читај бе: Кого би сакала да нашминкаш во иднина? Со кого сонуваш да соработуваш?
Анастасија: Сите се добредојдени за соработка. Со нетрпение очекувам денот кога ќе го отворам моето студио и вие ќе бидете поканети на свеченото отворање – заедно да го започнеме моето патешествие во оваа професија.


Читај бе: Раскажи ни малку за училиштето и струката што ја изучуваш. Колку професорите ве поддржуваат?
Анастасија: Во моето училиште имам голема поддршка од професорите, кои секогаш ме охрабруваат и ми даваат насоки. Учиме и теоретски и практично – од основни техники до покомплицирани стилови. Особено ми се допаѓа што не учат како професионално да пристапиме кон клиентите и како да ја истакнеме нашата креативност. Благодарение на нив стекнувам сигурност и уште поголема љубов кон оваа професија.

Читај бе: Кој е најдобриот животен совет што си го слушнала и што го применуваш?
Анастасија: Никогаш не се откажувајте од своите соништа. Бидете упорни во сè што правите и успехот ќе дојде.
Читај бе: Дали шминкањето го гледаш како професија во иднина или како привремена занимација?
Анастасија: Моја цел е професионално да се занимавам со шминкање. Учам средно училиште за козметика и тоа ми овозможува да стекнувам знаење и практично искуство. Во иднина сакам оваа уметност да ми биде професија – без разлика дали станува збор за познати личности, клиенти или проекти во театар, филм и мода. Верувам дека со посветеност можам да изградам успешна кариера.

Читај бе: За крај, Анастасија не е Анастасија без…?
Анастасија: Не сум јас без моето семејство – тие се мојата најголема поддршка. Не сум јас без мојата креативност – преку неа се изразувам и создавам уметност. И не сум јас без мојата упорност – таа ме тера секогаш да одам напред.










