Денеска, на христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица, традиционално се одбележува Денот на рударите – симбол на пожртвуваност и посветеност кон една од најтешките професии. По тој повод, во РЕК Битола се одржа свеченост со присуство на претставници на компанијата, државата и вработените.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, истакна дека рударите повеќе од четири години го носат товарот на енергетскиот систем:
„Вашата професионалност, искуство и совесност се пресудни за стабилноста на енергетскиот систем. Сигурен сум дека успешно ќе ги пребродиме предизвиците на претстојната грејна сезона. Она што го правите заслужува голема почит, а ние ќе продолжиме да работиме на подобрување на условите и безбедноста при работа.“
На свеченоста се обрати и министерката за енергетика, Сања Божиновска, која нагласи дека да се биде рудар е начин на живот, а не само професија:
„За вашата посветеност упатувам благодарност и длабока почит. Лично бев 800 метри под земја, разговарав со рударите за да знам што може државата да направи за подобри и побезбедни услови на работа.“
Во рамки на одбележувањето беа доделени признанија. За „Рудар на годината“ беше прогласен Страшо Маневски родум од Штип, познат по својата ангажираност, посветеност и одговорност. Покрај тоа, на 43 вработени им беа врачени благодарници за придонес во работата на комбинатот.
На свеченоста присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави:
„Денеска го посетив РЕК Битола и сакам да им го честитам денот на рударите со рударскиот поздрав ‘Среќно’. Тие се нашата инспирација. Сигурен сум во уште подобри резултати во рударството, енергетиката и македонската економија. Енергетската стабилност подразбира стабилен економски раст и тоа е нешто што сите го посакуваме.“