Со програма од четиринаесет дена започнува големиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ – Битола. Оваа година фестивалот го промовира своето педесет и петто издание со програма од четиринаесет дена. Почнувајќи од осумнаесетти до триесет и први јули, фестивалот ќе брои многу настани, а предвидени се и многу настани во официјалната оф-програма на фестивалот.
Годинешното мото на фестивалот е „Денес за утре“, а како што истакна м-р Валентин Соклевски: „Порано тие работеле за нашето утре, а ние денес работиме за тоа утре на новите генерации“, и додава дека целта е да се промовира нашата култура и традиција, но и да се спореди со светските култури. Логото на фестивалот е инспирирано од цртежот на Јована Тодороска, инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“, каде сонцето се појавува како симбол на виталност, светлина и космички ред.
Фестивалот годинава ќе има околу 1.300 учесници, гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Полска, Грузија и Хрватска, како и ансамбли од цела Македонија. Истакнати концерти пред официјалната програма се концертот на КУД „Илинден“ – Битола и на НУ „Танец“ – Скопје.
Годинава се избрани околу 30 филмови, од аплицирани 2.000 филмови, истакнува селекторот на ИЕФФ – Тони Гламчевски.
Официјалната програма започнува на 26-ти јули со дефилето на Широк Сокак, каде секоја група ќе има можност да се претстави со традиционален танц од својата држава, а традиционално го отвара КУД „Илинден“ – Битола, со орото „Комитско“.
Стручниот соработник на фестивалот, м-р Љупка Стефановска, им порача на битолчани да им се придружат на главната програма и на сите пропратни активности кои ќе се случуваат во Битола.
Оваа година програмата започнува на 18-ти јули со промоција на проектот „Културен код – мојот моден отисок“, која ќе се одржува во фоајето на НУ Центар за култура – Битола. Отворањето на ИЕФФ започнува на 19-ти во 20 часот во кино „Манаки“. Во меѓувреме, се случуваат изложби, детски ликовни работилници, промоции, концерти и мастер-класови.









