Во Националниот парк Пелистер денес се одржа значаен регионален научен собир посветен на шумските ресурси и климатските промени, со посебен фокус на моликата (Pinus peuce) – ендемичниот вид кој претставува биолошко богатство на планината.
На собирот учествуваа над 23 експерти и научници од Македонија, Грција, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Австрија. Настанот се организираше со цел да се идентификуваат најдобрите решенија за одржливо управување со шумите и прилагодување на климатските промени.
„Како што најавивме, за Националниот парк Пелистер врвен приоритет ќе биде решавањето на проблемот со старата моликова шума – еден од највредните природни ресурси на паркот. Овој собир е сериозен исчекор за нас“, изјави директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски.

Главната тема на научниот собир беше: „Промените во структурите на шумите во зависност од климатските промени и природните обновливи процеси“, при што вниманието беше насочено кон моликата – вид од особено значење за Битола и поширокиот регион.
Присутните научници дискутираа за сушите, бурите, снежните оштетувања, шумските пожари и заболувањата кои ја нарушуваат природната рамнотежа во екосистемите. Сите се согласија дека е потребен заеднички пристап, стручно знаење и регионална соработка.
„Климатските промени не познаваат граници. Сите земји се соочуваат со слични предизвици. Овој собир овозможува размена на идеи и искуства кои можат да доведат до конкретни решенија“, рече проф. д-р Николчо Велковски од Факултетот за шумарски науки при УКИМ.
Прв чекор кон стручна студија и меѓународна соработка
Настанот претставува почеток на процес за изработка на стручна студија за состојбата и управувањето со моликовата шума, која ќе биде резултат на соработка меѓу домашни и меѓународни експерти.
„Студијата ќе се базира на научни податоци и ќе овозможи долгорочна заштита на моликата – вид што има големо значење за регионот, но и за Македонија во целина“, додаде Тошевски.
Колеги од Универзитетот „Аристотел“ од Солун и други регионални институции веќе најавија иницијативи за заеднички проекти и аплицирање за поддршка од европски фондови.

Утрешниот ден е резервиран за теренски активности на локалитетот Бегова Чешма, каде учесниците ќе се запознаат со реалната состојба на шумите и ќе подготват конкретни предлози за мерки и интервенции.
Во текот на собирот се организираа и панели, презентации и постер-сесии, а се очекува до крајот на утрешниот ден да бидат објавени првичните заклучоци и препораки кои ќе послужат како основа за идни стратешки документи.
„Иако некои земји од регионот немаат молика како автохтон вид, нивните истражувачки капацитети и институционални механизми можат многу да ни помогнат. Овој собир е прв чекор кон зајакнување на нашите експертски и технолошки капацитети“, нагласи проф. Велковски.








