Извидничкиот Одред Скаут Пелистер за нешто повеќе од еден месец ќе го слави своето двегодишно постоење. Кај младите нема доволно познавање за извидништвото, па затоа И.О.Скаут Пелистер преку своите активности ги запознаваат што значи да си извидник. Она што е најинтересно се кампирањата, логорските огнови, природата, натпреварувањата…
За да ги запопознаеме малку одблиску, што прават и кои се нивните активности, пчоразговаравме со Наташа Димовска, старешина на Извидничкиот Одред Скут Пелистер од Битола.
Читај бе: Колку време постои Извидничкиот одред Скаут Пелистер и која беше мотивацијата да го основате?
Наташа: И.О.Скаут Пелистер постои скоро две години, сега на 27 декември ќе славиме втор роденден. Основан е на иницијатива на Сара Димовска која е началник на Одредот и Виктор Димовски кој е еден од постарите водачи. Мотив секогаш ни се децата, младите и како правилно да ги насочиме да ја сакаат природата и да бидат дел од заедницата, да го поттикнеме развојот на младите во повеќе сегменти од нивниот живот.
Читај бе: Колкава беше потребата да се даде една можност на извидништвото во Битола, колку извиднички одреди имало во Битола досега?
Наташа: Самата потреба се наметна да се оформи извиднички одред , во соработка и поддршка од страна на Сојузот на извидници на Република Македонија се оформи И.О.Скаут Пелистер. Оваа година се слави 70 години извидници во Македонија. Во минатото постоеле одреди во Битола кои со осамостојувањето на Република Македонија во 1991 год. пополека исчезнале.
Читај бе: Колку членови имате во клубот и кој сé може да се зачлени во Извидничкиот одред Скаут Пелистер?
Наташа: Одредот брои околу 50 активни членови и уште толку поддржувачи. Во Извидничкиот Одред Скаут Пелистер можат да се зачленат сите добронамерници, љубители на природата, авантуристи по душа, на возраст од 7 години па нагоре. Поделени се по патроли и тоа: Развигорци од 7 до 10, Извидници од 11 до 14, Истражувачи од 15 до 17, Ровери од 18 до 29 години.
Читај бе: Се интересираат ли децата во Битола за извидништвото? Имаат ли точна претстава што значи тоа?
Наташа: Покрај тоа што е ново извидништвото за младите во нашиот град, задоволни сме од интересот. Досега немаше познавање кај младите генерации, сега полека, но сигурно ги запознаваме и ќе продолжиме да ги запознаваме. Кога ќе се пронајдат остануваат засекогаш. Еднаш извидник засекогаш извидник!
Читај бе: Кажете ни нешто повеќе за активностите на одредот. Какви сé активности имате?
Наташа: Работиме по извидничката програма, а таа е збир на тоа ШТО младите луѓе работат во извидништвото ( активностите ), КАКО го изведуваат тоа (Извидничкиот метод) и причина ЗОШТО го прават тоа ( целта). И е повеќе од активности или прогресивен систем. Активностите кои ги изведуваме ги потикнуваат младите во развојот на повеќе сегменти од нивниот живот. Како дел од неформалното образование ги пратиме проблемите на денешницата кај младите. Наша задача е да понудиме еднакви можности за секој поединец. Програмата е заснована на желбите и потребите на младите луѓе и нејзината улога е образовно-воспитна. Нашата цел преку извидничкиот модел е да го поттикнеме секој член да биде одговорен кон себе, кон другите и кон заедницата. Програмата се спроведува по категорите на членството (развигорци, извидници, истражувачи и ровери) , како и преку програмски теми и области кои се заеднички за сите . Тука не изоставува и дружење, забава, натпревари, другарства, кампирање, природа, волонтерство, општествено одговорни акции, екологија, спорт…како на општинско така и на национално и меѓународно ниво.
Читај бе: Што е она што им е најинтересно како извидници?
Наташа: Интересно е сé! Најинтересно на членовите извидници им е кампирањето и сé што се случува на самите кампирања од поставување на шатори , запознавање нови другарчиња , натпреварувања , логорски оган, забавна програма каде сите учествуваат. Секој извидник си има свое искуство на најомилен и најинтересен настан , случка .. но сите едногласно кажуваат да се биде извидник е најубавото нешто што го доживуваат. Со нетрпение доаѓаат на состаноци. Да не се спомне извиднички камп – уште незавршен се поставува прашањето: А кога ќе одиме на нареден камп?
Читај бе: Како влијае ова искуство особено кај помалите деца? Што е она што го учат од извидништвото?
Наташа: Извидништвото кај помалите е прифатено и влијае многу позитивно. Кај нашите најмлади членови ни е најважно да се среќни, да се деца, да се чувствуваат прифатени и да се чувствуваат дека се дел од заедницата иако се најмали сепак се еднакви. Преку игра и извиднички активности до извидничка цел.
Читај бе: Зошто е „кул“ да се биде извидник?
Наташа: Да се биде извидник е да се биде дел од најголемото семејство „Извидништвото” , да се биде дел од авантурата, од забавата, од другарувањето, од најхрабрите. Да се биде извидник е да се биде дел од создавањето подобар свет!
Читај бе: Што е она што го планирате во иднина како Извиднички одред Скаут Пелистер?
Наташа: Многу планови ни се планирани за во иднина. Најпрво е да ги запознаеме нашите сограѓани дека сме овде, дека постоиме како Извиднички одред Скаут Пелистер во Битола, да си имаме наше домче, најскоро ќе си имаме и одредски Камп и уште многу активности кои се дел од ПИМ (Пелистерска Извидничка Мисија). Секој што сака да биди дел од големото семејство може да нé контактира на Instagram: ioskautpelister Facebook: Извиднички Одред Скаут Пелистер или на тел 071951194 bitolascouts@gmail.com. За крај ве поздравуваме со извиднички поздрав Здраво!