шушак

Формирана на почетокот на академската 2017/2018 година, Правната клиника на Правниот факултет при УКЛО им овозможи на студентите да се обучат со практични вештини со што ќе им се овозможи во иднина својата професија да ја обавуваат компетентно, совесно и со висок професионален морал. Координатор на Правната клиника е доц.д-р Ивона Шушак Лозановска, доктор на науки од областа на безбедноста, професор на Правниот факултет при УКЛО. Но, не само тоа, целта на оваа Правна клиника е и давањето бесплатна правна помош за сите граѓани кои се во социјален ризик. Покрај редовното студирање, преку клиниката, студентите учат да преземат одговорност за прашања кои имаат огромно значење за нивните клиенти, притоа водејки сметка не само за општите правни извори, туку и за вредностите кои се од највисока важност за правниот систем, како што се владеењето на правото, правдата, чесноста, како и високите етички стандарди.

263638991 1802758643248847 1287512886843441050 n

Читај бе: Вие сте координатор на Правната клиника при Правниот факултет на УКЛО. Кажете ни нешто повеќе, кога е формирана и како дојдовте до таа идеја? Кој е начинот на нејзиното функционирање?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: На почетокот на академската 2017/2018 година при процесот на креирање на  плановите  и политиките за тековното работење на Правниот факултет – УКЛО, како приоритетна беше идентификувана потребата за обезбедување на квалитетно  практично образование на студентите – идни правници.  За таа цел, како посебна организациска единица беше формирано Одделението за клиничко-правно образование – ПРАВНА КЛИНИКА. 

Клиничкото образование поточно претставува интерактивен метод на едукација на студентите по право, кој има за цел да им овозможи да излезат надвор од стандардната рутина на теоретското образование и да ги обучи со оние практични вештини кои ќе им овозможат во иднина својата професија да ја обавуваат компетентно, совесно и со висок професионален морал. Наједноставно кажано тоа  е метод на „искуствено учење” – learning by doing.

Клиничко правното образование има две главни цели:

Првaта цел е студентите да се оплеменат со практични вештини и професионална одговорност, давајќи им можност да го применуваат правото на живи луѓе во реални животни ситуации, па на таков начин да постанат свесни за сопствената одговорност пред клиентите, судот и својата професија.

Втората цел е да се обезбеди бесплатна правна помош за оние групи на граѓани кои се наоѓаат во некаков социјален ризик. На таков начин кај студентите се формираат високи морални стандарди преку прифаќањето на идејата дека и луѓе без моќ и пари заслужуваат ист правен третман во општеството.

33847451 196207057672044 6185083949434273792 n

Читај бе: Правната клиника нуди бесплатна правна помош за маргинализираните лица и ранливите категории граѓани. На кого се сте му помогнале? Каква помош бараат и каква помош нудите како правна клиника?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Со активната работа на терен започнавме уште од самото формирање, но од 23 јули 2020 година, Правната клиника и официјално е заведена  во Регистарот на Министерството за правда како овластен давател на примарна правна помош во државата.

Примарната правна помош е всушност прв облик на правно информирање, запознавање со права и обврски, советување, упатување и состав на едноставни обрасци во управна постапка, преставки до Народен правобранител и Комисија за заштита од дискриминација и состав на барања за заштита на слободи и права пред Уставен суд. Примарната правна помош опфаќа и правно советување за користење на правото на секундарна правна помош и правна помош во составување на барањето за секундарна правна помош. Секундарната правна помош пак е сервис на лицата со ниски приходи, социјално исклучените, маргинализирани категории граѓани и лица, како и оние кои поради било кои причини се нашле во тешка материјална положба и поради тоа не се во состојба да платат адвокат за да можат да ги заштитат своите права и слободи загарантирани со меѓународното и националното право на државата.

Во овој изминат временски период, од нашето постоење до денес, имаме опслужено стотици граѓани кои ги среќаваме при нашите теренски активности или пак се обраќаат директно до нас преку нашиот телефонски број или социјалните мрежи. Сепак, ако статистички според извештаите погледнеме,  најмногу работиме со ромскиот етникум, а во однос на правната проблематика доминираат прашања и активности во делот на социјалната и здравствената заштита, како и имотни и семејни прашања.  Овие лица ги советуваме, ги водиме низ институционалните лавиринти, им изготвуваме барања, поднесоци, им пополнуваме обрасци, ги упатуваме до бесплатни адвокати тогаш кога имаат потреба од нив и се разбира ги следиме во тек предметите се до нивниот финален епилог.

Признание за нашата работа беше добивањето на Локалната награда за волонтерство за 2021 година, која Општина Битола ни ја додели за остварениот значителен придонес во областа на подобрувањето на правата на маргинализираните и обесправените.

269957477 968128440479898 3826127747047428756 n

Читај бе: Она што е најново е што правната помош од Правната клиника ќе ја опфати и Општина Новаци, поточно сите оние одалечени села и повозрасни жители. Од какво значење е оваа помош за жителите на овие места?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Со Општина Новаци потпишавме Меморандум за соработка со кој инициравме бројни идеи за активности од заеднички интерес, а овозможувањето на услугите за бесплатна правна помош се само дел од нив.

Во фокусот на вниманието на оваа активност се всушност жителите на руралните средини кои се административно и институционално отцепени и се доминантно населени со повозрасно население кое е правно неедуцирано, па оттука целта на ваквата активност е тие да можат да добијат помош и услуги директно во нивните заедници, со што значително ќе се подобри остварувањето на нивните права и ќе се овозможи еднаков пристап до правда за сите.

Читај бе: Но, не е само бесплатната правна помош која ја нудите, туку и студентите кои се дел од клиниката ги подготвувате преку пракса и работилници да бидат одлично потковани. Колку е битно на студентите и младите да им се вгради знаењето заедно со праксата за во иднина да имаме високо професионални адвокати и правници?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Како што напоменав и претходно, на ваков начин преку обидите самостојно да ги разрешат правните проблеми со кои ќе се соочат, наместо само да ги меморираат општите правни норми и најважните правни начела, студентите ја развиваат способноста за аналитичко и критичко мислење кое е особено важно за секој правник.

Најпосле, обуката во Правната клиника им овозможува на студентите да научат да превземаат одговорност за прашања кои имаат огромно значење за нивните клиенти, притоа водејки сметка не само за општите правни извори, туку и за вредностите кои се од највисока важност за правниот систем, како што се владеењето на правото, правдата, чесноста,како и високите етички стандарди.

Читај бе: Вие сте доцент на Правниот факултет, доктор на науки од областа на безбедноста, а вашата област е криминологијата и детското престапништво. Може ли да ни кажете, што е најважно да се спречи детското престапништво и да се спречи децата уште од мали да го изберат криминалот?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Причините и условите кои му погодуваат на криминалитетот кај децата се разновидни и мошне комплексни. Во основа тие треба да се бараат во неповолното општествено- економско и социјално опкружување, турбулентните времиња, сиромаштијата и маргинализираноста, невработеноста воопшто и онаа кај младите, предизвиците кои постојат во семејствата, генерацискиот јаз , недоследности во воспитувањето и образованието и следствено на тоа слаби училишни резултати, злоупотреба на дроги, алкохол и други недозволени средства, лошите друштва, како и отсуството на адекватно ангажирање на младите во нивното слободното време и нивно заглавување во летаргијата наметната од социјалните мрежи и останатите масовни медиуми.

Факторите на ризик сами по себе не претставуваат причина за детското престапништво, меѓутоа во комбинација со други фактори на ризик и карактеристиките на индивидуата, може да се сметаат како причини за престапништво. Исто така, постоењето на повеќе фактори на ризик кај некои деца, може но и не мора, да доведе до престапништво. Тоа пред се зависи од постоењето на фактори кои може да го штитат детето од ризиците што негативно влијаат. Овие заштитни фактори ги амортизираат ризичните и стимулираат позитивно однесување односно ја зајакнуваат отпорноста кај индивидуите.

Кога зборуваме за извесна превенција, зборуваме за потреба од постоење на мултисекторски интердисциплинарен пристап во градење стратегии кои ќе имаат за цел идентификација на факторите на ризик, но и на факторите кои е неопходно да се зајакнат со цел заштитната околина да доминира и тоа да го превенира. Оттука, успешното спротиставување на криминалот може да се реализира само со најширок ангажман на државните органи, воспитнообразовните установи, семејството, граѓанскиот сектор и јавноста воопшто. Проблемот мора да се решава само преку социјални и економски интервенции, насочени кон различни општествени нивоа, образовни програми, намалување на сиромаштијата, советување на родители, отворање на работни места и сл.

Впрочем, треба да се укаже дека правилниот и добро организиран процес на социјализација на младите е најдобра стратегија на заедницата за превенција од сите облици на пореметување во однесувањето кај децата.

287865099 603278137596290 6830517659595280432 n

Читај бе: Каква е состојбата кај нас со детското престапништво?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Учеството на детското престапништво во вкупниот криминал е околу 4% во однос на вкупниот број на кривични дела кои се случуваат. Но, оваа бројка никако не смее да биде релативизирана и занемарена од причина што сторителите доколку на време не се (ре)социјализираат тоа може да биде почеток на „долга криминална  кариера“ која ќе продолжи и понатаму во нивните животи.

Доминантно децата кај нас вршат дела од областа на имотниот криминалитет, но алармантен  е податокот што во последните десеттина години имаме драстичен пораст на криминалитетот со елементи на насилство.  Карактеристично е и што кривичните дела најчесто ги вршат во групи од врсници, а можеби најзагрижувачки е податокот што имаме висока стапка на деца рецидивисти, односно повторници, што укажува на фактот дека конкретните постапки кои се водат и санкциите кои им се изрекуваат не ја исполниле својата цел.

Во тој контекст, мора да нагласам дека имаме многу добра правна рамка за постапување со деца во ризик и деца судир со законот, комплетно усогласена со сите меѓународни документи, но постојат бројни пречки во практичната имплементација на овие законски решенија што можеби е и причината за ваквите состојби.

Читај бе: Во рамките на Правната клиника, вие работите токму со такви ранливи категории. Колку е важно општеството да ги препознае овие девијации, но и навремено да делува?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Споменав и претходно дека неброен број пати е нагласувано дека криминалитетот кај децата заслужува потполно внимание од аспект  на рационалната политика за сузбивање на криминалитетот, бидејќи со бројни криминолошки истражувања се дошло до научно верификувани податоци дека од еден мал дел од младата делинквентна популација се регрутираат понатаму рецидивисти, повеќекратни рецидивисти и делинквенти од навика, кои го сочинуваат »најтврдокорниот дел на секоја криминална популација, отпорен на сите мерки на пенолошки третман«.

Доколку тој проблем биде разбран од заедницата во рамки на сета негова сериозност, тежина, опасност, долгорочни последици итн., дотолку е поголема можноста општествената заедница да се организира, мобилизира и да постигне поголема ефикасност во превенирањето и контролата на овој општественонегативен феномен.

Читај бе: Покрај правните совети, Правната клиника често пати се вклучува и во хуманитарни акции…кажете ни кон кого најчесто се наменети?

Доц.д-р Ивона Шушак Лозановска: Традиционално секоја година организираме предновогодишна хуманитарна акција која како таргет има некоја ранлива група на граѓани, но во фокусот се секогаш децата.  Првата година тоа беа еднородителските семејства, втората година беа деца во здравствен и социјален ризик, а оваа година деца во социјален ризик. 

275298461 1008380403121368 386699060959546366 n

Оваа година акцијата опфати 302 деца, ученици во Основните училишта во Битола кои припаѓаат на социјално ранливи категории, за кои беа подготвени вкупно 604 новогодишни подароци. Но, тука не застанавме, па организиравме и осмомартовска хуманитарна акција за повозрасни жени без семејства и самохрани мајки од с. Добрушево и с.Жван, во која акција дониравме храна и облека, а академската година ја завршивме со организирање на велигденска хуманитарна акција за деца со попреченост, со која обезбедивме донација од 10.000 денари за набавка на Динамичен вертикализатор АкМед наменет за движење на дете со тешка форма на цербрална парализа.

Животот во овие тешки времиња, очигледно го буди човекот во нас и не прави пресреќни и нас како организатори и сите дечиња на кои празниците им ги правиме поубави, повесели и со надеж за подобро утре.

287371723 3123785321206383 896836616544165236 n

    meblo trejd za lizgacki vrati

    Претплатете се за новости

    You May Also Like

    Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

    Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

    Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

    15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

    Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

    Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

    Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

    Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…