Секое попладне, ќе ги најдете во долниот дел на паркот. Да, во Битола се игра голф и веќе една деценија постои Голф клубот Пелистер.
Негов основач е Коста Јовановски. Вели голф научил да игра во Кејптаун, Јужна Африка додека бил кај брат му, а тој како спортист морал да се занимава со некаков спорт па го избрал голфот. Потоа играл голф во Германија, каде што работел. Во младоста пак прво играл кошарка, а потоа фудбал.
Откако се врати во Битола, го основа голф клубот, а последните години често може да се види како ги учи голф битолчани, кои се на различни возрасти.
Вели долниот дел на паркот е идеален за голф, па затоа има изработено и проект за голф терен кој вклучува и мини голф, проект кој го доставил до општината.
Менде, кој вели дека една година веќе игра голф, ни го покажа часовникот и колку чекори направил за тренингот – над 10.000 чекори.
Коста пак вели дека иако сите мислат дека со голфот нема никаква физичка активност, реалноста е сосема поинаква.
Коста вели дека оној кој сака да научи да игра голф доволно е да има желба, а целосната опрема ја има клубот.
Кои се придобивките од играњето голф?
Голфот е спорт кој е поволен за здравјето и психата. Го нарекуваат спорт за елитата, но голферите велат – тој е елитен како и секој друг.
Кога ќе ги прашате голферите што е голф, сите ќе ви одговорат дека тоа е начин на живот.
Голф може да играат луѓе од сите возрасти и од двата пола. Тоа е единствениот спорт каде правилата се такви што може да се игра подеднакво со сите без разлика на квалитетот на играта и нивото на знаење. Најважно е да уживате, но да ги знаете правилата за да можат да уживаат и оние околу вас. Тоа се вика почит кон играта и играчот. Партијата голф е и физичка и ментална вежба за целиот организам.
Во една игра голф, пешачите приближно 10 до 15 километри без „голем“ напор. Таквото зајакнување и поврзување со природата, поминување неколку часа во прекрасниот амбиент на секое игралиште, нормално поволно делува на човековиот дух.