Кога поривот е посилен од сé, тогаш ништо не може да спречи еден млад, упорен и посветен млад човек да ги реализира своитре соништа, но и цели. Тоа е приказната на младиот битолски актер Валентин Дамчевски, кој со секоја нова претстава во која маестрално ги пренесува ликовите ја воодушевува публиката.  

312887970 984694525675518 1666937582938827490 n

Валентин е дипломец на Економскиот факултет на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Битола. Но, желбата да биде актер и да се занимава со она што е врежано длабоко во неговите мисли и соништа, го мотивираше да се запише на Интернационалниот Универзитет „Еуропа Прима“.

Животните околности го одведоа преку океанот, во Флорида со семејството. Но, токму таму сфати дека со сé што има, сака да биде тука, во Битола, во градот каде се родил, сака да живее, да се развива како личност. Да биде дома.

Неговите улоги во претставите оставаат печат на актер кој допрва има што да каже. Редовен е во претставите на Интимен театар Битола, добитник на повеќе награди.

Последната негова улога беше во „Пратеникот”, претстава која никого не остави рамнодушен. Тоа беше и поводот да поразговараме со Валентин за кариерата, искуствата, проблемите со кои се соочува моментално театарската сцена, како и за потребите на еден актер кои се и темел за задржување на мотивацијата и создавање на моќни театарски сцени во иднина.

viktor pretstava 5

Читај бе: Валентин, ,,Пратеникот”, навистина го привлече сечие внимание. Кажи ни нешто за твојата кариера, начинот на кој зачекори во актерството, мотивацијата на сцената… Најпрво би сакала да ни ја опишеш атмосферата од премиерата на ,,Пратеникот” која се одржа на 22 октомври во Народниот Театар, Битола. Која беше главната порака која ја пренесовте на публиката?

Валентин Дамчевски: Пред самиот почеток би сакал бескрајно да се заблагодарам на Читај бе за можноста да изнесам лични искуства и ставови во врска со театарот.

„Пратеникот“ се создаде некако спонтано, благодарение на прецизно одбраната екипа која работеше на целиот процес. Уште на првата средба со режисерката, Софија Ристевска Петрушева, јас и моите колеги, Катерина Аневска Дранговска и Борис Богдановски, едногласно побаравме да работиме уметнички експериментален театар со голема сликовитост и симболика. Благодарение на танчерот Борис Богдановски, претставата доби една нова димензија, токму поради неговите танцови и сценски движења кои ги прикажа на сцената, а на кои работеше со огромна мотивација и посветеност. „Пратеникот“ е претстава за љубовта во време на либерален капитализам, за демоните кои ги носиме во себе, како и за моќта на тие демони да не преобразат во вистински чудовишта, за злото, за тагата, за спомените, за победата, за доминантноста, за каењето, за животот и смртта и се што се случува помеѓу.

viktor pretstava 2

Премиерата се случи на 22 октомври, под многу емотивни околности за нас, актерите и танчарот. Ја имавме среќата да работиме еден длабоко интимен процес на кој што јас сум многу благодарен.

viktor pretstava 7

Читај бе: Колку долго работиш на себе за да се изградиш како актер? Кои се придобивките од оваа титула во Македонија?

Валентин Дамчевски: На себе работам секој ден по малку, па дури и тогаш кога немам ангажмани во театар. Работата на актерот не престанува дури ни во недела. Одржливата свесност и стабилното ментално размислување и расудување мислам дека се компоненти на кои постојано треба да се работи.

За придобивките од титулата актер во Македонија ќе бидам брутално искрен, како што сум и секогаш, и ќе кажам дека освен личната сатисфакција други придобивки речиси и да нема. Се наоѓаме во едно време каде и театарот трпи последици од секојдневните случувања. Денес, во време на кризи и нестабилно секојдневие, младиот човек, не само актерот, тешко го наоѓа своето место под небото. Денеска луѓето забораваат дека некогаш во блиското минато имале 23, 24 или 25 години и дека и тие се бореле за ангажман, за улоги, за хонорар, за опстанок. И еве овој момент ќе го искористам да апелирам до сите директори на театрите, до сите режисери и продуценти дека НИЕ МЛАДИТЕ СМЕ ТУКА И РАБОТИМЕ ЗА ДА БИДЕМЕ ЗАБЕЛЕЖАНИ!

312992473 1273528773443123 2604175306404225449 n

Читај бе: Како ја доживуваш сцената и до кој степен се поистоветуваш со ликовите кои ги  играш?

Валентин Дамчевски: Во неколку наврати, на неколку интервјуа имам напоменато дека јас одлучив да не живеам за театарот, туку театарот ќе живее за мене. Веројатно затоа што ние луѓето сме малечки и речиси незабележителни суштества, па по инерција се трудиме да ги минимализираме големите работи за да ги држиме под контрола. Сцената ја доживувам како место кое ми овозможува реализација на поривот и мислите за кои понекогаш местото во мојата глава е премало за да ги собере.

313015739 1167004440881083 5482425673580484772 n

Јас отсекогаш ја имав среќата да ја имам режисерката Софија Ристевска Петрушева, крај себе, па така имав многу можности да реализирам и изиграм доста улоги во Интимен Театар како и на други самостојни проекти, а оваа година среќата беше уште поголема кога успеав да играм и во Народен Театар Битола. На секој лик му се радувам многу, макар бил и најмалиот. Ликовите секогаш ги гледам низ мојата призма. Јас верувам во тоа дека ние луѓето сме способни да бидеме сè што ќе посакаме и дека во нас негуваме чувства и емоции, па дури и животи за кои не сме свесни. Кога ќе станеме свесни за нив, ниту еден лик нема да ни биде далечен, напротив, ќе сфатиме дека ликот бил секогаш дел од нас.

312884606 526801302602513 8081417984841633685 n

Читај бе: Актерството како и секоја друга работа, бара голема истрајност, трпение и постојано истражување и надоградување. Се разбира дека и оваа професија има свои предности и недостатоци, ама нели секој од нас има одговорност да одбере за што ќе се бори во животот?

Валентин Дамчевски: До денес сум успеал да соработувам со прекрасни и инспиративни луѓе од кои сум учел многу. Режисерката, Софија Ристевска Петрушева, е мојот најверен соработник и најголем „виновник“ што денес сум актер. Работата со неа секогаш ми е предизвик, ама и задоволство бидејќи до ден-денес делиме исти размислувања во однос на тематиките и проблематиките кои ги работиме во претставите.

viktor pretstava

Во последната премиера „Пратеникот“ за сценски партнер ја имав Катерина Аневска Дранговска, која за мене беше еден вид на школување за време на пробите. Особено ме направи среќен бидејќи, Катерина, уште од моите тинејџерски години беше мојата омилена актерка од битолскиот театар, па играњето на дуо драма со неа беше остварување на една од моите желби.

viktor pretstava 4

Си посакувам себеси во иднина да соработувам со многу луѓе со чија помош ќе откријам нови луѓе и нови светови во себе.

Читај бе: Дали се гледаш себеси во иднина на македонската актерска сцена или можеби твоите соништа целат кон нешто ново и непознато?

Валентин Дамчевски: Да! Се гледам тука. Сакам да бидам тука. Мојата приказна имаше еден голем вртлог кој денес ме донесе тука. Имено, јас и моето семејство емигриравме за Флорида, Америка. И тогаш разбрав дека остварувањето на некои соништа всушност ни отвараат нови видици за нас и нашата иднина и нè враќаат на местата каде што треба да бидеме. Тогаш сфатив дека со сè што имав, а немав многу, сакам да бидам тука, во Македонија, во Битола. Сакам тука да се градам како личност и сè што ќе стекнам сакам да го споделам тука. Не знам каде ќе ме однесе утрешниот ден, ама знам дека кога би имал избор, работа и поткрепа тука, во Македонија, секогаш ќе одберам да останам тука – дома.

312812553 1315123759230395 3853605935824150575 n

Читај бе: Што сметаш дека треба да поседува еден актер кој е на самиот почеток од својата кариера?  

Валентин Дамчевски: Верба, верба и верба. Ова е сурова професија која подлежи на многу критики, на избори во кои нема да бидеме избрани, на пријателства кои на крајот ќе те остават изигран. Вербата, истрајноста, работата, борбата, трпението, надоградувањето се компоненти кои се неопходни да ги имаме, не само како актери, туку и како луѓе. Убавината и успешноста се релевантни работи кои сечие око ги перцепира различно. Затоа е важно да бидеме искрени кон самите себе, да го негуваме доброто за истото да стане уште подобро и да работиме на она кое е помалку добро.

313783264 795015088454968 8935136185504380284 n

Читај бе:  Би сакала накратко да ни кажеш и за сите досегашни успеси, награди, премиери и изведби. Што е она што те држи мотивиран, а што е пак она што те прави борец, кога станува збор за актерството?

Валентин Дамчевски: Во текот на мојата кариера, барем таа што ја имам до сега, сум доживеал и прекрасни, но и ужасни моменти. Јас одлучив да се сеќавам само на добрите и токму тие ми се мотив да продолжам напред, а борбеноста си ја носам уште од дете. Секоја претстава, секоја премиера и секоја следна изведба се посебни приказни сами за себе. Понекогаш не е доволно само да се раскажат, ами треба и да се доживеат.

Сум учествувал на многу фестивали, не само во Македонија туку и надвор од неа. Посебна награда за мене која и ден денес ми е мотив е наградата за најдобра машка улога на ,,ФАПС” во Нови Сад, Србија која ја добив во 2018 година, а не бев ни запишан на драмски факултет. Во конкуренцијата беа претстави од драмските факултети во Србија и Бугарија.

viktor pretstava 6

Читај бе: Валентин, ти честитам за целиот вложен труд, а истовремено и да ти посакам да продолжиш само напред, кон уште поголеми успеси. Која би била твојата порака до битолчани, зошто почесто да доаѓаат на твоите, но и воопшто на сите претстави?

Валентин Дамчевски: Основната алатка на театарот е да го менува светот, да го прави подобар и да го освестува. Ете токму поради ова јас би ги поканил битолчани да дојдат на театар и не само на моите претстави, туку и на сите без исклучок бидејќи во секоја една има по нешто да се види и да се понесе дел со себе, за да го размислиме, да го искритикуваме или пак да го промениме. Ова интервју ќе го завршам, а воедно и ќе ги поздравам читателите на Читај бе со една од моите омилени реплики: „СОНУВАЈ, БУДИ СЕ, БОРИ СЕ И НЕ ЗАБОРАВАЈ ДА НАПРАВИШ ПАУЗА ЗА ДА ЖИВЕЕШ!“

Ви благодарам!

meblo trejd mialnici
Интервју со Стефан Јузмески, стујард во „Emirates airlines“ – следете ги вашите соништа бидејќи ќе ви се исполнат
Стефан Јузмески од Охрид своето кариерно искуство како стујард во една од …
20 млади од различна етничка припадност танцуваа, готвеа и учеа за другите култури – проект на ЕРЦ Соработка Битола
Во текот на месец март Здружението за поттикнување на економскиот и културен …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…