masina

Додворувањето е атлетска дисциплина или не? Животот би бил многу поедноставен доколку машко-женските односи беа едноставни, но нивната комплицираност е духовна симфонија за постоењето на битието во секој човек. Што е човекот без љубов? Што е човекот кој не умее да се дели себеси со друго битие? Прашања кои го мачат светот од неговите прапочетоци.

Живееме во време на исмевање, а можеби и секогаш така било… Се исмева добриот човек, се исмева човекот кој умее да сака, се исмева човекот кој помага… се исмева Бог… и на крајот си станавме лични шеги.

Денес, сепак, има малку светлина, еден младич ѝ прати писмо на својата сакана, неконвенционално и храбро. Писмото оди вака:

МАШИНАТА ЗА ПЕРЕЊЕ И ЏЕМПЕРОТ

Знаеш ли што си? Ти не си цвеќе, а многу се дружиш со него, секој ден во исто време. Не си оган, а топлина раздаваш. Ни вода не си, а со два мали извори напојуваш и оддалеку… ниту песна си, но музиката однатре ти излегува. Ништо од ова не си, оти сите тие стојат надвор од човекот и како потајно да бараат сè да им се восхитува и покорува. Но, твојата основна задача не е туѓиот восхит и покорноста. Неговата преобразба и растењето во слобода се мерка за твоето величие.

Ти си налик на машина за перење алишта, а јас налик на џемпер. Ја отвораш вратата, и влегува во тебе сè она што можело да се слече од мене. Сите мириси и дамки, тие силни печати на нашите падови и замки, сета историја на ништожноста брза да биде исчистена и да потоне преку твоите сита, во заборавот.

Тогаш почнува борбата. Благи движења час на едната, час на другата страна, и вода, колку да се накваси секое закоравено ќоше. Водата се затоплува, и сè се заматува од капките прашина што беснеат патувајќи од вратата до малкуте метали во тој универзум. Одеднаш солени потоци допираат до порите на срцето, и сфаќам: не се тоа јонските врски на натриумот и хлорот. Солзите на овој што те има за близок, кога те гледа како се оддалечуваш од себеси, се неуништливи синџири, плетени како седумте јазли во секое топче од монашките бројаници, за да станат најдобриот чистач за сечија гнасотија на душата, значи и на мојата. Diamond tears.

Трескавично брз танц почнува да ги рои мислите, и пече сознанието дека тука ќе умре сè она што си го знаел за себеси. Апсолутната моќ и парадоксот на твоето најсилно оружје го сеќавам врз мене. Тој центрифугален порив, да се одбие сè од себе, ме фрла жестоко и удирам во не’рѓосувачките ѕидови. Вешто си го смислила тој систем: да боли, да се удира во ѕид и пак сè да враќа кон тебе. Зошто? Што е посилно од болката? Убавината на магнетното поле кое привлекува назад. Но, ти не си како другите. Не си како правосмукалката со воден филтер која е господар на својот затвор сместен во канистерот за отпад. Ти ја сакаш слободата и знаеш дека само преку неа може да се види љубовта која очистува сè и знае сè. Затоа си ја смислила магнетната индукција, именувана по твојот омилен Тесла, да нè држи припиени заедно, но слободни, да се гледаме, право во очи.

И кога ќе се смири сè, радосно ќе се прострам себеси високо на жицата за алишта, да ја видат сите твојата убавина втисната на мене и да речат: „Колку убав џемпер. Како нов е“.

И така до следното перење, сè додека јас не се скинам или ти не се расипеш. Така би завршила оваа приказна ако ја пишуваше некој кој не знае дека при секое перење ти ги средував ремените, склопите и филтрите, а ти навреме ми ги затвораше дупките, менуваше патент (така двајцата се спасивме од Старо Купувам) и секогаш, одејќи десно од мене, ми беше ориентир на патот. Во исто време го милуваше мојот внатрешен џеб од левата страна од кој целиот мирисав божествено. Затоа, кога некој ќе прашаше: „Каков омекнувач користите дома?“, ќе се насмеевме со очите (уште една тајна од тебе) и ќе речеше: „Diamond tears“, брзо менувајќи ја темата за да не прашаат од каде го купуваме.

Занимливости за цвеклото – супер­храна со силна боја
Цвеклото е едно од најздравите и најпотценети зеленчуци, богато со витамини, минерали …
Сè ќе помине… само спомените со семејството ќе останат
Во свет каде сите некаде брзаме, каде времето се мери во обврски, …
You May Also Like

Четири книги кои ќе ви помогнат за личен развој

,,The magic of thinking big” – ,,Магијата на големото размислување” од Дejвид…

Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Котевска Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…