Учениците од Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола постигнаа значаен успех на 21-вото издание на светскиот детски ликовен конкурс „Мојата татковина“, што се одржува во Минск, Белорусија, освојувајќи еден златен и два бронзени медали.
Според резултатите што ги соопшти 15-члената жири-комисија, на конкурсот годинава учествувале автори од 25 држави, со вкупно 10.500 детски ликовни дела, селектирани по претходни квалификации.

Македонија на овој престижен конкурс беше претставена единствено од битолското студио, кое освои вкупно три медали и десет дипломи.
Златниот медал (прво место) го освои Миа Мицевска за цртежот „Музичар во Битола“, додека бронзени медали им припаднаа на Леа Стерјев и Анастасија Димитријовска.

Претседателката на студиото, Елена Хаџи-Антоновска, истакна дека студиото континуирано учествува на конкурсот во Минск од неговото основање.
„Оваа година имаме одлични резултати. Темата е традиционална – ‘Мојата татковина – мојот дом – моето јас’, а нашите ученици твореа во рамките на слободната тема“, изјави Хаџи-Антоновска.
Конкурсот е во организација на движењето за млади ликовни уметници – едукативниот центар „Зелен крст“, во кој членуваат истакнати професори и ликовни педагози од Белорусија и Русија.

Од студиото нагласуваат дека го практикуваат традиционалниот начин на учество, при што оригиналните дела се испраќаат по пошта, што, како што велат, обезбедува поголема вредност и автентичност.
„Нашиот принцип е поскап, но најефективен, затоа што оригиналното дело останува во трајна сопственост на организаторот и често се донира, што значи дека детските дела патуваат низ целиот свет“, велат од студиото.
Во моментов, студиото се подготвува за учество на уште 20 меѓународни конкурси, како и за јубилејното 45. издание на светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, чии подготовки се во завршна фаза.
Претседателот на Управниот одбор, Славчо Неделковски, најави дека годинашното издание ќе биде помасовно и поквалитетно од претходните.
Дополнително, од 18 до 26 април, членовите на студиото ќе престојуваат во Трабзон, Турција, каде на 20 април ќе ја отворат изложбата „Децата од целиот свет во Трабзон“, со 65 дела од минатогодишното издание на колонијата.
Изложбата ќе биде посветена на теми како староградската архитектура во Битола и Охрид, како и манастирската архитектура на илјадагодишниот манастир „Св. Јован Бигорски“, по повод 23 април – Денот на детето во Турција.
Во рамки на настанот, на 20 април ќе бидат објавени и наградите од 44-тото издание на светскиот детски ликовен конкурс со изложба „Битола“.








