dejan kolumna

Во денешно време, каде технологијата стана новиот олтар, а екраните, нашите исповедални кабини, социјалните мрежи се издигнаа како симболи на новиот поредок. Тие не се само средства за комуникација, туку и нови простори на идентитет, морал и вредности. Но, во обидот да бидеме поврзани, ние се оддалечивме од себе. Во обидот да се изразиме, ја изгубивме суштината. Во обидот да бидеме видени, станавме невидливи за вистинското “јас”.

Во ерата на социјалните мрежи, селфито стана ритуал и симбол на изгубеното “јас”. Тоа не е обична фотографија, туку акт на (само)поклонение. Во оваа современа литургија, лицето е и икона и жртва. Човекот повеќе не живее за да биде, туку за да биде забележан. Личноста станува проект, бренд, симулакрум. Еден фрагмент од свеста се парадира пред јавноста, а зад него се кријат сини подочници, внатрешна врева и одложени солзи.

Тоа што некогаш човекот се прашувал “кој сум јас?” денес прашува “дали сум доволно лајкуван?”. Духовната сиромашност се мери во алгоритамски метрики, интеракции, reach, engagement. Вредноста на човекот се преточува во бројка, а вредностите како добрина, скромност, искреност, се бришат како несоодветна содржина.

facebook 7104152 1280

Популарноста, таа нова форма на “величење”, е вирус што не се лечи со морална инокулација. Тој е гладен, циничен и не знае за граници. Денес, најмрачните страни на човековата природа се објавуваат, споделуваат, па дури и монетизираат. Нечија трагедија станува забава, нечија смрт, содржина, нечиј плач, тренд.

Моралните вредности се сведени на “terms of service”. Не кради, освен ако никој не дознае. Не лажи, освен ако е добро продадено. Не убивај, освен ако тоа значи карактерно убиство на виртуелна жртва. Дигиталната етика е релативна, се простира до границата на интересот, а потоа се претвора во сенка.

Мрежите не се само платформи, туку катакомби каде што живите души одекнуваат како ехо од одамна заборавени морални вредности. Лажењето стана стратегија, лицемерието, вештина, а лицето, маска што се менува по потреба.

Ако некогаш пророците зборувале во пустини, денес инфлуенсерите врескаат од подиумите на Facebook, TikTok и Instagram. Нивните зборови се лишени од вистина, но полни со афилијации. Нивната вера е во брендовите, а мисијата, влијание без совест. Тие не водат, туку заведуваат. Не инспирираат, туку манипулираат. Нивната моќ е вештачка, но разорна.

Во оваа нова религија, бројот на следбеници го замени бројот на вистински пријатели. Живееме во време каде што децата сакаат да станат “инфлуенсери” кога ќе пораснат, а не лекари, учители, поети. Тоа не е само симптом, туку дијагноза, дека сме изгубиле компас и дека полека тонеме во епоха каде што сè е за шоу, а ништо не е за душа.

Дијалог со празнината. Во суштина, социјалните мрежи нè претворија во гласови што зборуваат со ѕидови. Коментарите се ехо-камери каде што вистината се искривува, а разумот исчезнува. Човекот не чита за да разбере, туку за да одговори. Не слуша за да сочувствува, туку за да се наметне. Дијалогот е симулација. Празнината станува партнер, а вистината, колатерална штета на виртуелната култура.

facebook like 3695180 1280

Никогаш досега луѓето не зборувале толку многу, а се разбирале толку малку. Ние не разговараме, ние испраќаме пораки. Не чувствуваме, реагираме со емотикони. И додека нашите “сториња” траат по 24 часа, нашите вистински животи течат во сенка, незабележани, неодгледани, но засекогаш изменети.

Во секоја соба, во секое срце, има по еден екран што гледа, суди, и понекогаш, казнува. Тој не заборава, тој не простува. Тој собира, архивира, и чека момент да поврати. Екранот е новиот Бог. Сè е изложено, љубов, омраза, тајни, стравови. Секој крик се пренесува, но никогаш не се слуша.

Големиот Брат не мора да те шпионира, кога сам му ги даваш своите мисли. Приватноста е заменета со видливост. Тишината со нотификации. И додека светот вреска за слобода, повеќето од нас доброволно ја отстапиле за виртуелен престиж.

Да не ги заборавиме оние кои што навидум имаат живот. Оние кои што навидум не користат социјални мрежи. Навидум неактивни, но пратат се. Модерните воајери на денешниот свет.

Можеме ли да се вратиме назад? Можеме ли повторно да градиме вредности надвор од бројки и филтри? Човекот се навикнал на брзината, на леснотијата, на виртуелниот оргазам на внимание. А кога еднаш ќе го вкусиш плодот на илузијата, вистината станува горчлива.

touch screen 1023966 1280

Не секоја душа е изгубена. Некои сè уште се борат да зборуваат од срце, да споделуваат без очекување, да љубат без сведоци. Тие се новите отпадници кои ја чуваат искрата на вистинското “јас” во свет каде сè е маска.

Социјалните мрежи се морбидна катедрала од пиксели во која се моли модерниот човек. Не пред љубовта, не пред вистината, туку пред сликата за себе што самиот ја создал. Тој храм без духовност, олтар без жртва, литургија без искупување. Само слика, звук, лајк. Само празнина, обвиткана во светло.

И додека не се ослободиме од ова дигитално ропство, додека не го вратиме значењето на тишината, длабочината и вистината, ќе останеме патници без дом, лица без душа, и гласови што врескаат во бескрајниот тунел на екраните.

Бидејќи на крајот од денот, не е прашање што гледаме на социјалните мрежи. Туку, што гледаат тие во нас.

Раскажи ми приказна: Црвениот фустан
Госпоѓица Хана стоеше на средината од театарската сцена. Го изнесуваше својот говор …
„Визуелни елоквенции” – нова поетска книга на Лили Бошевска во издание на „Матица македонска”
Книгоиздавателството „Матица македонска" ја објави новата поетска книга на Лили Бошевска, „Визуелни …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…