Уверена сум дека случајностите се намерни.
На 27 април се случи премиера на претставата „Жена ми се вика Борис“ во изведба на аматерското драмско студио кое работи во склоп на Домот за култура „Илинден“ во Демир Хисар.
Одамна немам гледано театарска комедија во живо, така што претставата беше одлична можност да ја гледам претставата и да се видам со колеги и пријатели кои се таму, во секој случај и да се направи саботна промена – на сите ни треба хумор, особено денес.
Резервирам влезници.
Во текот на денот (да не ја ширам – парафразирам) добивам порака „Имате влезници на билетара, дали ќе доаѓате, или некому навреме да му ги дадеме влезниците?“
Скролам на Инстаграм – објавен постерот од претствата со РАСПРОДАДЕНО.
Им враќам на пораката дека – одиме онолку луѓе за колку имам резервирано влезници.
Пристигнувам пред Домот за култура „Илинден“ околу 19.15 ч. , а претставата е закажана за во 20 часот. Во 19.30 часот пред Домот веќе беше пристигната публиката за претставата, во 19.45 часот почнува публиката да влегува во Салата и се полни за кратко време од прво до последно место. Претставата почна точно во времето кога беше закажана – 20 часот.
Има уште еден момент што ме воодушеви – културата на купување на влезници.
Ако ве интересира дали јас купив влезници – да, со огромно задоволство. После претставата се вративме дома расположени, насмеани и воодушевени. Затоа што каде и да бев на друго место во тие час и половина немаше да си поминеме толку добро.
На 3 мај, има повторна изведба на претставата „Жена ми се вика Борис“ – па уверете се сами.
Мите Грозданов, еден од бардовите на македонската театарска сцена, кој покрај професионалниот театар секогаш беше дел и учествуваше во претстави на аматери – глумци , кажа една прекрасна реченица која е насочена кон уметничкото его воопшто со цел да го демолира за добро на уметникот: Професионалните глумци неопходно е да играат на сцена со жарот на аматерите глумци. Зошто? – Затоа што аматерите глумци секогаш го даваат од себе најдоброто.
Глумците при Драмското студио на ДК „Илинден“ ја окупираат прво сцената со душа и срце, потоа со театар … Сепак, публиката им е одлична поддршка и им го почитува трудот.
Големите градови и извиканите институции имаат уште многу да учат од навидум малите – сепак, не заборавајте дека од демирхисарското поднебје потекнуваат најзначајните писатели, режисери, уметници, глумци и други културни значајни дејци.