Зоран Николовски од Битола има интересно хоби. Тој собира стари радија, грамофони, има 200 аудио касети, поседува транзистори, радиоприемници, работи кои пред 30-тина години беа дел од секојдневието.
„Се викам Зоран Николовски, но сите ме познаваат како Зоки Мува. Живеам во славното Јени Маале, роден битолчанец сум. Имам неколку хобија, од кои би го издвоил, собирањето на стари грамафони, стари радија, касетофони, магнетофони, па аудио касети, сингл плочи, лонг плеј плочи и многу други работи. Поседувам солидна колекција, со доста стари експонати. Поседувам примероци од педесеттите, шеесеттите, седумдесеттите години, па наваму. Вон колекцијата имам една винска карта, која е од 1915 година и е вредна за споменување, како стар примерок, а од радијата, мислам дека имам експонати од раните педесетти години. Започнав, некако тивко, со собирање на мојата колекција, кое подоцна премина во пасија. Поседувам шеесеттина грамофони, 140 транзистори, 15 радио приемници, од кои Никола Тесла, Савица, Дубрава и многу други. Имам касетофони, магнетофони…. Потоа 200 аудио касети, 150 лп плочи, 300 сингл плочи, па видео камери од шеесеттите, прожектор, телевизори и се она што е поврзано со звук и слика. Собирам од дете, никогаш ништо не сум фрлил, но последниве пет години, веќе не можев да се запрам од прибирање експонати. Со секој нов примерок, колекцијата, веќе добиваше свој шмек, свој лик.
Една просторија, веќе е своевиден музеј, но, доколку продолжам со ова темпо, во план сум, поставата да ја проширам, во уште една просторија, но ќе покаже времето, како ќе се движат плановите. Морам да напоменам дека најголемиот дел од експонатите, ги откупувам, но имам и доста донации, подароци од мои пријатели и познаници, на кои, морам, јавно да им се заблагодарам. Најубаво е сега, додека трае зимата, го палам малото каминче во музејот, од едната страна убаво мераклиско, македонско кафе, а од другата, грамофонот…. Ставам стара убава плоча, затворам очи и магијата веќе започнува… Впловувам во таа стара песна, а мислите лутаат, онаму, многу одамна, во годините на рокенролот, долгите коси и кратките мини сукњички… Шеесеттите.
Цело собирање сиот труд, се сведува на тој магичен момент, моментот кога го пиеш првото утринско кафе, со стара песна од грамофон. Имав понуда од еден господин, Турчин од Измир, кој ми понуди 5000 евра за целата моја колекција да ја откупи, но учтиво го одбив. Парите ќе се потрошат, но ѕидовите ќе останат голи. Имам желба, да ја докомплетирам целата колекција, со еден џубокс апарат, но, ќе покаже времето, дали ќе ја остварам таа моја желба“, вели Зоран.