Гимназијалките Ема Илоска и Андреа Ресановиќ од СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ – Битола, успешно ја одбранија проектната матурска задача по Ликовна уметност со ликовнат изложба насловена „Двојна визија“ под ментотство на ликовниот педагог и уметник Александар Поповски во битолската ликовна галерија „Ранко Струмениковски“, простор кој им е постојано на располагање на младите уметници.
На две страни, едни спроти други беа изложени портретите на Ема и портретите на Андреа. Преку портретирањето на фацијалната експресија на човекот тие ги нацртаа чувствата – уште една се докажа широчината на уметноста и неопходноста од неа.




Ема вели: „Мојата визија беше преку портрети да се прикаже внатрешниот свет на човекот, а не само неговиот надворешен изглед. Сакав да создадам нешто необично и несекојдневно, каде емоциите не се директно очигледни, туку се сложени и оставени на интерпретација. Целта беше уметноста да биде средство за комуникација и да предизвика заинтересираност кај публиката. Портретот како жанр овозможува најдобро да се истакнат емоциите и психолошките состојби на човекот. Преку фацијалната експресија може да се прикажат сложени чувства без зборови. Дополнително, инспирацијата од стриповите и илустрациите ми помогна да експериментирам со нагласени изрази, контраст и динамика, со што портретите добиваат посилна визуелна и емоционална порака“.
Визијата на Андреа пак е: „Да прикажам поуникатни портрети, ликови со силна, но и нежна експресија, како и со забележливи карактеристики на нивното лице. Таа е директна, но сепак го прикажува мојот уметнички стил и тоа што сакам да го доловам во уметничкото дело. И двете главно се занимаваме со портрети и со човековото лице, но на два различни начини односно, се прикажани различни гледни точки и како два сосема различни уметници го гледаат и прикажуваат човековото лице“.




„Двојна визија” е нивната матурска задача, но многу поважно е тоа што е дел од нив и нивните уметнички гледишта или визии како што кажува и насловот. Изложбата прикажува две визии кои припаѓаат на две сосема различни уметнички што е доста забележливо, но и уникатно. Доста е искажана креативноста и субјективноста (од страна на делата на Ема), за разлика од повеќе директните и објективните дела (од страна на делата на Андреа). Изложбата ги истакнува нивните уметнички способности и како две спротивни личности го гледаат и го прикажуваат човекот, неговото лице и експресија. Уникатните разлики се оние кои ја разубавија изложбата, и ги надополнија нивните дела.








