Пишува: Сара Танаскоска
Често си помислувам дека животот е чуден, односно ние луѓето го правиме таков. Фокусот го ставаме на неважни работи, живееме во илузија како да нема крај, во време кога животот се мери во лајкови, реакции и совршено одбрани фотографии. Повеќе од јасно е дека социјалните мрежи станаа место каде што секој има можност да го прикаже својот живот. Но ретко и вистината за него.
Гледаме насмевки, патувања, успеси и моменти што изгледаат како да немаат ниту една сенка. И додека скроламе низ туѓите „совршени“ приказни, несвесно почнуваме да го споредуваме сопствениот живот со туѓи, внимателно избрани моменти.
Понекогаш се прашувам што треба за да почувствуваме дека и нашиот живот е „достаточно добар“. Дали треба да имаме совршен дом, патувања во далечни земји, објави полни со насмевки? Или доволно е само да преживуваме, да сакаме и да сме сакани? Дали е доволно да ја сликаме чашата со вино? Или не?
Секојдневно забораваме дека она што се гледа на екран е само дел од приказната – сликата е уредена, моментот е избран, а реалноста, со сите несигурности и борби, останува скриена.
Ретко кој објавува ден кога се чувствува изгубено, кога се сомнева во себе или кога тишината е погласна од секоја насмевка. Не затоа што тие моменти не постојат, туку затоа што не се доволно „привлечни“ за објава. Така, полека почнуваме да веруваме дека сите живеат подобро, полесно и посреќно од нас.
Социјалните мрежи ни дадоа можност да бидеме поврзани како никогаш досега, но парадоксално, никогаш не сме се чувствувале поосамени. Наместо да живееме моменти, често размислуваме како тие ќе изгледаат на фотографија. Наместо да ја почувствуваме среќата, размислуваме дали ќе собере доволно реакции.
И можеби најголемата иронија е што додека се трудиме да изгледаме среќни пред светот, сè почесто забораваме да бидеме среќни сами со себе.
Вистинскиот живот ретко е совршен, но токму во таа несовршеност лежи неговата убавина. Можеби среќата не се мери во лајкови, туку во моменти што не ги фотографираме – разговори што остануваат меѓу луѓето, насмевки што никој не ги објавува и тишини во кои конечно сме искрени со себе.
Можеби е време да престанеме да живееме живот за лајкови и да почнеме да живееме живот за себе.









