Пишува: Дејан Нашоку
Денес многу луѓе ќе ти кажат дека се добри. Некои дури ќе ти покажат и докази како фотографии, видеа, хаштаг-каузи. Но чистата добрина, онаа што не мери профит, не чека аплауз и не смета дека Бог води евиденција, таа полека исчезнува. Како вид што општеството го истреби со рамнодушност.
Вистинската добрина е тивка. А тишината одамна не е популарна.
„Кога правиш добро, мисли на последиците“, вели еден афоризам. Но како да мислиш на последиците во свет каде доброто има помал ефект од еден лош коментар? Како да размислуваш за моралните бранови кога живееш меѓу луѓе што сакаат добрината да им се врати веднаш, по можност со потпис и јавно признание?
Денешното добро е како купон за попуст, важи само доколку има некој да го валидира. Луѓето не прават добро, туку размена.
Сè е трговија. Сè се мери. Сè се пресметува.
А вистинската добрина, онаа што не бара ништо назад, е како тивка молитва што никој не ја слуша, но сепак некој ја кажува.
Постојат луѓе во кои добрината не е дело, туку состојба на духот. Тоа е онаа невина добрина што не се учи, туку се носи како мирис на детство што не избледува. Таквите души не мислат во категории на корист и загуба. Тие не го мерат светот со нашите груби скали. За нив, добрината не е обврска, ниту стратегија. Тоа е природна состојба, како дишењето. Тие не судат никому. Не знаат да мразат, не знаат да го гледаат другиот низ матното стакло на предрасудите.
Во нив нема место за калкулација, само за она тивко, природно разбирање дека човекот пред нив е човечко суштество, а не алатка, пречка или ресурс.
Таквата душа не потпаѓа на искушенијата што мнозинството ги ужива зад затворени врати и низ лаги. Не затоа што е посилна, туку затоа што е почиста. Не се занесува од лесните избори, не се залажува со пократките патишта, незнае да се крие зад изговори, ниту да бара оправдување.
За светот, тие луѓе изгледаат „чудни“, бидејќи не се приклучуваат кон масата што секогаш има објаснување за грешката. Тие не се високи по статус, ниту моќни по влијание, но се големи по дух. Во нив има некаква тивка светлина што опстојува дури и кога светот околу нив е како црна дупка. Тоа е светлина што не ја носи интересот, туку искреноста. Тие се она што сме биле сите ние, пред светот да ни покаже како се прави компромис со душата.
А најубавото кај тие луѓе е што нивната добрина не се забележува веднаш. Таа не влегува со звук, не се истакнува, не бара внимание. Таа се чувствува. Како мирен здив во соба полна со врева, како тивок поглед што не суди, како присуство што не тежи никому. Како мир и спокој.
Тие не се праведници, не се светци, не се херои, тие се само луѓе кои сè уште се сеќаваат како изгледа човекот пред светот да го порази. И во време кога повеќето од нас се движат низ животот со оклопи од горчина, цинизам и страв, овие тивки души се потсетник дека човечноста никогаш не умрела, само се преместила кај оние што не бараат ништо за возврат.
Колумната не е за тие што прават добро пред камери, ниту за оние што прават добро за да си ја измијат совеста. Ова е за оние ретки, заборавени души што знаат дека доброто не е обврска, не е трка, не е договор со небото. Тоа е импулс. Природа. Човечност без корист.
А таквите денес ги има малку. Премалку. Бидејќи светот ги направи смешни. „Наивни.“
„Глупави.“
„Недоволно практични.“
Да, така ги нарекуваат. Добрите луѓе се третирани како неискусни инвеститори во свет што постојано бара профит.
„Злото е железен синџир. Доброто е златен синџир. Земи го златниот синџир да го скршиш железниот, а потоа фрли ги двата синџири и биди слободен,“ – Вивекананда.
Слободен е само оној што прави добро и заборава дека го направил. Оној што не бара ништо за возврат. Оној што не трага по благодарност. Оној што не тргува со доверба. Оној што не го користи доброто како валута за углед, статус или спас.
Добрината што ја барам денес не може да се сними. Не може да се објави. Не може да се монетизира. Не може да се лајкне.
Тоа е добрина што се случува во тишина. Добрина без сведоци. Бидејќи вистинското добро не се докажува — се живее.
И ако постои нешто што сè уште нè одвојува од ѕверовите, тоа е токму овој невидлив, непресметан чин на човечност што го правиме само бидејќи така ни диктира срцето, а не бидејќи така ни диктира интересот. И да не се разбереме погрешно, под ѕверови мислам на денешниот модерен “човек”, не на животните.
Апокрифна добрина — тајна, ненапишана, недокажана. Ретка како вистински човек во време на лажни светци.
А јас? Јас одамна престанав да барам светци — доволно е да најдам човек. Бидејќи кога ќе видиш таков човек – сфаќаш дека сè уште има надеж да се биде човек.








