dejan dobrina

Пишува: Дејан Нашоку

Сите сакаат да бидат добри. Некои дури и навистина се трудат. Но денес, добрината не е чувство — тоа е стратегија. Живееме во време кога дури и милосрдноста мора да има публика. Не се прави добро дело — се прави содржина. И колку повеќе очи го гледаат, толку е „повистинско“.

Денес не се спасуваат луѓе, се спасуваат репутации. Секој втор „хуманитарец“ има подобар PR-тим од политичар. Сликата со детето во сиромашна населба вреди повеќе од сто спасени души. Можеш да препознаеш вистински добар човек по тоа што не носи камера со себе.

Ние не правиме добро — ние глумиме дека правиме добро. Бидејќи добрината без сведоци е залудна. А што е добрина ако никој не ја лајкне? Што е сочувство ако нема срце-емотикон под него и коментар ,,Амин” Станавме луѓе што сакаат да изгледаат добри, повеќе отколку што сакаат навистина да бидат такви.

Но еве ја вистинската трагедија: и кога некој ќе направи нешто навистина добро, во нас веднаш се јавува сомнеж. Ние не веруваме дека некој може да е добар без корист. А ако ни направи услуга, веднаш чувствуваме потреба да му „вратиме“. Не од благодарност — туку од страв. Страв да не останеме должни некому. Бидејќи должноста создава непријатна вистина, дека некој можеби бил подобар човек од нас.

И така, добрината стана валута. Ти ми даваш услуга, јас ти враќам услуга. Ти ми покажуваш внимание, јас те „споделувам“. Дури и човечноста ја претворивме во размена. Нема повеќе алтруизам — има само тактичка емпатија. Ах тој збор – емпатија. Веќе изгуби секакво значење во денешно време.

Но најинтересно е тоа што сите веруваат дека се добри луѓе. Дури и кога ќе направат зло, ќе најдат благородна причина. „Мораше така“, „го заслужи“, „само се бранев“. Злото никогаш не се гледа себеси како зло. А доброто — најчесто не е ништо повеќе од добро дизајнирана лага.

Има и такви што прават добро не затоа што веруваат во доброто, туку затоа што некој им ветил дека таму горе има награда. Тие не помагаат од срце — тие инвестираат во вечноста. Секоја молитва им е договор, секоја милостина — депозит. Го гледаат рајот како банка со камата, а Бог — како сметководител што води евиденција на нивните „добри дела“. Но добрината што се пресметува со калкулатор, не е добрина. Тоа е трговија со совеста, со душата како гаранција.

А потоа се тие другите — „примерните“. Лицата на доблест, што секое неделно утро се крстат со ревност, а попладне веќе озборуваат, омаловажуваат и меркаат кој е полош за да изгледаат подобри. Тие што на социјалните мрежи делат цитати за добрина, љубов и вера, а во реалноста не би ти дале ни чаша вода без нешто да добијат за возврат. Внатре во нив има нешто студено, нешто што не дише, потреба да изгледаат морални, додека во тишината на својот дом стануваат токму она против што се претставуваат. Во јавност — побожни и скромни. Во приватност — непријатни, безобразни, полни со презир кон секој што не им се восхитува. Се грижат што ќе речат другите, но не и што ќе почувствува човекот пред нив. Сè за изгледот, ништо за вистината.

Постои зрно добрина, не онаа добрина што се учи, туку онаа што се носи — тивка, првобитна, инстинктивна. Новороденчето не знае за зло, не знае за корист, ниту за срам, го знае само плачот, гладот и потребата да биде сакано. Тоа е човекот пред корупцијата, пред лагите, пред светот што ќе го научи дека треба да биде внимателен, пресметан, практичен. Секоја душа почнува чиста, но подоцна учи да гори во насока што не ја избрала. Доброто не исчезнува — само се уморува. Се покрива со маски, се брани од навреди, се крие зад иронија. Но кога ќе ја снема вревата, кога ќе падне ноќта и ќе останеме сами со тишината, тогаш таа искра се враќа, и човекот повторно се потсетува дека некогаш бил нешто повеќе од само уморен грешник.

Можеби човекот не е ниту добар, ниту лош. Можеби сме само мешавина од инстинкт и страв. Правиме добро за да не нè боли совеста, и правиме зло за да не изгледаме слабо. Моралната рамнотежа денес не се мери со дела.

Сите сме хуманитарци во сопствениот филм, главни јунаци во свет каде добрината има сценографија и осветлување. А вистинската човечност, таа седи на темната страна на сцената, далеку од камерата, далеку од аплаузот, и прави добро само затоа што може да направи добро без да очекува нешто за возврат.

Можеби тоа е разликата меѓу добрите и „добрите“. Првите се тивки, вторите зборуваат гласно. Првите прават добро затоа што не можат поинаку, вторите, затоа што не можат да не бидат видени.

А јас? Јас само го гледам овој парадокс на милосрдие и себичност, и си мислам: човекот никогаш не ја изгубил добрината — само ја претворил во перформанс со убав филтер.

Како вистински да се одмориме за време на летниот одмор
Во време кога продуктивноста се вреднува повеќе од одморот, сè повеќе луѓе …
Луѓето што те повредуваат се всушност твои учители
„Никој ништо не ти прави; сè си правиш сам на себе. Илузијата …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…