Моралните вредности одамна не живеат тука. Останаа само празни зборови што ѕвонат како евтини монети што се тркалаат на празен тротоар. Сите зборуваат за нив — ретко кој ги носи навистина во себе.
Градот навечер е најискрен. Во ноќта нема маски, само сенки што шепотат вистини кои наутро никој не сака да ги слушне. Но слушни ги добро, бидејќи таму, зад затворените прозорци, се тргува со совести. Некои ги продаваат по цена на удобност. Други поради страв. А некои… едноставно затоа што така е полесно.
Денес принципите се ретка стока, а карактерот — луксуз што малкумина можат да си го дозволат. Се живее по правилото: „Што ми користи?“ наместо „Што е исправно?“ Совеста се мери со добивка, а не со мир. Повеќе вреди впечатокот отколку вистината. Повеќе се цени тишината отколку исправниот збор.
Моралот не исчезна одеднаш. Го избркавме тивко, со компромиси мали колку еден клик. Секојпат кога премолчувавме неправда. Секојпат кога се правевме слепи пред туѓа болка. Секојпат кога си рековме „не е моја работа“. И така, чекор по чекор, вредностите станаа минато време.
Денес можеш да најдеш повеќе лицемерие пред олтарот, отколку во некој запуштен бар по полноќ. Верниците говорат за доблест со полни усти, а живеат со празни срца. Гревот не исчезна — само доби подобри завеси. Развратот не е исчезнат — само е подобро облечен. Зад побожните маски често се кријат најсуетните, најгладните души, гладни за внимание, статус, аплауз.
Суетата го замени срамот, а моралот се претвори во театар — во кој сите глумат, а никој не верува. Луѓето се борат да изгледаат чесно, не да бидат. Се сликаат со побожни насмевки, а живеат во сенки што мирисаат на евтина страст и скапа лага.
И додека старите вредности тивко умираат, младите растат како генерација без сведоци. Тие не наследуваат принципи — наследуваат екрани, корупција и празни фрази. Се раѓаат во време каде што вистината е релативна, а совеста — опционална. Гледаат како возрасните зборуваат едно, прават друго, и на крај премолчуваат сè. Растат во свет што ги учи да се продаваат пред да научат да стојат исправено.
Што може да научи младината во свет каде чесноста е повод за потсмев, а корупцијата — само уште една шега на кафе? Во вакво време, идеалите не се предавани. Тие се предадени.
Во овие времиња не се бараат доблесни луѓе, туку прилагодливи. Луѓе што ќе го свиткаат дури и ако треба ќе го скршат нивниот ‘рбет без прашања и ќе се насмевнат додека го прават тоа. Не се бараат херои, туку погодни фигури што добро изгледаат на фотографија и уште подобро молчат кога треба.
Моралот денес личи на стар сведок во судница. Седи во аголот, тивок, чека да биде повикан. Но никој не го повикува. Затоа што ако зборува — некој ќе мора да слуша. А слушањето носи непријатност, а непријатноста чини многу повеќе од лагата.
Сите сакаат подобар свет. Само никој не сака да започне од себеси. Сите се згрозени од туѓите гревови, додека ги негуваат сопствените. Принципите се добри… додека се во наша корист.
Ниту еден збор не тежи како порано. Ниту една постапка не значи доволно за да остави траг. Моралните вредности не се мртви. Само замолчени и закопани под удобноста на секојдневниот компромис за она што најмногу ни е од корист.
Го пишувам ова не за да ве убедам или проповедам. Туку за да запишам дека некогаш постоеле сведоци.