Често ни се случува од сите страни да добиваме совети за тоа како да ги воспитуваме сопствените деца, а особено тоа се случува додека се помали. Секако, зборуваме за ситуации кога ниту сме побарале, ниту ни треба совет. Тоа го прават блиски луѓе, но понекогаш и личности кои не ги познаваме добро, но, ете сакаат да ни наметнат некое нивно мислење. Конфронтирањето не е секогаш добра идеја со овие личности. Ова се неколку фрази со кои на љубезен начин учтиво ќе им се заблагодарите за советите и ќе ја одбиете нивната „помош“.
- „Ценам колку се грижите за нашите деца, но ние сме задоволни од начинот на кој се грижиме за нив“.
Овој одговор ќе им даде до знаење дека ја цените нивната намера, но дека не ви треба совет и помош.
- „Многу размислувавме и читавме за родителството и навистина сме среќни со она што го научивме од тоа“.
Со овој одговор, им давате до знаење дека сте се информирале, лесно нагласувајќи дека сте читале, истражувале и размислувале за вашите родителски одлуки.
- „Пробавме различни методи и решивме дека тоа е она што најмногу ни одговара“.
Дајте им до знаење дека не сакате совет затоа што сте пробале различни стилови на родителство и најмногу ви се допаѓа овој.
- „Секое семејство е различно, а ова е најдоброто за нас“.
Изборот на поинаков пат во родителството не ве прави лоши родители. Разликите во воспитувањето честопати можат да доведат до тоа пријателите да ве осудуваат и да мислат дека тоа го правите погрешно. Важно е да им дадете до знаење дека не се сите еднакви и дека сте задоволни со патот што сте го избрале.
- „Сите деца се различни. Ова е начинот на кој моите најдобро реагираат“.
Секој родител е најдобриот експерт за тоа што им треба на неговите деца. Никој друг не може да ви каже што ќе правите и како ќе постапите во вашето воспитување.
- „Не грижете се, јас го можам тоа!“
Ако вашиот пријател или член на семејството сака да донесе родителска одлука наместо вас, ова е пристоен начин да му кажете: Не, благодарам!
- „Фала за советот. Ќе размислам за тоа“.
Ова им дава до знаење дека сте го слушнале советот и дека ќе размислите за тоа. Не сте го отфрлиле, а сепак со таа реченица ќе ја завршите секоја понатамошна дискусија.
Често луѓето ги нудат своите совети без воопшто да знаат зошто го прават тоа. Можеби поради некои лоши искуства од детството, можеби поради тоа што направиле грешки во воспитувањето или нешто трето. Слушајте, но, правете го она што Вие мислите дека е најдобро.