На Исланд, Божиќ има посебен мирис – мирис на нова книга и топла чоколада. Веќе со децении таму постои уникатна традиција наречена Јólabókaflóð, што во превод значи „поплава од божиќни книги“. Наместо класични подароци, Исланѓаните на Бадник си подаруваат книги, а вечерта ја минуваат читајќи ги новите изданија во семејна атмосфера.
Овој обичај се појавил за време на Втората светска војна, кога хартијата била еден од ретките ресурси што не недостасувал, па книгите станале најпрактичен и највреден подарок. Со текот на времето, традицијата се претворила во симбол на културата и заедништвото. Денес, Исланд е земја каде што 93% од населението чита барем една книга годишно, а половина од нив повеќе од осум.
Секоја година во ноември книжарниците испраќаат каталог со нови изданија во секое домаќинство, а семејствата со возбуда избираат кои книги ќе ги подаруваат. На Бадник, кога подароците ќе бидат отворени, сите се собираат со шолја топла чоколада и вечерта ја минуваат нурнати во светот на книжевноста.
Јólabókaflóð не е само обичај – тоа е културен феномен што ја зајакнува љубовта кон читањето, ги поврзува генерациите и создава незаборавни празнични моменти.
Додека кај нас празничната магија се сведува на новогодишни лудувања и бескрајни журки и пијанки, Исланд е една од земјите што уште го слави внатрешното богатство и вистинскиот дух на празникот.








