dejan kolumna makedonija

Пишува: Дејан Нашоку

Нашата чудесна Македонија е земја во која што кризата не е состојба, туку навика. Таа состојба не доаѓа како непријател, туку како сосед: тап, дебелокожен, безобразен, што ти влегува дома без покана.

Кога другите земји зборуваат за нас, тоа го нарекуваат политичка нестабилност. Ние тоа го нарекуваме вторник.

Партијата е новата црква. И секој обичен човек се движи меѓу два надежи: „Да не ме згазат“ и „Да ме примат“.

Државата? Не постои. Има само поголем број приватни империјалци со службени возила, кои со прст покажуваат кон Европа, додека со другата рака потпишуваат тендер за братучедот. Ние само си играме држава.

Кочани гореше. Не поетски, туку буквално, пламен до небото. Па дојде официјалниот одговор на системот: „Ќе разгледаме.“

Тоа е најстрашниот збор во Македонија. Се изговара како ветување, а во превод значи: „Ништо нема да направиме, ама дај да звучиме како да правиме.“

Во нашата држава нема систем, нема ред и закон. Во оваа држава нема соодветна канализација, секоја година снегот ги изненадува соодветните служби, има депонии на секој чекор во секој град, ама битно има барокни фасади кои изгледаат како порно од гипс. Имаме музеи што ги посетуваат само вработените. Споменици за кои сме заборавиле кого претставуваат, но памтиме колку коштаат.

Секој таканаречен „проект“ почнува со „во интерес на граѓаните“ и завршува во буџетот за нечии куќи, џипови и одмори во странство.

Нашето образование? Не е образование. Тоа е лотарија со дипломи. Децата не учат повеќе, туку учат како да копираат, да се снаоѓаат. А ако имаат некаков талент? Се пакуваат и заминуваат во странство, бидејќи талентот е алергичен на концесии, а концесиите се национален спорт.

Тука паметните не успеваат. Тука успеваат предавниците, кодошите и непотизмот. Дете со идеја е будала. Дете со татко на позиција е генијалец.

Нашиот менталитет е сведен на најниско ниво. Семејството ќе му каже на детето: „Работи, бори се, изучи школа.“. Но во следниот здив ќе речат: „Ама ако имаш врски, ќе ти биде полесно. Затоа мешај се со луѓето, за да имаш некаква корист.“

Парадоксот е како гангрена. Ги учиме нашите деца да не веруваат во себе, туку едноставно да бидат паразити.

Бирократијата? Тоа е еден долг коридор што не води никаде. Од шалтер на шалтер, од „За овде не си“ до „Оди во соба бр. 5“ додека не сфатиш дека „таму“ е само назад на почетокот.

А народот прашува: „Кој ни ја расипа државата?“ со прсти секогаш насочени кон другите луѓе. Кон политичарите, странците, историјата, судбината, Бог. Никогаш тој прст не покажува кон огледалото. Никогаш кон барем една мала вистина: ние ја донесовме државата до тука со мрзеливи компромиси и евтини изговори.

Гласаме за истите, се жалиме од истите, и повторно гласаме, не бидејќи веруваме, туку бидејќи на тоа сме навикнати.

Револуцијата што ни треба не доаѓа со транспаренти, не доаѓа со крв по улиците. Таa револуција не бара крв, бара одговорност. Бара прво да го скршиш сопствениот паразитски менталитет.

Секој во оваа држава има еден глас во главата што шепоти:
1. „Ајде и ти укради малку, па што? Сите крадат.“
2. „Ајде и ти оди преку ред, па што? Така се прави овде.“
3. „Ајде и ти клекни пред партија. Утре ќе ти треба услуга.“

Македонија е држава во која револуцијата не е уличен судир. Револуцијата е лична исповед пред сопствениот образ: „Доста е со изговори. Ќе почнам од себе.“

Еден народ нема да ја промени државата само со мирни протести. Промената ќе дојде кога народот ќе престане да ја храни со пари, страв и сервилност. Кога ќе престане да бара врски и да дава мито. Кога ќе престане да моли некого да го спаси. Кога ќе одбиеме да бидеме жртви на системот. Ако утре сите почнеме да му велиме НЕ на оној што бара 50 евра за печат, оваа држава ќе пропадне за 24 часа.

Вистинската револуција секогаш започнува со еден човек што престанал да бара изговори и почнал да бара што може да промени во огледалото. Никогаш со толпа, секогаш со поединец. И запамти, зборовите и идеите имаат огромна моќ. Затоа многу книги, слики и музика биле уништувани или цензурирани низ историјата на овој свет.

Во нормални држави партиите им служат на народот. Во Македонија, народот им служи на партиите. Партиите не ги гледаат на изборите како демократски процес, туку како жетва: да видат колку „свои“ им останале и колку „туѓи“ треба да купат, заплашат и уценат.

Партиите одамна не се идеологија. „Леви“, „десни“, „центар“ — празни етикети што се продаваат за време на избори, како попуст во супермаркет. Целиот политички разговор се сведува на евтини ветувања за асфалт, тротоари и фасади, како да зборуваме за добротворни акции, а не за нормални обврски на државата. Ни зборуваат дека ни направиле патишта, ни изградиле училишта, ни обновиле болници, како да ни подаруваат орган од сопственото тело, а не кажуваат дека сето тоа е направено со нашиот сопствен капитал.

Во секоја здрава држава патиштата не се подарок. Болниците не се услуга Образованието не е бизнис. Социјалната грижа не е милостина.

Тоа се основни функции, минимумот за едно општество да функционира нормално.

Но кај нас, секој асфалт, секоја спортска сала, секоја реконструкција на покрив или канализација се продава како историско постигнување. Како да изградиле нова цивилизација, а не да ја исполниле сопствената должност. И уште пострашно, ние навикнавме да им се заблагодаруваме за тоа. Да им се клањаме за работи што ги плаќаме со даноци. Да ги држиме како добродетели, како вистински „татковци на нацијата“.

Вистинската влада треба да прави работи што никој политичар во оваа земја не сака да ги спомне, како што се:
1. Реформа во здравството, каде пациентот не е бројка.
2. Образовен систем што создава знаење, а не дипломи.
3. Независно судство што не прашува „чиј е случајот“.
4. Државна администрација што служи на народот.
5. Инфраструктура што не е компромис меѓу асфалт и тендер.
6. Индустрии што создаваат работни места, вредност и квалитет, а не било каков вид на непотизам.
7. Ред.
8. Закони, а не услуги.

Затоа партиите тука не се партии, тие се феудални господари. Даваат леб и работа како да се милостиња, а не како механизам на систем што треба да служи на граѓанинот.

И најтажниот дел? Народот не се ни буни. Напротив, го прифаќа тоа. Со „мудрост“ што многумина ја делат: „Државава не се менува. Барем да искористам јас колку што можам.“

Ова не е нормален менталитет. Ова е родовска клетва. И се пренесува од генерација на генерација, како наследство што никој не го сака, но сите го чуваат.

Тоа е Македонија: не избор, туку навика.

А јас? Јас одамна престанав да барам патриотизам во изјави, реклами и фејсбук статуси. Го барам во дела. И во последниве години видов само едно дело што се повторува: луѓето бегаат. Бегаат од менталитетот што не јаде.

Ја убиваме нашата држава и сѐ она за кое што вреди да се бориме. Со евтини оправдувања, со мрзеливост и со предавнички аплауз за секој што ни фрла коска.

И знаете што е најтрагично? Што сето ова е од, повторно ќе нагласам, од навика. Навика на народ што не сака да живее подобро, туку сака некој друг да му го направи животот подобар.

И да, само во нашата држава постои изреката „Од лошо има полошо.“

И додека чекаме некој друг да се бори за нас, нашата држава ни гние во рацете. Со тивок мирис на пораз, како стар град што веќе нема народ, ама има статуа од 20 метри што никој не ја барал.

Интервју со Владанка Крстевски: Комедијата е најтешка за играње, но и најискрена
Публиката ја познава како водителка на емисијата „Качамак“, но Владанка Крстевски сигурно …
Бутин: Одбери ја силата што ќе те одведе до (не)нормалното – Њутнови закони
Сакаш да се движиш само по права рамна линија, и тоа по …
328754711 694221678922435 8366294321430530931 n

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…