Во галеријата на Бугарскиот културно информативен центар во Скопје беше отворена изложбата „Бисерите на Малиот битолски Монмартр” во соработка со Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” од Битола.

На настанот свои обраќања имаа амбасадорот на Република Бугарија во Скопје Желјазко Радуков, директорката на БКИЦ Скопје Антонија Велева како и Славчо Неделковски, претседател на УО на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” од Битола.

Воведните зборови беа на директорката на БКИЦ Велева. Во својот говор таа ги поздрави присутните и раскажа за самата изложба и нејзината важност и уметничка тежина како и соработката меѓу организацијата и институцијата низ изминатите три години.

Амбасадорот Радуков им посака успешна учебна година на децата од БНУ „Здравеј” и директорката Илијана Атанасова исто така го изрази својот воcхит од уметничките дела на учесниците во светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр”.




Славчо Неделковски, кој заедно со Елена Хаџи-Антоновска, ќерка на основачот Коста Хаџи-Антоновски и претседателка на студиото и на овие светски манифестации, се главните „виновници“ детската ликовна колонија да продолжува со своите активности, сподели детали од самиот процес на создавање на изложбата.

Неделковски се заблагодари на бугарското Министерство за надворешни работи, на Министерството на културата на Бугарија и на Фондација „Бугарска меморија” за помошта, која ја обезбедиле за да може оваа најстара детска ликовна колонија во светски рамки да продолжи да постои.
Неделковски од името на организаторите на „Мал битолски Монмартр” му додели признание за соработката на бугарскиот амбасадор Радуков и подари уметничко дело создадено за време на самата колонија на директорката на БКИЦ Антонија Велева.

Изложбата претставува селекција од 20 дела на 15 млади автори од различни држави, наградени на годишниот конкурс на cветската детска ликовна колонија, организирана од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” – Битола.

Патем oваа 2025 година во Битола, во периодот од 23 до 31 мај, учествуваа над 150 ученици – учесници од 18 држави. Во рамки на колонијата, тие секојдневно по осум часа цртаа мотиви од староградската архитектура на Битола и битолската стара чаршија – манастирска ахритектура традиционално трета година по ред во комплексот на манастирот „Свети Јован Бигорски” и архитектура од стариот дел на град Охрид.
На изложбата се вклучени дела на млади уметници од Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Израел, Индија, Турција [ Трабзон и Кајсери ], Малезија, Полска, Србија, Словачка, Република Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора и Чешка a гости имаше и од Романија и Русија во сегментот на жири комисија и мастер класови.
Настанот е дел од успешното реализирање на 44-то издание на cветската детска ликовна колонија, финансирана и од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија преку програмата “Оперативна помош за развој” за Република Северна Македонија.
Раководителите на ДЛС “Свети Кирил и Методиј” Битола со директорката на БКИЦ Скопје воедно имаа и работна средба за идни активности за младите ликовни уметници од Скопје и членови на студиото.








