Да бидеш Македонец денес, не значи да припагаш на географска територија именувана како Македонија, туку во себе да носиш одредени вредности, културни традиции и лична свест. Не зборувам дека треба да знаеш кога да споделиш знаме, икона на социлните мрежи или некаков друг симбол на оваа напатена земја, тука зборувам за свесноста за македонската историја, култура, јазик и обичаи, но и способност да се прилагодиш на глобалниот контекст и да ги почитуваш различностите. Истовремено да бидеш Македонец значи и активно учество во формирањето на модерното македонско општество – општество кое се стреми кон демократија, слобода и социјална правда за сите.
На крајот на краиштата во оваа ера на промени, брз живот, да се биде Македонец е предизвик. Тоа значи да бидеме дел од процесот на континуираната трансформација која нè демнее секој нов ден, а е проследена со умерен баланс на богатата традиција со предизвиците на современиот свет.
Денес, светот е како еден цртеж на старо парче хартија на кое јасно се гледаат сите црти, а некои се малку бледи. Доколку погледнеме од историска призма, светот е повеќе поврзан отколку некогаш, а границите меѓу различните култури и нации се помалку јасни. Глобализацијата полека го зголемува својот данок, односно има свој ефект и на македонскиот идентитет, кој сè повеќе се обликува во контекст на мултикултурализмот и глобалната мобилност. Ние сме новата генерација, двигателите на новата ера на промените кои треба да се случат. Со текот на времето учиме многу приказни, наше е да одбереме во што ќе веруваме и да продолжиме да чекориме напред со крената глава. Повеќе од јасно ни е дека новите генерации растат во свет каде идентификацијата со национални или културни категории не е секогаш еднозначна.
Еден од најважните аспекти на македонскиот идентитет е јазикот. Несомнено, на пиедесталот на сите историски факти стои македонскиот јазик. Многу е важно да знаеме дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и симбол на национална припадност. Без разлика дали живееме во Македонија или некаде надвор, говорењето на македонскиот јазик е начин на врзување за наследството, културата и традициите. Колку и да не сакаме, факт е дека, македонскиот јазик бил и ќе остане темел на националната свест и извор на гордост.
За да се разбере суштината на тоа што значи да се биде Македонец во денешно време, важно е да се погледне низ аголот на историјата. Имаме богата историјата, иако е полна со подеми и падови, таа е двигателот за да се формира силен национален идентитет, кој е тесно поврзан со борбата за самостојност и опстанок. Повеќе од јасно е дека нашите корени, односно македонскиот идентитет го испишал со златни букви своето име во античката историја, преку наследството од Александар Велики и старите Македонци, а истовремено е обликуван и од значајни настани во новата историја – како Османлиското владеење, балканските војни и поразот на Југославија…
Фактот дека ние сме Македонци и покрај сѐ, нема да го победи ни ова (не)време на брзи промени, со променливи геополитички и социјални услови, прашањето што значи да бидеш Македонец добива нови димензии.