Антистресните боенки за возрасни станаа многу популарни во последните неколку години, особено за време на ковидот. Возрасните веќе не се срамат да признаат дека понекогаш сакаат да бојат, а доказите за психолошките придобивки од боењето се многу поголеми од помислата „што ќе речат луѓето“.
Она што ги прави боенките за возрасни различни од детските боенки е тоа што нивните мотиви се подетални и покомплексни и затоа бараат поголема концентрација и фина координација на рацете. Цртежите се исто така посериозни и потсетуваат на стилот што се гледа во стриповите и луксузните сликовници. Понекогаш мотивите се апстрактни, понекогаш се тоа орнаменти, обрасци или пак мандали.
Се разбира, тоа не значи дека децата (особено оние малку постарите и посклони кон уметничко изразување) не можат да ги користат овие боенки. Заедничкото боење на масата во кујната може да биде пријатно поминато време за родителите и децата, без разлика дали ги бојат истите мотиви или пак секој да го бои својот.
Зошто се корисни боенките за возрасни?
Мотивите за боење имаат сличен ефект како и црткањето (Doodling).
Фините движења на рацете потребни за боeње мали површини бараат доволно концентрација за да нè одвлечат од секојдневните проблеми, но во исто време тоа е многу релаксирачко.
Сличен ефект имаат и плетењето, хеклањето, таписериите и другите ракотворби кои нашите мајки и баби ги практикуваа во вечерните часови пред да ги имаме Netflix, Facebook и Candy Crush.
Психолошките истражувања (најчесто спроведени на студенти) покажуваат дека кај луѓето кои после стресни ситуации поминуваат околу 20 минути во боење боенки (најчесто мандали), нивото на стрес значајно се намалува.
Овие ефекти се краткотрајни, па најдобро е да започнете со боење веднаш по некој стресен настан или на пример после работа за да се опуштите по напорниот ден.
Но, постојат и други долгорочни ефекти кои го прават боењето корисно:
- Ја подобрува фината координација на рацете.
- Развива чувство за комбинирање на бои (што помага при изборот на комбинации на облека и украсување на домот и градината).
- Го намалува времето поминато пред трепкачките екрани, со што има поволен ефект врз здравјето на очите и циклусот на спиење.
- Тренира трпение, бидејќи е потребно долго време да се обои целата страница.
- Обезбедува чувство на постигнување некоја цел по секоја завршена слика.
Сè на сè, доволно причини ова да го сметате за потенцијално ново хоби!
Затоа, побарајте на интернет, испечатете, или пак едноставно побарајте во книжарниците. Купете си дрвени боици, фломастери или мрсни боици и наместо да седите на Facebook, почнете поинаку да го поминувате слободното време.