Пишува: Сара Трајчевска, магистер по Односи со јавност и интеркултурен развиток
Специјалистот по односи со јавност, односно како што го знаеме и ПР експертот, независно дали се работи за државна институција, организација или приватна установа, е должен да јго негува угледот на истите, да развива правилен менаџмент, во и надвор од овие институции и да развива стратегии за задржување на добрата слика на установата, која константно ѝ ја презентира на јавноста. За оваа професија постои цела наука, која бара посветеност, истрајност, работа и професионалност, како и секоја друга.
Во денешно време, односно во 21-от век, често гледаме личности кои ја носат титулата на ПР, а во суштина немаат никакви подлабоки предзнаења или професионализам во работата која ја работат. Презентираат брендови, фирми, државни или приватни институции, а никогаш претходно не навлегле во длабочината на матријалот кој служи за градење на специјалист по ПР и менаџментот на институциите и компаниите, при користење на комуникациска стратегија помеѓу една организација и нејзината публика.
Задачата на еден ПР е да ја одржува довербата, како онаа на вработените во институцијата, организацијата, брендот или установата, за која е задолжен да ја презентира, така и градењето на доверба кај сите оние кои се во допир со истата. Користејќи ги инструментите за комуникација, ПР-от е личноста која ја негува, одржува и работи на довербата, во и надвор од институцијата.
Најголемото прашање за кое ПР-от е задолжен да го пронајде одговорот е како да ги направи членовите на институцијата/компанијата, односно групата на луѓе кои работат за иста цел, да имаат доверба еден во друг, да се искрени и навистина да работат за да постигнат заеднички добар резултат, со тоа што тотално и целосно ќе ги игнорираат своите лични интереси и цели.
За да го запазиме фунционирањето на една институција, организација, компанија, или бренд, а воедно и подобро да ја разбереме позицијата на ПР, односно организаторот на односите во и надвор од една институција, потребно е да го погледнеме познатиот модел на Хиршман (1970), американски социолог кој се потрудил да докаже дека доколку во едно општество или институција степенот на незадоволство станува неподнослив, поединците ја активираат или стратегијата за излез (exit), или, ако се до висок степен лојални на компанијата или општеството, ја користат стратегијата за изразување на незадоволството, со тоа што гласно ги изразување своите незадоволства (voice). На нашите простори, иако слободата на говор е моќна алатка и условите за слобода на говор се институционализирани, сѐ уште се случува, поединците да не си го изразуваат своето мислење и незадоволства. Често изразувањето на фрустрациите се случува во ограничен и приватен простор. Затоа ПР-от е човекот кој често знае да ги препознае мимиките, гестовите, однесувањето и комуникацијата на поединците во инстутицијата и негова должност е во моменти на криза да дејствува со соодветна стратегија за доброто на институцијата.
Довербата е исклучително важен социјален ресурс и агрегатор на граѓанската солидарност. Доброто управување и правилно развиениот менаџмент во комуникацијата води до зголемување на довербата, како во рамките на една институција, така и во односите со трети лица. Кога луѓето можат слободно, отворено и добро да комуницираат на работното место, со помош на политиката која ја развива ПР-от, пошироките цели на институцијата добиваат капацитет да бидат реалистично постигнати, а не само напишани за формалните извештаи.
ПР специјалист не е само професија на реклама и објавување на фотографии по социјалните мрежи, снимање и т.н. ПР-от е поединка која има капацитет и е образована да ги идентификува и решава комуникациските проблеми кои се појавуваат, но и да организира комуникациски настани и разновидни кампањи, како и брзо реагирање во ситуации на кризи.
Сара Трајчевска дипломира како еден од најдобрите студенти по новинарство на Универзитетот „Овидиус” во Констанца, Романија, каде ги заврши и магистерските студии по Односи со јавност и интеркултурен развиток.