Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола традиционално, првиот викенд од септември, по 59-ти пат ќе ја започне школската 2026/2027 година за своите стари, но и нови членови.
Уписите во Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, согласно просторните можности и програмата, ќе се реализираат на 5 и 6 септември, од 10 до 15 часот, во просториите на Детската ликовна галерија „Монмартр“, во срцето на старата битолска чаршија.

„Нема пишано правило, но повеќе е традиција првата школска недела да им ја оставиме на учениците и родителите за да се организираат со формалното образование, а ние својот почеток го означуваме првиот викенд од септември. За оваа школска 2026/2027 година тоа се 5 и 6 септември, односно сабота и недела, кога сите наши поранешни и идни членови се запишуваат за претстојниот период.

Особено сме радосни што во изминатите шест години бројката од 30–40 ученици се искачи до 180 членови. Сепак, природно беше да се изврши и селекција според талентот и самата детска желба, која на таа возраст е променлива категорија. Така, бројот се фиксираше на околу 100 наши активни членови кои работат во соодветни групи, во просек три пати неделно.
Редовните часови се одржуваат во сабота и недела, од 10 до 15 часот, за сите членови, додека средношколците доаѓаат и во среда – пред или по часови – со цел да ги завршат започнатите цртежи за еден од 55-те светски детски ликовни конкурси на кои учествуваме во текот на една школска година.

Студиото работи целосно самостојно, што е голем предизвик, но менаџираме заедно со родителите. Оваа година, со свои средства, направивме поголема набавка на работни материјали. Учениците мора да ги имаат сите услови за работа, а наша задача е да ги создадеме, како знаеме и умееме“, – истакна Славчо Недековски од ДЛС.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола како организација работи на нега, оценување и промоција на детскиот ликовен талент веќе 59 години. Ако се земе предвид и активноста на основачот, професор Коста Хаџи-Антоновски, тоа претставува над 65 години непрекината дејност.
„Студиото работи во текот на целата година. Со нашите членови тоа е периодот од септември до мај, по што правиме пауза за „Мал Битолски Монмартр“. За време на летниот распуст, пак, работиме на посебни теми со нашите членови или организираме детски ликовни колонии во Македонија и светот.

Во текот на една календарска година имаме и сопствени изложби од колониите, бидејќи сметаме дека тоа е визијата која ја имаше мојот татко – цртежите од „Мал Битолски Монмартр“ да бидат прикажани низ целиот свет. Особено сме горди и што колониите продолжуваат.
Програмата е обемна, но важно е што не ја забораваме примарната дејност на Студиото. Доколку пред пет години нашите членови освојуваа околу 100 награди годишно, во учебната 2025/2026 година постигнавме репрезентативна бројка со 400 освоени награди на скоро сите релевантни светски детски ликовни конкурси – од над 30 земји во светот: од Кина, Јапонија и Индија, преку Турција, Русија и Белорусија, па сè до Полска, Чешка, Германија, Португалија, Франција и земјите од Балканот, и тоа Србија, Албанија, Бугарија, Словенија…“, – нагласи Елена Хаџи-Антоновска од ДЛС.








